Последните немили настани во Белград се повод за разговор со проф. д-р Розалина Попова-Коскарова, редовна професорка на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, која со свои трудови има учествувано на научни конгреси во Србија, Бугарија, Хрватска, Турција, Унгарија и Словачка. Таа е авторка на учебниците „Општа педагогија“, „Стратегии, техники и модели за успешно менаџирање во одделението и класот“, „Комуникација во туризмот“ и други
ИНТЕРВЈУ СО РОЗАЛИНА ПОПОВА-КОСКАРОВА, ПРОФЕСОРКА ПО МЕТОДИКА НА ВОСПИТНА РАБОТА
Последниот инцидент во Белград со масовно убиство на повеќе деца ја потресе целата регионална и домашна јавност. Клучните прашања што се наметнуваат е дали тоа можело да се спречи? Чија е одговорноста? Каде затаиле наставниците и стручната служба во училиштето? Каде е одговорноста на родителите (и уште многу, многу зошто)?
– Да, состојбата во која се наоѓало детето не се создава прекуноќ. И како никој (од училиштето) не забележал дека детето има некакви проблеми, кои се манифестираат преку целокупното однесување. Затоа што целосно сме свртени кон оценки, кон знаење, кон образовната компонента, а на воспитната, целосно забораваме. Но во ова дигитално време, кое можеме да го окарактеризираме како дигитална зависност, разговорот, дискусијата, човечкиот пристап, насмевката, реченицата од типот „Тука сум за тебе кога ќе сакаш да разговараме“,‘ се работи што не се поврзани со знаењето, туку со воспитната компонента, која, за жал, во нашите училишта е оставена на маргините или, како што велам во моите обуки што ги држам по училиштата, слободно можеме да прогласиме алармантна криза, вистински колапс на воспитната функција во нашите училишта.
Дали образовниот систем генерално ја заборави воспитната компонента? Во трката по оценки, се заборава на воспитувањето и изградбата на здрави личности?
– Иако училиштето е воспитно-образовна институција, голем број наставници својот позив го сфаќаат многу еднострано, во смисла дека пренесувањето и утврдувањето на знаењата претставуваат најважната и единствена задача на училиштето. Од друга страна, пак, непроценлива е улогата на наставниците во развивањето на вредностите и реализирањето на воспитната компонента. Најважно е наставникот да биде свесен дека неговата работа не се состои само од пренесување знаења, тоа на денешниве деца им е на дофат преку дигиталната технологија, туку и да воспитува. Друга работа на која треба да внимаваат наставниците е нивната комуникација со учениците. Сите ние можеме да се потсетиме на зборови што ни биле упатувани од страна на одделни наставници, од типот: „Од тебе ништо нема да биде“, „Ти си секогаш последен“, а за жал сѐ уште има и упатување погрди зборови: коњ, магаре, коза, дрво на дрво и сл. Овие изрази нема да го направат ученикот подобра личност, но ќе бидат запомнети во детската глава како непријатни сцени од училишните клупи.
Со учениците треба да се разговара за проблемите, да се слушне нивното мислење, а не само да се наметнуваат решенија, бидејќи секое наметнато решение значи дека одговорноста ја преземаат возрасните (наставниците/родителите) и не се развива одговорност кај учениците. Затоа, многу поадекватно е да има заедничка соработка и заедничка комуникација, отколку наметнување решенија што учениците нема да ги почувствуваат како свои. Затоа секогаш препорачувам да се одвои време од часот или да се посвети цел час на дебати, дискусии за прашања што ги интересираат, но и за прашања што наставникот спонтано ќе ги наметне или, пак, ќе ги стави во хипотетички ситуации да размислуваат за одредени проблеми, но и преку нив ќе можат да градат емпатија, да решаваат одредени животни проблеми, да даваат свое мислење, да градат ставови и да развиваат вредности. Денешните ученици не сакаат само да слушаат, туку и да бидат слушнати нивните мислења и ставови. Така, низ содржините, истовремено ќе се реализира и воспитната компонента.
Со оглед на тоа дека наставникот е најголем пример за своите ученици, тој особено треба да биде внимателен што објавува на социјалните мрежи, бидејќи негови фејсбук-пријатели се родители на учениците, а многу често и самите ученици. Несоодветни објави, говор на омраза, популарното наречено хејтање и слично, како и несоодветни фотографии не смеат да бидат објавувани од страна на кој било наставник. Ако излеземе од кожата на наставникот и влеземе во кожата на родителот, сигурно дека нема да не нѐ засега кој ни ги воспитува нашите деца, гледајќи или читајќи објави што имаат несоодветна содржина.
