Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска одржа редовна координација со координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии претставени во Собранието, на чиј дневен ред, како што информираат од собраниската прес-служба било и претставувањето на договорот за изградба на коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието.
– Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста – се вели во соопштението од координација во Собранието.
Со оглед на тоа што договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, според соопштението, договорот ќе се разгледува на седница на комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.