Со низа обвинувања почна седницата на Судскиот совет, пренесува „Макфакс“. Потпретседателот Селим Адеми побара претседателката Весна Дамева да биде разрешена, посочувајќи дека таа го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите. На ова реплицираше Дамева која кажа дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и требало да го презентира. Му посочи дека целта е нејзино разрешување поради други причини, а се крие само поради писмото. На Адеми пак, му пречело што и медиумите дошле до одредни инофрмации од Судскиот совет, па и за тоа побара одговорност.
– Зошто вие претседателке нѐ ставивте во заблуда и писмото од амбасадорката на Америка не ни е доставено на време, туку по две недели? Кој го криел писмото за ние да не знаеме. Дали сме ние членови на Судски совет и треба да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судски совет? А ние не знаеме, ниту дознавме од медиумите, па за пред два дена вие да кажете, дали сакате да го пипнете тоа писмо или не. Дали може писмо од амбасадорка да се чека две недели? Сите да го имаат, а ние да го слушнеме од медиуми? Дали одредени портали што кажуваат име и презиме? Вие денеска за ваква излезена информација, со име и презиме да се пишуваат членови, да се шири хронолошки, за доверлив материјал, вие најмалку требаше да кажете, јас колеги не сум го кажала тоа, ви кажувам искрено, но кој го направил? Првиот човек треба да има одговорност – кажа Адеми.
Дамева потоа истакнала дека сакаат да ја разрешат пред да се гласа за сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е утврдување на одговорност кај судии.
– Сега се отвора Пандорина кутија со недокажани реченици, со флоскули, со извртени факти и апсолутно неаргуметнирани. Ќе ве демантирам за писмото до Агелер, кое ниту се криело, ниту се имало намера да се крие. Моите заложби се тие, да се подобри состојбата во судството, да се постигне самостојност и независност најпрво кај членовите на Судски совет, а потоа кај судиите. Прво, членовите да постигнат интегритет, потоа, судиите. Јас сум разочарана и се согласувам со содржината. Судскиот совет како да влегува во амбис, како да се сака да се растури тело во кое членовите се поделени во смисла на гласањето. Тоа некому не одговара. Писмото е стигнато на 11 април, наредниот ден бев на одмор. Зошто на 11-ти стигнато писмо, тоа не го презентиравте кај колегите? На крај, 17-ти беше неработен ден, 18-ти седница. Ова не е за да се правдам, оти немам намера, но стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. Овој претседател ќе се бори да бидат разрешени нечесни судии и да бидат избрани најдобрите – кажа Дамева.
Селими посочи дека можеби треба да се избере претседател од редот на судиите.
– Од друга страна, има и одлука на Уставен суд со која одредува дека претседател може да биде само член од редот на судиите. Ред е да се почитува и таа одредба, можеби е дојдено времето претседател на Судски совет, па и заменик да биде редот на судиите – посочи потпретедателот.
Дамева додаде дека „целта е да се бара разрешување оти има сензитивни точки“.
– И да си одам и да изгласате моето разрешување, ако има законски основ, ќе си одам. Но, со гордо крената глава. За овие четири месеци, признале или не, овој Судски совет се отвори за јавноста, има добра работа со меѓународна заедница. Ако не сакаме по европскиот пат, сакаме да одиме по патот на заборав. Не знам што ќе се случи натаму Судски совет, за понатаму не знам. Додека сум претседател, нема да има простор за влијание. Знам ќе го спорите ова, јас кажувам, не се плашам од притисоци и закани, па по цена и да си одам. Ако ова е крајот, треба да утврдите моја одговорност па да наведете основ зошто ми го одземате мандатот, а не поради ваши желби и желби на ваши блиски луѓе – посочи Дамева.
Адеми ја обвини Дамева дека таа го блокирала изборот на судии во Апелација со непотпишување на анекс-договор. Таа, пак, возврати дека нема да потпишува штетни договори и дека за таков чекор треба некој да одговара. Потоа, се скараа Дамева и Павлина Црвенковска која сега е член на Судскиот совет, а претходно беше претседателка. Адеми ѝ рече на Дамева да не ја обвинува Апелација кога таа кочи избор на судии.