Каква е улогата на родителите и на семејството во воспитувањето на младите генерации?
– Во условите на современото семејство, кое според бројот на членовите што го сочинуваат е микросемејство, се случуваат големи турбуленции во тој поглед. Заедничкото живеење само на родителите и децата, вработеноста на двајцата родители, зголемениот број на разводи, урбаните промени и слично имаат силно влијание врз остварувањето на воспитната функција. Сѐ појасно станува дека таа функција многу потешко се остварува во современото семејство, отколку во некогашното традиционално семејство. Помниме едно време кога семејството секојдневно се собираше на ручек во точно определено време, кога постоеше голема почит меѓу членовите на семејството, кога за проблемите се разговараше на маса, кога вредностите беа водилка по која се воспитуваа младите генерации. Одамна не е така.Сликата за една дневна соба во која седат на пример мајка, татко и две или три деца е следнава: сите се заедно, но секој со мобилните телефони или друг електронски уред пред себе. Заедно, а всушност одвоени.
Како да се надмине состојбата, којa e очигледно алармантна, и како да се спречат и превенираат вакви немили настани во иднина?
– Прво, разговор со родителите, особено за време на родителските средби, но и на индивидуалните да посветуваат повеќе време на своите деца, бидејќи недостигот од внимание предизвикува лоши последици кај нив. Љубовта на децата не се купува со пари, туку со грижа и разбирање за нивните проблеми, разговори, едноставно со доволно внимание. Да се остават мобилните телефони дома, да се покажат грижа и разбирање едни со други.
Второ, соодветна обука на наставниците и нивно оспособување за успешно реализирање на воспитната функција. Современото општество бара современ наставник, кој колку што успешно ќе образова, исто толку успешно и ќе воспитува.
Трето, што побрзо донесување стандарди за воспитно дејствување, по примерот на многу земји во светот.
БИРО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО
Унапредување на менталното здравје – дел од наставата
По немилите настани во Србија и сѐ погласниот повик во јавноста за потребата и грижата за менталното здравје, се обративме и до Бирото за развој на образованието. Оттаму велат дека како образовна институција, која се грижи за воспитно-образовниот процес, еднаква важност ѝ се посветува како на образовната така и на воспитната компонента, а во рамките на наставните програми од соодветни наставни предмети се вклучени содржини во насока на унапредување на менталното здравје и добросостојбата кај децата и младите.
– Со националните стандарди за основното образование, донесени со новата концепција, се определени компетенциите што треба да ги стекнат учениците до крајот на основното образование, групирани во осум подрачја, меѓу кои и подрачјето за личен и социјален развој. Подрачјето определува компетенции што овозможуваат сопствено осознавање и развој на физичките, когнитивните, афективните и социјалните аспекти на добросостојбата. Развојот на овие компетенции обезбедува формирање зрели, активни и одговорни личности, кои се подготвени за справување со предизвиците на секојдневното живеење што се јавуваат пред секој човек како поединец и како припадник на потесни и пошироки општествени групи – велат од Бирото за образование.
Оттаму додаваат дека стручните соработници во училиштата во рамките на своите надлежности и програма за работа третираат теми од областа на металното здравје (како на пример развивање чувство на емпатија, изразување емоции, врсничко насилство, слика за себе и сл.).
– Бирото за развој на образованието во соработка со УНИЦЕФ, заедно со стручни соработници од основните и средните училишта, изминатиот период работеше на унапредување на Програмата за советување на учениците во основните училишта и нивните родители/старатели. Програмата има цел да се унапреди добросостојбата на учениците и да им се помогне да ги постигнат резултатите од учењето предвидени со наставните програми, преку континуирана поддршка на учениците и соодветно вклучување на родителите/старателите. Во соработка со УНИЦЕФ, од септември минатата учебна година започна со активности за унапредување на менталното здравје и добросостојбата на децата и младите. Во рамките на овие активности беа обучени 40 стручни соработници (психолози, педагози, специјални едукатори и рехабилитатори), кои на крајот на минатата и почетокот на оваа учебна година спроведоа десиминација на преостанатите стручни соработници од сите основни и средни училишта во Македонија – велат од Бирото за образование.
Притоа оттаму додаваат и дека сѐ почестите појави на нарушување на менталното здравје и сериозноста на ситуацијата секако налагаат многу повеќе инвестиции и услуги за менталното здравје и психосоцијална поддршка за сите деца, адолесценти и нивните семејства, поддршка за семејствата преку програми што промовираат позитивно родителство, грижа и секако промена на наративот за перцепцијата на негата на менталното здравје.