Во текот на следните денови, „Нова Македонија“ ќе го објавува фељтонот „Потрага по корените на Горан Стефановски: Домот е таму каде што боли“ од Иван Антоновски. Во неколку продолженија ќе се објават многу сведоштва, архивски материјали и информации што за првпат ќе се претстават пред пошироката јавност. Но и ќе се отворат мноштво прашања што упатуваат кон нови исчитувања и анализи на драмите на нашиот Горан. Напишаното во фељтонот е резултат од истражување за семејните корени на култниот драмски автор и есеист, но со него потрагата по корените на Стефановски и притоа откривањето на дел од она што е скриено зад текстот во неговиот опус штотуку започнуваат. Можеби ќе успееме докрај вистински да ги разбереме пораките на Горан за преселбите и корените…
Потрага по корените на Горан Стефановски
Корените на родот на Горан Стефановски се од селото Ербеле, во денешна Албанија
„Сè се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот. Хенинг Манкел еднаш напишал: ’Може да имате повеќе од еден дом. Можете да си ги понесете корените со себе, и да решите каде ќе растат’.“
Оваа е една од пораките на Горан Стефановски во неговиот тестаментален есеј „Искрата што се измолкнува“. Една од неговите пораки што со секое навраќање кон овој текст одново ме поттикнуваат на размисли за корените, за домот, за животот… Оти со неа како да е кажано и нешто што е скриено зад напишано. Затоа ме поттикна и на размисла за неговите корени. Од каде се корените на Стефановски? Оние што биле понесени да растат во скопското, Гораново и наше Дебар Маало каде што неговиот дедо Стрезо изградил семејна куќа. Онаа во која се случува една од приказните преку кои Горан го претставуваше својот личен идентитет – со сеќавањето за куќната слава Свети Никола, во домот на баба му Алтана и дедо му Стрезо, кога таму, заедно со неговото семејство се и чичковците Круме, Иван, Миле и Ристо, стрините, братучедите, соседите и пријателите. Дали во она што е кажано, ама скриено зад напишаното во овој дел од „Искрата што се измолкнува“, има и некоја интимна, семејна историја за миграцијата во просторот и времето?
Каде е домот на Стефановски што му претходи на оној во Дебар Маало? Оти нели: „Домот е таму каде што боли“… Дали носењето на корените со себе од едно до друго место е дел од генетскиот код на Стефановски, па затоа беше една од тематските преокупации на нашиот Горан и пред да започнат неговите лични преселби? Дали затоа клучните ликови во драмата „Тетовирани души“ се именувани Стрезо и Алтана, а покрај нив е и ликот Војдан, именуван со името на книжевниот татко на Горан – Чернодрински? Дали преселбите и потрагата по „дома“ се судбинско наследство на Стефановски од една на друга генерација, па затоа и за своите лични селидби, Горан чувствуваше потреба толку многу да пишува и запишува?
На дел од овие размисли, се чини ме поттикна и самиот Горан, со некои од претходните свои дела и кажувања, како што е и писмото до неговата внука Калина, во кое напиша: „Сè е твое! / И строгата и проста македонска песна / На твоите предци знајни и незнајни / Везот дебарски на Алтана и каменот ѕидарски на Стрезо / И тие сега се твои / И претставите што ги режираше прадедо ти Мирко / И улогите во кои играше прабаба ти Нада / Твоја е магијата на чичко ти Влатко, ем електрична, ем акустична / Сè е твое!“ И во тестаменталниот есеј „Искрата што се измолкнува“ сподели: „Дедо ми Стрезо беше мајстор ѕидар, кој во времето на Првата светска војна минал седум години како печалбар во Влашка, во денешна Романија. Тој беше човек што, како сите мажи од неговата генерација, бил печалбар, и потоа се вратил дома и ја изградил семејната куќа во која се родил татко ми.“ Поради дебарскиот вез на Алтана и ѕидарскиот камен на Стрезо, кои сега се на Калина, потрагата по разрешницата на дилемите се чинеше дека треба да се насочи кон дебарскиот крај. И очекувано, оти скопското Дебар Маало е настанато во првите децении на 20 век кога на неговиот простор се населуваат Македонци прогонети од Дебарско Поле, кои своето ново место на живеење го нарекле според името на етнографскиот предел од каде што дошле. Самиот Горан има запишано дека првата куќа во Дебар Маало, најверојатно, е изградена од Танче млекарот во 1910 година, а дека меѓу неа и Офицерскиот дом имало само едно пусто поле, па во зима, луѓето навечер се враќале во групи за да не ги изедат волци. Но на која страна на денешната граница да се насочи потрагата по местото од кое корените на Стефановски се понесени во Дебар Маало – македонската или албанската?
Патоказот ми го покажа сопругата на Горан, Патриша Марш Стефановска, со информациите споделени во 2020 година, токму на неговиот роденден – 27 април. „Баба му Алтана и дедо му Стрезо биле од Ербеле, сега селото Херебел во Албанија, преку планината карши манастирот ’Св. Јован Бигорски‘, каде што оделе за манастирската слава секоја година. На Горан особено му значеше тоа што важен старословенски средновековен ракопис е најден во селската црква, што докажува дека селото имало значајно словенско православно наследство. Го посетивме Ербеле пред неколку години и ги видовме урнатините на куќите на Алтана и на Стрезо. Дедо му бил прогонет од селото, гол…“. „…Во Скопје дошол со помош на сонародници од родниот дебарски крај. Бил мајстор ѕидар и ја изградил една од првите куќи во Дебар Маало. Иако Горан е роден во Битола, каде што татко му Мирко бил директор на театарот, имал две години кога семејството се преселило во Прилеп, каде што е роден брат му Влатко (Владимир – заб. моја). Ми се чини, Горан имал десетина години кога дошле во Скопје…“.
И така, потрагата започна – не само по селото Ербеле (денес: Хербел, како што селото било именувано и во текот на османлиското владеење на Балканот), кое денес е дел од општината Маќелара во Албанија, туку и по приказната за предците, за Стрезо и Алтана и за нивната преселба – онаа приказна поради која се чини Горан размислуваше за миграцијата во просторот и времето и пред лично да ја искуси.
Белешка на авторот
При подготовката на овој текст се користени и материјали од приватната архива на семејството Стефановски и од монографија за Ербеле во ракопис, чиј автор е посветеникот на историјата на ова село и на семејствата што потекнуваат од таму, Спиро Дука, братучед на Горан Стефановски од родот на неговата баба Алтана. Изразувам неизмерна благодарност до Патриша и Игор Стефановски (сопругата и синот на Горан Стефановски), како и до г. Дука, за овозможените материјали. Севкупните материјали ќе бидат опфатени со натамошното истражување со кое ќе продолжи потрагата што започнува со прашањата отворени во и меѓу редовите на текстов.
Поттикот за потрагата по корените на Стефановски е пораката упатена при објавувањето фрагмент од негов есеј во превод од македонски на албански јазик, од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) во соработка со македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Иван Антоновски
(Авторот е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ)
Продолжува