Откритие на британските научници
Научниците открија дека остатоците од вируси што се кријат во човечката ДНК милиони години му помагаат на телото да се бори против ракот. Покрај тоа, тие установија дека ракот има можност за бесконечна еволуција.
Според истражувањето на британскиот институт „Френсис Крик“, станува збор за остатоци од вируси што се будат, т.е. кои реагираат кога ќе се појави канцерогена клетка. Така, имунолошкиот систем го напаѓа туморот.
Ова откритие е наменето да се користи за развој на вакцини за подобрување на третманот на ракот или дури и спречување на неговото појавување. Забележана е поврзаност помеѓу подобрите шанси за преживување од рак на белите дробови и деловите од имунолошкиот систем наречени Б-клетки, а кои се концентрирани околу туморот. Б-клетките се дел од човечкото тело и тие произведуваат антитела, а се попознати по нивната улога во борбата против инфекции, како што е коронавирусот.
– Излегува дека антителата препознаваат остатоци од она што се нарекува ендогени ретровируси – рече Џулијан Даунворд, заменик-директор за истражување на институтот „Френсис Крик“.
Ретровирусите му ги даваат своите генетски упатства на човечкото тело. Некои од овие упатства им дозволуваат на клетките да имаат корисни цели, но другите упатства се строго контролирани за да не се шират. Порано имаше силна контрола на ретровирусите, но таа контрола повеќе не постои.
Антителата ги поттикнуваат другите делови на имунолошкиот систем да се борат со заразените клетки. Всушност, имунолошкиот систем се обидува да ги отстрани клетките на ракот. Професорот Џорџ Касиотис смета дека е фасцинантно што ретровирусите можеби предизвикувале рак кај нашите предци, но сега нѐ штитат од рак.
Истражувањето, кое беше објавено во научното списание „Нејчр“, ја утврди речиси бесконечната способност на ракот да еволуира. Тоа ги натера истражувачите да бидат повеќе посветени на прашањата за превенција од рак, бидејќи неговото ширење тешко се запира, пишува „Би-би-си“.