Фото: Игор Бансколиев

За да се обезбеди еднаквост на гласот, законодавството треба да предвидува периодична ревизија на границите на изборните единици од страна на независно тело. Редефинирањето на границите на изборните единици треба да се прави навремено, транспарентно, непристрасно и инклузивно, со јасна и доследна методологија, порачуваат ОБСЕ /​​​ОДИХР, Венецијанската комисија и други влијателни меѓународни институции. Политичките субјекти во државата постојано се залагаат и ветуваат промени во Изборниот законик за да се обезбеди и еднаквост на гласот, но тоа никако да се случи

Промената на изборниот модел и законската рамка за тоа одамна заглавени во собраниска процедура

Македонија изминатите години направи редица суштински реформи, но и болни политички и идентитетски отстапки, за да ја подотвори вратата за членство во Европската Унија, но никако не успева да исполни една клучна обврска што е содржана во речиси сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и која во суштина претставува важен предуслов предвиден и во Копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Така, и покрај многубројните предупредувања и препораки на меѓународната заедница за реформа на законската рамка, со цел да се обезбеди еднаквост на гласот, во согласност со принципот на универзалното право на глас, промената на изборниот модел и законската рамка одамна се заглавени во собраниска процедура. Политичките субјекти во државата постојано се залагаат и ветуваат дека треба да има промени во Изборниот законик за да се обезбеди еднаквост на гласот, но тоа никако да се случи. Деновиве се одржа и конститутивна седница на работната група за Изборниот законик, на која поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новаковски, е избран за претседател на оваа работна група.
Иако декларативно сите партии се залагаат за промени, во пракса како да не се подготвени за суштински реформи и прифаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа, пак, значи дека со ваквото однесување, некои од политичките субјекти во Македонија практично работат контра заложбите за ЕУ и Копенхашките критериуми.
Инаку, во финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за последните избори во 2020 година се нагласува дека долгогодишните препораки што се однесуваат на ревидирање на границите на изборните единици од страна на независно тело, универзалноста и еднаквоста на гласот, остануваат нерешени. Постојаните недоследности, празнини и двосмислени формулации ја нагласуваат потребата од опсежна реформа на изборната законска рамка, стои во извештајот. И не само за последните избори во 2020 година туку и во сите претходни извештаи се повторуваат и нагласуваат истите препораки, кои, за жал, политичките субјекти во државата како да не сакаат да ги слушнат. Наспроти тоа, демократската прогресивна јавност постојано укажува на потребата од итна реформа на изборното законодавство, токму во насока на унапредување на демократијата во државата и нашето членство во ЕУ.
– За да се обезбеди еднаквост на гласот, законодавството треба да предвидува периодична ревизија на границите на изборните единици од страна на независно тело. Редефинирањето на границите на изборните единици треба да се прави навремено, транспарентно, непристрасно и инклузивно, со јасна и доследна методологија – велат од ОБСЕ/​​​ОДИХР.
Претседателот на работната група за реформи во изборното законодавство, Александар Новаковски, потврдува дека во неколку последователни извештаи на ОБСЕ/ОДИХР има забелешка за еднаквоста на правото на глас или, со други зборови, станува збор за разлики во бројот на гласачи по изборни единици.

– Тие зборуваат за сегашните шест изборни единици, не сугерираат на избор на модел, туку само да се отстрани оваа разлика, бидејќи според европските стандарди за избори, ова се смета и за повреда на Копанхашките критериуми. Оттаму сметам дека сите политички партии, особено оние кај кои е товарот за евентуално изгласување промена на моделот, поради бројот на пратеници, треба да го решат ова прашање – вели Новаковски.
Притоа додава и дека евентуалната промена на изборниот модел треба да се случи во што е можно побрз временски рок пред следните избори.
Инаку, во работната група за промена на Изборниот законик учествуваат претставници на СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз, но сѐ уште нема претставник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на можноста да се постигне консензус за една изборна единица, министерот за правда Кренар Лога вели дека засега моделот не е приоритет, туку да се спроведат препораките и забелешките од ОБСЕ/ОДИХР, а потоа и да се изготви комплетно нов изборен законик.
Од Европската комисија за демократија преку правото, попозната и како Венецијанска комисија, порачуваат дека главниот меѓународен стандард што треба да се примени во областа на изборните единици е еднаквото гласање, како што е дефинирано во Кодексот за добра практика во изборните прашања.
– Еднаквоста во гласањето е клучен стандард на концептот на изборен интегритет. Репрезентативноста подразбира дека границите на изборните единици се исцртуваат на таков начин што гласачите ќе имаат можност да изберат кандидати за кои сметаат дека вистински ќе ги претставуваат, бидејќи тие се претставници на народот – оценува Венцијанската комисија.
Во опсежната студија на Национален демократски институт (НДИ), насловена „Како да се обезбеди рамноправна и фер застапеност во Собранието“, се анализираат сите можни измени на изборниот модел, со што несомнено би се придонело за поинклузивен парламент што ќе ги одразува потребите на граѓаните.

– Како што предвидува и Уставот, претставеноста на граѓаните е клучно за претставничката парламентарна демократија. Сепак, граѓаните често се чувствуваат запоставени од страна на нивните избрани застапници. Несомнено, еден од клучните проблеми е перцепцијата дека пратениците се одговорни пред партиските лидери затоа што тие одлучуваат кои кандидати се на партиските листи, со што ја засилуваат перцепцијата дека партиските лидери се одлучувачки за нивните пратеници – се вели во студијата.
Во неа уште се нагласува и дека промената на постојниот пропорционален изборен модел во однос на бројот на изборни единици (од шест на една) ќе донесе бенефиции за помалите партии, ќе доведе до поголема разновидност во законодавниот дом, како и до поголема застапеност на жените во парламентот.
Истовремено во слично истражување од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ како заклучок се наведува дека постои генерална поддршка кај граѓаните за еднакво вреднување на секој глас, како и воведувањето една изборна единица за парламентарни избори.
– Во сите изборни единици и меѓу сите категории граѓани владее силен негативен став и разочараност од начинот на кој пратениците ја вршат својата функција на застапување на интересите на граѓаните. Пратениците во Собранието претежно им се лојални на партиските лидери и не ги остваруваат предизборните ветувања што им ги даваат на граѓаните. Ставот на испитаниците е дека се потребни промени на начинот на избор на пратеници – се вели во истражувањето.


Суфицит и дефицит од гласови по изборни единици

Според податоци од ДИК, на кои се повикува и ОБСЕ/ОДИХР, во февруари 2020 година, суфицитот во шестата изборна единица изнесувал 8,60 отсто и 5,74 отсто во втората изборна единица. Дефицит е пријавен во четвртата изборна единица (6,36 отсто) и во третата изборна единица (7,64 отсто). Отстапувањето во првата и во петтата изборна единица било во рамките на дозволената граница во законот. Определувањето на границите во шестата изборна единица било лобирано од ДУИ и се смета за политички компромис. Притоа соговорниците на ОДИХР оцениле дека третата и четвртата изборна единица не биле изменети, бидејќи тие не биле од стратегиски политички интерес. Инаку, изборниот законик предвидува дефинирање на границите во случај кога маргината од просечниот број гласачи надминува пет отсто, меѓутоа не била дадена посебна процена на разликата или опис на применетата методологија за дефинирање на границите во 2020 година од страна на Собранието, оценуваат од ОБСЕ/ОДИХР.

[email protected]