Со оглед на фактот дека менувањето на Уставот на Македонија во неколку наврати се правело по барање и желба на соседите, во голема мера со поддршка од меѓународниот фактор, логично се наметнуваат споредби со концептите на уставите на земјите од регионот, особено со оние што поставуваат услови за менување на македонскиот устав
Споредбена опсервација на уставите на
државите во македонското опкружување
Политичката дебата во Македонија сѐ повеќе се насочува на прашањето околу тоа каков концепт е соодветен за македонски услови. Со оглед на фактот дека менувањето на Уставот на Македонија во неколку наврати се правело по барање и желба на соседите, во голема мера со поддршка од меѓународниот фактор, во логично се наметнуваат споредби со концептите на уставите на земјите од регионот, особено со оние што поставуваат услови за менување на македонскиот устав. А само една едноставна базична споредба на уставите на балканските држави отвора повеќе аспекти за преиспитување на аргументираноста на нивната желба за интервенирање во Уставот на Македонија.
Земјите од регионот не се зрели за граѓански устави, во кои се деноминира нацијата
Тргнувајќи од почетното прашање, дали се тоа граѓански или национални устави, произлегува цела низа дилеми. На пример, кој е носител на државноста во балканските устави? Дали граѓанскиот концепт e само теорија, односно дали земјите од регионот се зрели за граѓански устави, во кои се деноминира нацијата?
Универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска, во својата анализа заклучува дека иако уставите на соседните земји на Македонија се претставуваат како граѓански, во нив сепак доминира национално/народниот концепт.
– Ако убаво се погледнат уставите во соседните земји ќе се види дека тие се далеку од вистински граѓански устави. Всушност, се забележува дека во ниту еден од нив не е применет чист граѓански концепт, туку доминира национално/народниот концепт.
На пример, во Уставот на Србија стои дека Република Србија е држава на српскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа!
Во Уставот на Бугарија сите права и должности се однесуваат на бугарските државјани, како и на странците што живеат во неа. Значи класичен национален концепт со јасна одредница „бугарски државјани и други“ (под „други“ се мисли на странци).
Во Уставот на Грција јасно стои дека сета власт произлегува од народот и постои за народот и нацијата, каде што повторно е силно изразен националниот концепт. Во овој устав, исто така, доминантен е народниот суверенитет итн.
Се чини дека доминацијата на народниот/националниот уставен концепт не е случајна на Балканот, особено ако се имаат предвид историските случувања и превирања, постојаните тензии околу границите, непризнавањето на соседните народи и малцинства на овој дел од Европа – вели Татјана Каракамишева-Јовановска.
Во македонскиот устав е применет хибриден концепт
Гледан во контекст на уставните концепти на земјите од Балканскиот Регион, според професорката Каракамишева-Јовановска, во македонскиот устав е применет хибриден концепт со доминантно граѓански елементи.
– Македонија во 1991 година влезе во опасна уставна игра преку внесување уставен концепт „ни риба ни девојка“. Овој хибриден концепт со доминантно граѓански елементи се покажа доста проблематичен во разбирањето на уставната положба на доминантниот македонски народ и малцинствата што живеат во земјата. Насекаде во уставите на соседните земји има јасна идентификација на граѓаните со народот/нацијата на земјата, освен во Македонија каде што очигледно сѐ е измешано.
Појдовната, т.е. најзабележителна разлика на концептите меѓу граѓанскиот и националниот устав најчесто се сведува на тоа дали во конститутивните акти експлицитно, покрај мнозинскиот народ се наведуваат малцинствата (националностите) што се застапени во државата, за да се нагласи граѓанската рамноправност или тоа не се споменува во Уставот – вели професорката Каракамишева-Јовановска.
Националниот концепт не го исклучува граѓанскиот (демократскиот) аспект на Уставот
Експертите по уставно право, со кои се консултиравме, нагласуваат дека за граѓански се сметаат оние устави каде што не се споменуваат малцинствата, односно носител на државноста/конститутивноста се сите граѓани во државата, без оглед на нивната етничка припадност. Додека како национални устави се третираат оние каде што покрај граѓанската компонента на државноста се нагласени (наброени) и етничките посебности. Но националниот концепт не го исклучува граѓанскиот (демократскиот) аспект на Уставот. Сепак, од друга страна, во балкански услови, таквиот т.н. граѓански концепт на устав често се изопачуваат во насока на негирање на постоењето на други етнички посебности во државата, т.е. на етничките малцинства, различни од официјалната државна нација. Многубројни се историските и актуелни примери на негирање на постоењето на македонското малцинство во соседните земји, со аргументот дека соседите имаат граѓански устави, според кои сите се Бугари или Грци… Нацијата се изедначува со народноста, етникумот, често со закани и казни за какво било изразување на различна етничка припадност, од онаа на официјално прогласената нација! Нашите соговорници потсетуваат на ноторниот факт дека по таа основа, на „национално толкување на граѓанскиот устав“, во Бугарија им биле променети презимињата на еден милион Турци, граѓани на таа земја, дури и на спомен-обележјата на починатите.
– Во актуелната состојба на македонскиот устав, ние дури не можеме ни да дефинираме каков е тој, дали е национален или граѓански устав. Тоа се провлекува уште од првата верзија на Уставот (кој подоцна уште трипати се менуваше, дури и по барање на соседите), кој беше лошо напишан, а подоцна и фундаментално менуван, во кој не може да се препознае дефиницијата за улогата на граѓаните во државата. Поради таквата недефинираност, за жал, не успеавме да изградиме македонска нација. Граѓанските устави, во принцип се поставени така што сите граѓани во државата ја создаваат нацијата, односно сите се Французи, Бугари, Грци…, додека етничката (малцинската) компонента се манифестира во пописи и други придружни акти, кои им ги дефинираат граѓанските права на малцинствата. Според националниот концепт на Уставот, сите националности (малцинства) во државата имаат одредена конститутивна компонента. Во граѓанскиот устав, носител на државноста е мнозинскиот народ, а другите малцинства имаат еднакви граѓански права.
За разлика од соседите, со сите промени на македонскиот устав, се поставува прашањето каква е актуелната позиција на македонскиот народ, како државотворен, но и каков е односот спрема малцинствата, односно другите етнички заедници. Со предефинирањето на малцинствата како „делови од народ“ им се даде одредена конститутивна компонента, која со наметнатиот услов за внесување на Бугарите во македонскиот устав, се прават обиди за понатамошна релативизација на државотворноста на македонскиот народ, што создава многу непознаници! Особено што АСНОМ е изваден од преамбулата на Уставот по барање на Грците. Со бришењето на македонското малцинство од членот 49 од Уставот, односно откажувајќи се од грижата за него во соседните земји, се доведовме во ситуација сите соседи да имаат малцинства во Македонија, а ние да немаме македонско малцинство во соседството. Нам ни е потребен устав што Македонија ќе ја дефинира како држава на конститутивен македонски народ и на другите етнички заедници што живеат во неа, со еднакви граѓански права, комплементарни со македонскиот народ, но не на негова сметка или штета – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Во однос на „непредвидените ефекти“ што би се провлекле со менувањето на Уставот, каде што сите заедници би имале конститутивна компонента (како делови од народ), професорката Грчева предупредува на видливата тенденција за претворање на Македонија во бинационална држава.