Грција

Политичката ситуација во Атина се влошува со молскавична брзина еден месец пред изборите во Грција откако белгиските власти побараа од Европскиот парламент да му го укине имунитетот на грчкиот европратеник Алексис Георгулис, кој се соочува со обвиненија за силување. По најавата од шефицата на ЕП, Роберта Мецола, Георгулис веднаш беше исклучен од левичарската партија СИРИЗА, а во вторникот беше исфрлен и од Европската обединета левица.
Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, побара итно да се расветли случајот.
– Без толеранција, без прикривање, без разлика на колку висока позиција е некој – истакна Ципрас.
Европската обединета левица, од своја страна, рече дека исклучително сериозно ги сфаќа наводите за постоење основи на сомневање и обвинувања за силување и дека е посветена на спречување и искоренување на сите форми на насилство и вознемирување.
Наводната жртва на Георгулис е поранешна вработена во ЕП, која моментално работи за Европската комисија и, исто така, е во извршното тело на Грчката социјалистичка партија (ПАСОК). Во објава на Фејсбук во вторникот, наводната жртва посочи дека инцидентот се случил на почетокот на 2020 година и дека таа веднаш поднела тужба за силување со придружните потребните податоци, како што се форензичките извештаи. Четири месеци подоцна, во мај 2020 година, таа се почувствувала подготвена да им го даде името на насилникот на белгиските власти, кои се единствените одговорни за водење на случајот.
Сепак, останува нејасно зошто белгиските власти ги одолжувале постапките со оглед на тоа што жалбата е поднесена пред речиси три години. Бриселски адвокати посочуваат дека е голема веројатноста белгиските власти да започнале истрага уште тогаш, но дека побарале одземање на имунитетот на европратеникот дури кога собрале доволно податоци.
Грчката владејачка Нова демократија ја нападна СИРИЗА, прашувајќи дали партијата е запознаена со случајот. Кога гласините за недолично однесување стигнале до СИРИЗА пред неколку години, шефот на делегацијата, Димитрис Пападимулис, побарал објаснување од Георгулис, но тој категорично негирал дека постои некаков проблем. СИРИЗА подоцна почнала сопствена истрага, но без конкретни резултати бидејќи белгиските власти го истражувале случајот во тајност. Освен тоа, службите на ЕП не пријавиле никакво кривично дело, тврдат од СИРИЗА.
Наводната жртва, од друга страна, ја обвинила СИРИЗА дека нејзини членови го објавиле нејзиното име во грчкиот печат, нарушувајќи ја нејзината приватност, имајќи предвид дека таа го чувала случајот во тајност дури и од нејзиното семејство.
И ПАСОК ја обвини СИРИЗА за протекување на доверливите информации, нешто што левичарската партија категорично го негира, а останува и фактот дека нејзиното име првпат било објавено во клучните провладини медиуми.
Случајот предизвика своевиден „политички земјотрес во Грција“ пред парламентарните избори закажани за 21 мај. Скандалот со обвинувањата за силување ја прави ситуацијата многу посложена. Засега, според анкетите, води владејачката Нова демократија со поддршка од 29 отсто, а веднаш зад неа следуваат СИРИЗА (24,6 отсто) и ПАСОК (9,5 отсто). Се очекува ПАСОК да ја игра клучна улога во формирањето коалициска влада и ќе мора да биде партнер или со Нова демократија или со СИРИЗА.
Односите меѓу ПАСОК и Нова демократија, пак, се лоши откако беше откриено дека тајните служби под контрола на грчкиот премиер му го прислушувале телефонот на социјалистичкиот лидер Никос Андрулакис.
Според новиот изборен закон во Грција, речиси е неизбежен фактот дека само коалиција може да успее да формира влада.

Подготвил: Mарјан Велевски