За голем дел историчари, експерти и социолози нема дилема дека Историјата како предмет, како што беше изучувана досега, повеќе нема да ја има, а правењето некакви комбинации со предметот Општество само уште повеќе ќе ги оддалечи децата од вистинскиот фокус што треба да го имаат кон сопствената историја. За познавачите на образовните состојби крајно е индикативно што оваа нова концепција за основното образование се појави во истиот момент кога Бугарија ги стави првите забелешки за содржините во учебниците по Историја во земјава
Новиот образовен концепт со административна мерка за колективна амнезија на националната историја
Оние што ја забораваат историјата се осудени да минат повторно низ иста иднина како што им било минатото, а тоа ќе биде нова голгота за Македонците. Така сублимирано сликовито изјавуваат нашите соговорници, историчари и професори. А нејзиното маргинализирање (заборавање на историјата) неминовно води кон минување низ истите премрежиња и повторување на истите грешки… Маргинализацијата на историската наука за соговорниците ќе претставува една национална амнезија на искушенијата низ кои векови, па и милениуми сме минувале како етнички, а подоцна и како национален супстрат. Административното потиснување на историјата, според историчарите, е трагедија, истоштување, стагнирање и уназадување, наместо национален просперитет. Историјата, според нив, е учителка на животот, не само на индивидуалниот туку уште повеќе на колективното живеење и општествениот и националниот развој. Осиромашувањето на знаењата за македонската национална историја го осиромашува и чувството на љубов кон татковината и почит кон предците што ја создавале, а генерира анемичност кон иднината и судбината на својата родина и родна грутка. Минатото и историјата се неразделно поврзани со идентитетот, јазикот, обичаите, културата, стремежите и борбата за нив. Неразделно, историјата е поврзана и со македонската земја и територија, со луѓето, поврзана е со белезите и симболите, како знамињата, грбот, песните и химните под кои генерации се гордееле, се препознавале, бодреле и сплотувале.
За исфрлањето на предметот Историја од дел од образовниот процес
Во време кога Македонија се соочува со сериозни идентитетски предизвици, исфрлањето на предметот Историја од образовниот процес на шестоодделенците од следната учебна година ќе ја прекине и онака тенката идентитетска нишка меѓу младите генерации и нивната татковина, која историската наука како таква ја везеше во животите на младите поколенија, во текот на нивниот образовен и воспитен период.
Имено, новата концепција за основното образование предвидува од септември да биде воведен нов предмет Природни науки, кој ќе ги обедини досегашните предмети Хемија, Биологија, Физика и Географија, но уште позагрижувачки е што повеќе нема да ги има предметите Историја и Општество.
Директорот на Бирото за развој, Зекирија Хасипи, тврди дека Историјата ќе стане дел од нов предметот Историја и општество, кој ќе се изучува од шесто до деветто одделение.
За голем дел историчари, експерти и социолози нема дилема дека Историјата како предмет, како што досега беше изучувана, повеќе нема да ја има, а правењето некакви комбинации со предметот Општество само уште повеќе ќе ги оддалечи децата од вистинскиот фокус што треба да го имаат кон сопствената историја. За познавачите на образовните состојби крајно е индикативно што оваа нова концепција за основното образование се појави во истиот момент кога Бугарија ги стави првите забелешки за содржините во учебниците по Историја во земјава, што директно се отсликува и преку работата на заедничката мешана комисија за историски прашања, во која историските четива во македонските учебници добиваат поинакви формулации, блиски до бугарскиот наратив.
Нашите соговорници се убедени дека ова што се прави сега со укинувањето на предметот Историја за шестоодделенците е само да ѝ се излезе во пресрет на бугарската страна во врска со историјата, а во исто време да се избегне притисокот на домашната јавност, која се противи на секакво извитоперување на историската вистина, особено кога станува збор за улогата на Бугарија во Втората светска војна и злосторствата извршени на македонска територија.
Уште пострашно е што некој, како што сметаат нашите соговорници, намерно сака идентитетски да ги обезличи младите генерации, за подоцна полесно да се спроведе процесот на асимилација.
– Кога ќе им го укинеш предметот Историја на децата на возраст на 10-11 години, кога се најчувствителни, кога практично детето почнува да го формира светот и кога буквално се буди неговата свест за сопствено идентитетско осознавање, за сопственото потекло, за припаѓање кон народ, кон држава, тоа значи дека им ја укинуваш нивната иднина како Македонци. Прашање е дали ова е направено смислено. Случајно сигурно не е, но доколку е случајно, тогаш е уште пострашно – вели социологот Илија Ацевски.
Некој едноставно сака да ни ја избрише колективната меморија
Социологот Илија Ацевски додава дека несфатливо е некој да се дрзне да ја укине Историјата како предмет, бидејќи таа е клучна за идентитетското осознавање на една личност.
– Нејасно е како едно дете од десет години ќе го оставиме незапознаено со тоа кое е, што е, да биде лоцирано во тој свет на етничко, историско, национално, народно битисување… Не можам да најдам зборови како да го објаснам ваквиот несфатлив чин – истакнува Ацевски.
Според него, младите генерации ќе бидат оставени како „табула раза“, да ги обликува кој како што ќе стигне.
– Ние живееме во време на наплив на информации отсекаде, во време на интернет, и кога на овие генерации ќе им ја испумпаш и таа и онака тенка врска со сопствената историја и идентитет, тогаш за што зборуваме повеќе. Искрено, не верувам дека дотаму ќе оди работата – посочува Ацевски.
Негово мислење е дека децата мора да ја знаат историја на сопствената држава и никој не смее да ги лиши од тоа сознание.
Особено жестоко реагираат историчарите што знаат какви консеквенции ќе има по младите генерации ако се укине предметот Историја или ако се направат некакви нестандардни модификации со други предмети.
– Ова со новиот концепт во образованието, особено со отстранувањето на Историјата за шестоодделенците, е вистинско злосторство на колективната меморија на целиот македонски народ. Ако тие млади генерации уште во основното образование не добијат знаење за тоа што се и кои се и не го учат тоа со текот на годините, од каде ќе дознаат? Некој едноставно сака да ни ја избрише колективната меморија – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, ниту еден народ без сопствена историја нема ниту своја иднина.
– Целта е да се добијат идентитетски осакатени генерации, кои некој многу полесно ќе ги обликува и асимилира, за жал – констатира Чепреганов.
На иста линија е и професорката Наде Проева, која смета дека ваквите експерименти со укинувањето на Историјата за шестоодделенците се свесно направени.
– Сето тоа е свесно направено, ништо не е случајно. Како што почна Бугарија да испорачува барања околу историјата, нашите веднаш почнаа да ги исполнуваат тие барања. Тоа е катастрофа. Народ што не си ја знае сопствената историја нема никаква иднина – вели Проева.