Деновиве од печат излезе преводот на новиот роман на словенечкиот писател Горан Војновиќ, насловен „Ѓорѓиќ се враќа“. По објавувањето на „Југославија, моја дежела“ и „Смоква“, ова е трето дело на регионалната книжевна ѕвезда што излегува на македонски јазик, во издание на „Или-или“. Преводот од словенечки на македонски јазик е на Давор Стојановски, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од „Традуки“.
За својата нова книга, Војновиќ во интервјуто за „Букла“ нагласува: „По десет години живот во Босна, Марко Ѓорѓиќ е веројатно уште поизгубен отколку кога беше тинејџер во Фужине. Ако бил чефур во Фужине, во Босна не е само Јанез, туку е и Србин. Откако се преселил од Високо во Бјелина, каде што дел од неговото семејство побегнало за време на војната, тој станал имигрант, пребегнат Србин. А потоа се враќа во Фужине и може само да дознае дека е ’вонземјанин’. Овде и секаде. Затоа што во овој крајно поделен и разграничен свет не е можно да биде ништо друго. И додека човек не ја потисне желбата да припаѓа, или додека не се помири со својата неприпадност, со својата ’туѓост’, тешко ќе го најде својот мир. Марко Ѓорѓиќ дефинитивно сѐ уште не се помирил со тоа. Но можеби некогаш, којзнае“.