Во борбите, кои започнаа додека Судан се обидуваше да премине кон демократија, веќе загинаа стотици лица, а милиони останаа заробени во урбаните области каде што бараат засолниште од пукотници, експлозии и ограбувачи. Од повеќето анализи од светските медиуми издвојуваме заклучоци, од кои најмногу од онаа објавена во „Асошиејтед прес“
Уште еден конфликт што има потенцијал да генерира глобален тектонски потрес
Борбите во Судан меѓу силите лојални на двајца врвни генерали ја ставија нацијата во ризик од колапс и може да има последици надвор од нејзините граници. Двете страни имаат десетици илјади борци, странски поддржувачи, минерални богатства и други ресурси што би можеле да ги одржат да опстанат, дури и да бидат изолирани со санкции. Тоа е рецепт за вид продолжен конфликт што ги опустоши другите земји на Блискиот Исток и Африка, од Либан и Сирија до Либија и Етиопија. Во борбите, кои започнаа додека Судан се обидуваше да премине кон демократија, веќе загинаа стотици лица, а милиони останаа заробени во урбаните области каде што бараат засолниште од пукотници, експлозии и ограбувачи.
Кој се бори во конфликтот?
Генералот Абдел Фатах Бурхан, шеф на вооружените сили, и генералот Мохамед Хамдан Дагало, водачот на паравоената група позната како „Сили за брза поддршка“ што произлегоа од озлогласените милиции „Џанџавид“ во Дарфур, се обидуваат да ја преземат контролата над Судан. Тоа се случува две години откако тие заеднички извршија воен удар и ја попречија транзицијата кон демократија што започна откако демонстрантите во 2019 година помогнаа да се принуди да се собори долгогодишниот автократ Омар ал Башир. Во последните месеци се водеа преговори за враќање на демократската транзиција.
Победникот во последните борби најверојатно ќе биде следниот претседател на Судан, при што губитникот се соочува со прогон, апсење или смрт. Можна е и долготрајна граѓанска војна или поделба на арапската и африканската земја во ривалски области. Алекс де Вал, судански експерт од универзитетот „Тафтс“, смета дека конфликтот треба да се гледа како „прва фаза на граѓанска војна“.
Што значат борбите за соседите на Судан?
Судан е трета земја по големина во Африка и се протега по реката Нил. Своите води ги дели со регионалните „тешкаши“ Египет и Етиопија. Египет се потпира на Нил за да го поддржи своето население од над 100 милиони, а Етиопија работи на изградба на огромна брана по горниот тек на реката што ги вознемири и Каиро и Картум. Египет има блиски врски со војската на Судан, која ја гледа како сојузник против Етиопија. Каиро посегна до двете страни во Судан за да изврши притисок за прекин на огнот, но веројатно нема да стои настрана ако војската се соочи со пораз.
Судан граничи со пет други земји како Либија, Чад, Централноафриканската Република, Еритреја и Јужен Судан, кои се отцепија во 2011 година и со себе зедоа 75 отсто од нафтените ресурси на Картум. Речиси сите се заглавени во сопствените внатрешни конфликти, со различни бунтовнички групи што дејствуваат по должината на порозните граници. Алан Босвел од Меѓународната кризна група мисли дека она што се случува во Судан нема да остане во Судан.
Кои странски сили имаат интереси во Судан?
Земјите од Персискиот Залив ги свртија своите интереси кон Рогот на Африка во последниве години додека се обидуваа да проектираат моќ низ целиот регион. Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како растечка воена сила што го прошири своето присуство низ Блискиот Исток и Источна Африка, имаат блиски врски со суданските „Сили за брза поддршка“, кои испратија илјадници борци да им помогнат на ОАЕ и Саудиска Арабија во нивната војна против бунтовниците Хути во Јемен, кои се поддржани од Иран.
Во меѓувреме, Русија долго време има планови за изградба на поморска база со капацитет да смести до 300 војници и четири брода во Порт Судан, на клучната трговска маршрута на Црвено Море за испорака на енергија во Европа. Групата „Вагнер“ со блиски врски со Кремљ се проби низ Африка во последниве години и оперира во Судан од 2017 година. САД и Европската Унија (ЕУ) воведоа санкции на две фирми за ископување злато поврзани со „Вагнер“ во Судан, кои беа обвинети за шверц.
Каква улога играат западните држави?
Судан стана меѓународен отпадник кога им стана домаќин на Осама бин Ладен и на други милитанти во 1990-тите, кога Ал Башир ја зајакна тврдокорната исламистичка влада. Неговата изолација се продлабочи поради конфликтот во западниот регион Дарфур во 2000-тите, кога суданските сили и „Џанџавид“ беа обвинети дека извршиле злосторства додека го задушувале локалниот бунт. Меѓународниот кривичен суд на крајот го обвини Ал Башир за геноцид.
САД го отстранија Судан од листата на држави што го поддржуваат тероризмот откако Владата во Картум се согласи да воспостави врски со Израел во 2020 година. Но милијарди долари заеми и помош беа ставени во мирување по воениот удар во 2021 година. Тоа, заедно со војната во Украина и глобалната инфлација, ја доведе економијата на Судан во слободен пад.
Дали странските сили можат да влијаат за да има прекин на огнот?
Економските неволји на Судан се чини дека се шанса за западните земји да користат економски санкции за да ги притиснат двете страни во конфликтот да се откажат. Но, во Судан, како и во другите африкански земји богати со ресурси, вооружените групи долго време се богатат преку нелегалната трговија со ретки минерали и други природни ресурси.
Суданската војска контролира голем дел од економијата, а може да смета на бизнисмени во Картум и на оние крај бреговите на Нил, кои се збогатиле за време на долгото владеење на Ал Башир и кои ги гледаат „Силите за брза поддршка“ како обични борци од провинција.
Де Вал истакнува дека контролата врз политичките фондови нема да биде помалку одлучувачка од бојното поле. Војската ќе сака да ја преземе контролата врз рудниците за злато и патиштата за шверц. „Силите за брза поддршка“ ќе сакаат да ги прекинат главните транспортни артерии, вклучувајќи го и патот од Порт Судан до Картум.
Во меѓувреме, огромниот број потенцијални посредници, вклучувајќи ги САД, ООН, ЕУ, Египет, земјите од Персискиот залив, Африканската унија и блокот од осум нации од источна Африка познат како ИГАД, може да направат какви било мировни напори да станат покомплицирани од самата војна.
Подготвил: Mарјан Велевски