Аналитички опсервации
Шведска и Финска се двете неврзани земји што се географски лоцирани помеѓу Руската Федерација и трите западни нордиски членки на НАТО – Норвешка, Данска и Исланд. Нивната геостратегиска положба никој не ја потценува. Затоа, тие отсекогаш биле предмет на анализи и внимателни опсервации и од исток, од Москва, и од запад, од Брисел и Вашингтон. Но од пред една година и почнувањето на руско-украинската војна се урна политиката на самодоверба во одбранбените и безбедносните работи на тие две споменати земји, Шведска и Финска.
Во случајот со Шведска, самодовербата траеше уште од Наполеоновите војни. Од своја страна, пак, во 1948 година, Финска се одлучи за неврзаност за да избегне да заврши на погрешната страна од Железната завеса за време на Студената војна.
Но, според аналитичарите, руско-украинскиот конфликт е само еден од дел од шведските и финските мотиви за влез во НАТО. Според нив, еднакво важна причина била „неопходноста да се потврди нивниот суверенитет и да се покаже солидарност со геополитички изложената Украина“, односно тие со кандидатурата „најдоа ефективен начин да ја отфрлат проекцијата на евентуалните последици од моќта на Русија, пристапувајќи кон НАТО-сојузот со паралелни кандидатури за членство“.
Финска ѝ се приклучи на Алијансата по ратификацијата од сите 30 земји-членки. Со тоа, според политиките и проекциите на Финска, таа фати приклучок кон Западот и влезе под чадорот на НАТО. Но, Шведска?
Пристапувањето на Шведска во НАТО останува во мирување
Не е лесно да се утврди точно зошто Шведска не можеше да влезе во сојузот истиот ден со Финска, со оглед на поднесувањето паралелни понуди. Во согласност со политиката на НАТО за „отворена врата“ заснована на критериуми, и на двете земји им беше продолжен статусот на поканети со рекордна брзина, на самитот во Мадрид минатото лето.
Во тој момент само Република Турција изрази резервираност и се закани дека ќе го искористи своето вето. Трилатералниот меморандум, набрзина склучен во пресрет на самитот во Мадрид, го отвори патот за статусот на поканет и наведе 10 прашања за понатамошни преговори, вклучувајќи и олеснување на ограничувањата за извоз на оружје од Шведска и Финска, проширена билатерална соработка за борба против тероризмот и забрзан административноправен процес за случаите на екстрадиција.
Спроведувањето на меморандумот (по пристапувањето на Финска со билатерален договор) се покажа неочекуван предизвик за шведските власти.
Еден извор на расправии е нејасниот јазик што се користи во текстот, кој бара и тесни и опширни толкувања. Процесот исто така стана покомплициран поради политички фактори: изборната кампања во Турција се вжешти кон средината на 2022 година и промената на власта по шведските парламентарни избори во септември истата година. Кон крајот на 2022 година, Унгарија се појави како втора воздржана земја, но без оправдување, освен тоа дека ЕУ ги задржува средствата поради загриженоста за владеење на правото.
Може ли да се решат отворените прашања пред самитот на НАТО во Вилнус од 11 до 12 јули?
Шведските официјални лица велат дека барањата на Анкара се решени преку неколку административни и правни прилагодувања. Веќе во 2022 година, Шведска ги олабави ограничувањата за извоз на оружје за сите земји-членки на НАТО и воспостави механизам за блиска соработка против тероризмот со турските власти. За неколку недели се очекува легислатива што ќе го криминализира учеството во терористички организации и со тоа ќе го прошири опсегот на дејствијата што можат да бидат кривично гонети.
Сепак, судејќи според повеќекратните изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ова можеби не мора да го задоволува „духот“ на меморандумот од јуни 2022 година, како што го толкува Анкара. Уште од самитот во Мадрид, голем број критичари на турската влада кои престојуваат во Шведска, во некои случаи долгогодишни шведски државјани, се појавуваат во списоците на поединци за кои Анкара инсистира да бидат екстрадирани во Турција за да се соочат со обвиненија за тероризам. Освен во неколку случаи, каде што наводите на турските обвинители се совпаѓаат со злосторствата според шведскиот закон и беа презентирани здрави докази, барањата за екстрадицијата не ги убеди шведските судови. Најзначајно, во декември 2022 година, шведскиот Врховен суд го отфрли случајот против новинарот во егзил Булент Кенеш – кој турскиот претседател отворено го квалификува како „терорист“. По ова прашање, рацете на владата се сега врзани, бидејќи уставот не дозволува извршната власт да се меша надвор од одлуката на највисокото правно тело во земјата.
Дали Шведското барање ќе влезе во ќорсокак
Воопшто не е сигурно дека обидите на Стокхолм да ја задоволи Турција без да го загрози шведскиот уставен поредок, ќе ја поколебаат Анкара да помогне во финализирањето на приемот на Шведска во НАТО. Вистинско прашање е дали исходот од мајските избори во Турција може или не може да влијае на нејзината позиција? Парламентарната согласност на Унгарија се чини дека е помал проблем, бидејќи гласањето веќе беше закажано (а потоа презакажувано) неколку пати. Но, до степен до кој турската влада останува незадоволна или претпочита да ја одржи својата моќ, ова може да се претвори во долг ќорсокак со последици за шведската и трансатлантската безбедност.
Освен тоа, ако полноправното членство на Шведска се одложи по самитот во Вилнус, оптиката очигледно ќе биде лоша за НАТО и за вредностите што сака да ги претставува. Наместо да живее во согласност со политиката на „отворени врати“ и да ја пречека земјата која се квалификува според колективно воспоставените критериуми, алијансата ќе ја остави Шведска – со нејзиниот став на неврзаност од два века напуштена – заглавена во чекалната… Всушност, како и некои други земји, во друга Унија…