Се чини дека новите свежи интелектуални ветришта во Бугарија почнуваат да дуваат сè посилно откако стана јасно дека земјата не може да го следи чекорот напред со другите европски земји ако и натаму останува заложник на политиките на кои не им е местото во модерниот, демократски и цивилизиран свет. Затоа неодамна група интелектуалци од Бугарија дојдоа во Скопје со личен пример да покажат дека и во Бугарија е присутен гласот на разумот, кој е свесен за улогата на нивната држава за време на Втората светска војна
Бугарските интелектуалци стануваат сè
погласни кон анахрониот историски наратив на официјална Софија и бараат признавање на одговорноста:
Интелектуалците се тие што низ времињата секогаш биле оној глас на разумот што водел кон благосостојба и прогрес на народите, кои со своите идеи се спротивставувале на анахроните политички процеси што внесувале поделби, раздор и конфликти, со единствена цел преку заблудување на сопствените општества полесно да владеат.
Ако порано тоа се набљудуваше низ некаква историска призма и разни други историски контексти, актуелните случувања во македонско-бугарските односи покажуваат дека на одредени политички кругови во Бугарија и натаму не им е туѓ ваквиот метод, преку градење историски митови и романтичарски соништа да го блокираат правото на соседна земја да се дефинира себеси идентитетски, јазично, историски и културно, независно и различно од бугарската проекција.
Токму затоа улогата на интелектуалците треба да биде клучна во маргинализирањето на ваквите политички наративи, градени исклучиво поради разни политички и бизнис-интереси, кои немаат никаква реална, ниту, пак, научна основа и кои водат само кон дополнителни поделби. Истовремено, интелектуалната свест подразбира и прифаќање на одговорноста за одредени настани во одредени временски периоди, што всушност ја истакнува големината на еден народ да прифаќа одговорност за одредени погрешни политики.
Се чини дека новите свежи интелектуални ветришта во Бугарија почнуваат да дуваат сè посилно откако стана јасно дека земјата не може да го следи чекорот напред со другите европски земји ако и натаму останува заложник на политиките на кои не им е местото во модерниот, демократски и цивилизиран свет.
Затоа неодамна група интелектуалци од Бугарија дојдоа во Скопје со личен пример да покажат дека и во Бугарија е присутен гласот на разумот, кој е свесен за улогата на нивната држава за време на Втората светска војна. Имено, тие интелектуалци искажуваат отворено спротивставување на политиките на официјална Софија во негирањето на бугарската улога во депортацијата на македонските Евреи во логорите на смртта во Треблинка. Тие во Тутунскиот комбинат – Скопје положија венци и букети свежо цвеќе, во знак на сеќавање на трагичната судбина на над 7.000 македонски Евреи, но истовремено испратија порака до бугарската држава да ја прифати сопствената одговорност за овој чин.
Бугарскиот историчар во Националниот институт за историја при БАН, Димитар Атанасов истакна дека тие како група интелектуалци се тука да го исполнат личниот морален долг и да им порачаат на бугарските институции да се прифатат вистината и одговорноста.
– Ќе го исполниме својот личен морален долг, т.е. ќе се обидеме да направиме нешто што бугарските институции одбиваат да го направат со децении. Нашата порака е многу едноставна, време е да се соочиме со историјата и да се сретнеме со грешките очи в очи. Бидејќи историјата не е само низа од засладени случувања со кои се удираме во градите и објаснуваме колку сме големи. Историјата е сето она што се случило, вклучувајќи ги и големите неуспеси, вклучувајќи ги и неуспесите на бугарската власт, има такви. Време е бугарските институции да почнат да го признаваат тоа – изјави Димитар Атанасов, бугарски историчар на Институтот за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките.
Тој е дел од помладата генерација бугарски историчари, кои заедно со македонски интелектуалци пред извесно време седнаа на заедничка маса во обид да најдат формула за помирување меѓу Скопје и Софија, смирување на тензиите и одблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија.
Според Атанасов, и од двете страни на границата има политички субјекти, партии и институции на кои главен интерес им е односите меѓу Македонија и Бугарија да бидат сè полоши.
– Мрежите на некогашните тајни служби не престануваат да ги влошуваат односите – истакна бугарскиот историчар.
Тој уште додаде дека во Бугарија продолжуваат да функционираат научни кругови во кои и натаму како единствена вистина се наметнува бугарското поимање на историјата, особено во релациите кон Македонија. Атанасов лично смета дека Бугарија погрешила со пристапот кон земјава со блокадите, наместо Софија да биде таа што ќе бара земјава да биде ставена на брза пруга за зачленување кон ЕУ.
– Ако Бугарија се бореше Македонија побрзо да напредува во евроинтеграциите, тогаш сигурно односите меѓу двете земји немаше да бидат на ова најниско ниво, туку напротив – смета Атанасов.
Негово мислење е дека македонското и бугарското општество се тие што треба да покажат зрелост и да ги надминат недоразбирањата, да не дозволуваат политичарите да ја наметнуваат агендата што ги конфронтира двата блиски народа.
– Ние треба да покажеме дека во двете општества постои неопходната зрелост за да се разбереме и оттука понатаму да почнеме одново да се зближуваме затоа што сме најблиски на Балканот – објаснува Атанасов.
Интелектуалците од Бугарија исто така положија цвеќе и пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во пресрет на 4 мај, денот на неговата смрт, со порака дека наместо омраза и меѓусебни обвинувања, треба да се градат мостови на пријателство и соработка.