Ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со вчерашната седница на Судскиот совет на која беше разрешена претседателката Дамева.
Од Блупринт групата изразуваат загриженост околу, како што наведуваат во денешната реакција, ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет.
Тие апелираат членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат
своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.
Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, укажуваат од Блупринт, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во земјата.
– Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување на судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет на Р.С. Македонија предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија, се наведува во реакцијата.
Од Блупринт наведуваат дека и во досегашното работење на Судскиот совет, на јавните седници имало несогласување помеѓу членовите околу одредени законски одредби, особено кога тие не биле јасно и концизно предвидени во закон или подзаконски акт, но никогаш не се случило Судскиот совет да донесе одлука спротивно на Законот за Судскиот совет на Македонија и Деловникот на Судскиот совет.
Оттука, како група која подолго време ја следи работата на Судскиот совет, сметаат дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да се императив во нејзиното работење, а посебно кога станува збор за Судскиот совет, кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт согласно Уставот, како и да води сметка за законитоста во постапувањето и за владеење на правото.
– Изненадени сме од постапувањето на одредени членови на Судскиот совет на Р.С. Македонија кои инсистирале на внесување на точка на дневен ред и истовремено одлучување по истата без притоа да се почитува Законот за судскиот совет од причина што законодавецот во Законот 1 не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судски совет, стои во реакцијата.
Во оваа насока, од групата укажуваат и на недоволното регулирање на одредени законски одредби, што не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби. Одговорноста на член на Судскиот совет е предвидена во Законот со конкретни одредби за дисциплинска одговорност на член на Советот со наведување на основите за поднесување на барање за дисциплинска постапка за член на Советот. Понатаму е предвидена и постапката за одлучување по барање за покренување на дисциплинска постапка за член на Советот.
– Но, во ниту една одредба од Законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност – се појаснува во реакцијата од Блупринт групата, посочувајќи дека до Работната група што ја подготвува новата Стратегија за развој на правосудството, укажале токму на овој недостаток и ја посочиле потребата од регулирање на самата постапка на одговорност на член на Судскиот совет.
Дарко Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“, која е дел од Блупринт групата, смета дека разрешување на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, наводно поради тоа што го криела писмото од амбасадорката на САД Ангела Агелер, претставува преседан, бидејќи не е испочитуван ниту законот ниту подзаконските акти.
– Тоа писмо е насочено на повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо. Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан – вели Аврамовски во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24.
Според него, наводно реформите во судството започнале со СЈО во 2016 година, но, очигледно е, вели, дека ни треба конзистентност, бидејќи ние започнуваме акции но не ги довршуваме, а сега повеќе немаме време и мора итно да се решаваат проблемите во судството.
– Немаме индикатори со кои можеме да потврдиме политичко влијание, но факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет. Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. Ниту законот, ниту подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот – вели Аврамовски.
Тој оценува дека е прекршен Деловникот на Судскиот совет.
– Целосното отстапување од процедурите и нивото на дискусија и дебата која наликуваше на инфантилно препукување, остава впечаток како да беше разрешен претседател на куќен совет. Отсуството на отчетност и свест за последиците што ги оставаат остава простор за шпекулации за мотивите на овој чин – вели Аврамовски.
Ова е, смета тој, само почеток, а не разрешница на нештата. На денеска закажаната нова седница, очекува да се види како ќе се одвиваат нештата со оглед дека не беше испочитуван деловникот.
– Секој што е дел од правосудството треба да почне да презема одговорност, а не да се иззема. Одговорност во смисла на преземање на сите позитивни и негативни нешта во професијата и да почнат поединечно да се подобруваат за целата ситуација да се промени. Преку ноќ не може да се проми целиот систем – вели Аврамовски.
ДКСК: Очекуваме вклученост и реакција од релевантните државни субјекти за разрешувањето на Дамева
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
– Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи – се наведува во денешното соопштението на ДКСК.
Комисијата ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.