Освен што законски е забрането да се паркираат возила на зелени површини, забрането е и да се палат огнови на отворено, исто како што е забрането и да се фрла ѓубре на непропишани места за тоа, вклучувајќи и догорчиња. Меѓутоа ниту една од законските обврски не ги спречи излетниците да го прават токму тоа
ОНА ШТО ОСТАНА НА ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА ПО ПРВОМАЈСКИОТ ВИКЕНД
Скопјани и оваа година не го положија првомајскиот тест за заштита на околината, чување на јавните површини и хигиена. Излетничките места беа преполни со посетители, кои да можеа, возилата ќе ги паркираа во реките, среде шумите и зеленилото. Обиколката што ја направи екипата на нашиот весник покажа дека се залудни сите апели, бидејќи, кога ќе дојде Први мај, граѓаните забораваат на животната средина и безмилосно ја загадуваат со отпад.
ИЗЛЕТНИЧКИТЕ МЕСТА ПОЛНИ ЃУБРЕ И ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА
Граѓаните што останаа во Скопје, за жал, покажаа колку не им е важна заштитата на животната средина. Тоа најлесно можеше да се види првенствено по паркираните возила на зелените површини на излетничките места, каде што може да се изведе тоа. Марков манастир, Скопска Црна Гора, парк-шумата Гази Баба се само мал дел од локациите каде што граѓаните ги распалија првомајските скари.
Сепак, традиционално, како и секоја година, многумина од нив, на крајно несовесен начин, буквално ја силуваа природата, паркирајќи ги своите автомобили на тревните површини, каде што, според законот, е забрането паркирање. Освен што законски е забрането да се паркираат возила на зелени површини, забрането е и да се палат огнови на отворено, исто како што е забрането и да се фрла ѓубре. Меѓутоа ниту една од законските обврски не ги спречи излетниците да го прават токму тоа. Зеленилото беше преполно со ѓубре, возилата беа паркирани среде зелени појаси, а мирисот на распалена скара доаѓаше од сите страни.
Поразувачки податоци за земја што има сериозен проблем со ѓубре и зеленило, која е преполна со фејсбук „екологисти“. Доколку се обрне внимание на објавите на социјалните мрежи, лесно ќе се заклучи дека состојбата не била ништо подобра ниту во градовите низ земјава. Дојран го имаше истиот проблем, а за Охрид тоа е традиционален празничен проблем.
ПИКНИКОТ ПОМИНА, ЃУБРЕТО ОСТАНА
Според граѓаните што сепак внимаваат на животната средина, ова е традиција секоја година кога станува збор за првомајските празници.
– Живеам во Железара и за празничниот споен викенд не заминав никаде. Она што можеше да се види во мојата населба може да се опише со еден збор: хаос. Бидејќи времето беше убаво, голем број граѓани одлучија денот да го поминат во прошетка, и тоа е убаво, меѓутоа сите беа паркирани на тревни површини. Кој каде нашол, таму си го оставил возилото. Каков апсурд, одат во природа за да ја уништуваат. Која е тогаш потребата воопшто да се оди ако се нема основна култура на однесување – вели Сашо Цветановски, жител на оваа населба.
Дополнително, како што велат граѓаните, страшен проблем е ѓубрето што никој не си го собира по завршувањето на првомајскиот пикник.
– Јас живеам во Драчево, па традиционално речиси секој викенд со децата шетаме на Марков манастир. Ај што беше преполно со посетители, жално беше да се гледа сето тоа ѓубре оставено во зеленилото. Толку ли им е проблем да си го соберат и фрлат во контејнер – вели Димитар Јовановски.
Скопска Црна Гора е место кое е малку поизолирано од другите, па тука самоволието е уште поголемо.
Возилата исто така се паркираат на тревните површини, меѓутоа ѓубрето овде е сериозен проблем, бидејќи голем дел локации покрај реката се тешкодостапни, па и тешко се чистат.
– Цела планина мирисаше на скара. По завршувањето на пикникот, жално е да се гледаат падините. Преполни се со ќумур, со ѓубре, оставени пластични шишиња, марамчиња, пакувања од храна… Живеам во Радишани, па често шетам тука и речиси секогаш кога можам, со мене носам поголема вреќа, за да го соберам ѓубрето што го оставиле несовесните граѓани – вели пензионерката Мирјана Фидановска.