Технологија за мене, но не и за нив

Капитализмот се заснова на конкуренција. Меѓутоа, во практика, овој суштински принцип често се нарушува, бидејќи амбициозните капиталисти природно ќе настојуваат да ја елиминираат конкуренцијата и да обезбедат водечка позиција на пазарот, од која потоа ќе можат да ги држат настрана новите потенцијални конкуренти. Успехот, во оваа смисла, може да ве направи богат и да ве етаблира како визионер; но исто така може и да направи другите да ве мразат и да се плашат од вас.
Оттука, Кина, како една од веројатно најуспешните пазарни економии во дваесет и првиот век, води војна против сопствените технолошки гиганти, особено преку „исчезнување“ на коосновачот на „Алибаба груп“, Џек Ма, од јавната сцена, откако ги критикуваше кинеските финансиски регулатори.
Во исто време, Европејците длабоко загрижени дека им недостига сопствен сектор за големи технологии (биг теч), се фокусираа на спроведување (антимонополски) политики за ограничување на моќта на гигантите како што се „Гугл“ и „Епл“. И во Соединетите Американски Држави политичките сојузи за големи технологии (во тие рамки и „разбудената“ левица и „црвената“ десница) станаа главни фокусни точки на штетните културолошки војни што се водат во земјата.
Сосема е природно да водиме сметка за пазарната моќ и за политичкото влијание на таквите огромни (и огромно важни) корпорации. Тоа се компании што можат сами да одлучуваат за судбината на голем број мали земји, па дури и за земји со средна големина. Голем дел од дебатата за влијанието на корпорациите е доста академски. Но во Украина не е така, каде што технологијата од приватниот сектор одигра одлучувачка улога на бојното поле во текот на изминатава година.
Благодарение на сателитската интернет-услуга на Илон Маск, Украинците можеа да комуницираат во реално време, да ги следат движењата на руските трупи и радикално да ја подобрат прецизноста на нивните напади врз непријателски цели (со што се заштедува скапоцена муниција). Без „Старлинк“, одбраната на Украина веројатно немаше да биде успешна.
Но со оглед на каприциозноста на потенцијалните корпоративни диктатори, таквите технолошки зависности се инхерентно ризични. Минатиот октомври Маск го искористи тоа што е сопственик на Твитер за да организира виртуелен „референдум“ во врска со половичниот мировен план со кој Крим би ѝ бил отстапен на Русија. Кога украинските дипломати се спротивставија, тој жестоко се закани дека ќе го прекине „Старлинк“ (и некое време пристапот навистина беше оневозможен во спорните области).
Парадоксално, новата дебата во врска со моќта на корпорациите се случува во време кога се интензивира конкуренцијата помеѓу технолошките компании. По својата природа, радикалните технолошки промени воведуваат радикална неизвесност, особено за постојните корпорации и деловни модели. Новите откритија во вештачката интелигенција, кои очигледно ќе значат трансформација, би можеле да ги направат застарени дури и најмоќните технолошки гиганти доколку тие не успеат да фатат чекор со иновациите.

До оваа година, доминацијата на пребарувачот Гугл во сопственост на компанијата „Алфабет“ беше несомнена, сега таа услуга одеднаш се соочува со ризик да биде претекната од „ОпенАИ“/ЧетГПТ на „Мајкрософт“. Фејсбук и Твитер порано се сметаа за незаменливи платформи за социјални мрежи, сега нивното место брзо го заземаат други платформи, како што е Тикток.
Ваквиор развој на настаните не е нешто што треба да нè изненадува. Во аналите на деловната историја се забележува дека неуспехот е многу почест отколку трајниот успех. Се сеќавате на „Кодак“? На таа компанија почна да ѝ се гледа крајот кога не успеа да се приспособи на појавата на дигиталната фотографија. Најстарите компании во светот се оние што работат во локализирани и нетехнички дејности, кои не зависат од мода што е минлива. Освен ако не сте зазеле таква ниша (како што е јапонски производител на саке или производител на вино од Тоскана), вие не сте на сигурно.
Соочени со постојаната закана за нивното постоење, големите компании генерално имаат на располагање две стратегии. Првата е да се блокираат или доведат до проблем понатамошните иновации, со тврдење дека тие ќе бидат опасни и дестабилизирачки. На пример, во дваесеттиот век, големите железнички компании агресивно лобираа против побарувачката за автопатиштата на производителите на автомобили.
Денеска влогот е многу поголем, а реториката е „понадувана“. Некои водечки луѓе во светот на технологијата предупредуваат дека без постоење на строги регулативи за вештачката интелигенција, најновите иновации во дејноста би можеле да доведат до распад на цивилизацијата. Ова беше една од пораките на писмото за мораториум на ВИ што беше во широка циркулација и беше потпишано од истражувачи на вештачка интелигенција и водечки лица во технологијата, како што е Маск, за кого подоцна се откри дека има инвестирано во нов стартап што ќе му биде конкуренција на „ОпенАИ“.
Според овој наратив, денешниот брз напредок може да доведе до општа вештачка интелигенција, која е толку моќна и толку непредвидлива што човештвото несвесно би можело да потпадне под нејзина милост. Писателите на научна фантастика (и некои филозофи) долго време ги искажуваат таквите сценарија. Ако на суперинтелигенцијата ѝ дадете задача да ја заштити животната средина, таа може да одлучи дека очигледното решение за тоа е да се елиминира причината за проблемот, а тоа се луѓето.

Втора можност би била вештачката интелигенција едноставно да ја извршува својата задача толку мономаијакално што едноставно би била незапирлива, како во песната „Чиракот на волшебникот“ на Гете. Ваквите аргументи се одраз на општото расположение на анксиозност, кое е карактеристично за секој период на брзи промени. Примерот со луѓето што кршеа машини во деветнаесеттиот век (лудисти) секогаш има одредена романтична привлечност.
Втората опција за анксиозната технолошка елита е таа да побара заштита од државата така што ќе се повикува на ризици поврзани со националната или економската безбедност. Заменик-претседавачот и претседател на „Мајкрософт“, Бред Смит, на пример предупредува дека, со оглед на тоа што обуката на системите за вештачка интелигенција бара огромни инвестиции, навистина има само неколку институции што можат да го направат тоа, а меѓу нив се главни кинеските институции, како што е Академијата за вештачка интелигенција во Пекинг.
Овие две стратегии подразбираат формулирање наратив што ќе може да обезбеди политичко отстапување во однос на пазарната конкуренција. Компаниите што се инхерентно загрозени од ова (затоа што се ангажирани во големи работи кај кои резултатите се непознати) секогаш ќе се повикаат на политичките процеси во големите земји со цел овие да ги заштитат.

Без разлика дали со додавање регулаторни пречки за оние што се појавуваат на пазарот или преку воведување бариери насочени против конкурентите од странство, тие сакаат да го зачуваат статус квото.
Сите овие природни тенденции се нешта што треба да ги имаме предвид, особено сега, кога пандемијата и растечките геополитички тензии создадоа и создаваат нов поттик за технички иновации. Како и секогаш, технолошките промени ќе бидат исклучително вознемирувачки и ќе создаваат нови победници и губитници.
Повеќето од оние што ги коментираат таквите промени (и заинтересираните страни) неизбежно ќе стават акцент на опасностите. Иронично е, но не и ново, тоа што новиот наратив на технопесимизмот најгласно е промовиран од оние што беа предводници на вчерашните иновации.

(Республика.еду.мк)