Приближувањето кон ЕУ како наша најзначајна стратешка цел значи постојано да ја јакнеме одговорноста и отчетноста на институциите, да ја подобруваме нивната функционалност како сервис кон граѓаните и како мотор на социо-економскиот напредок и поквалитетен животен стандард. Да создадеме систем кој ќе има солидна кондиција за да функционира врз принципите на владеење на правото, односно систем со солидни механизми кој ќе ја превенира корупцијата. Очекувам сите институции во најкраток можен рок да се фокусираат и да покажат побрз процент на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата, а не да биде онака како што е нотирано во извештајот на Антикорупциската комисија само 10 отсто што е поразувачки резултат.
Ова го истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во обраќањето на почетокот од работниот состанок во рамки на континуираното мониторирање на прогресот постигнат од страна на институциите вклучени во борбата против корупцијата, односно исполнувањето на препораките наведени во Извештајот од Европската Комисија за 2022 година и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025 на кој се обрати и шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.
Таа посочи дека со цел да се адресираат слабостите нотирани во Извештајот на ЕК за 2022 и следниот да покаже дека земјата прави прогрес, на средбата во декември институциите добија задолженија да достават до Кабинетот во рок од 10 дена во писмена форма мерки и конкретни активности коишто што ќе ги направат годинава согласно препораките од Извештајот на ЕК за 2022 година и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025 година. Таа при тоа нагласи дека само дел од институциите беа агилни и навреме одговорија на задолжението, некои испратија генерални забелешки, а дел од нив после предвидениот рок.
-Институциите мора да бидат и поодговорни и поагилни зошто од вас зависи и од сите нас зависи прогресот на државата. Мора да ги знаеме мерките зошто го баравме ова заради тоа што мора да знаеме какви мерки и активности секоја институција треба да преземе за да може потоа да разговараме и да процениме колку се релевантни и колку се соодветни, дали се во насока на исполнување на препораките на ЕК и целите на Стратегијата, а она што е подеднакво важно овие мерки и активности да бидат конкретни, со конкретни рокови, да содржат показатели за успешност за да може да се следи прогресот. Се друго би било еден вид импровизација и формалност која што воопшто не е стилот на работење на Кабинетот – оние што имале прилика да соработуваат со мене во изминатиот период знаат дека е тоа така и со оглед на тоа што немаме време за чекање уште помалку имаме време за губење. Денеска сме тука за заедно да ги детектираме сите чекори, конкретни чекори со конкретни рокови што треба да се направат за краток рок – рече Грковска.
Таа подвлече дека ова е борба што не зависи од еден човек, од една влада, туку зависи од сите нас и успехот на државата ќе биде заеднички успех оти само така е можно да се направи прогрес.
-За жал, последниот извештај на ДКСК покажува на слаба реализација на Стратегијата што не би смеело да се повтори. Сите овие сигнали јасно укажуваат дека секоја засегната институција мора сериозно да си го преземе својот дел од обврските и одговорностите и со целиот свој капацитет да се вложи во нивно исполнување, меѓу другото заедно со секоја институција. Таа Стратегија е правена заеднички со сите институции, не е наметнато однадвор, самите институции си ги нотираат обврските коишто треба да ги направат и затоа очекувам сите институции во најкраток можен рок да се фокусираат и да покажат побрз процент на имплементација на Националната стратегија за борба против корупцијата, а не да биде онака како што е нотирано во извештајот само 10 отсто што е поразувачки резултат – оцени Грковска.
Оваа заложба, додаде таа, треба да биде приоритет на секоја од институциите и затоа не смее да се остави простор ниту за игнорирање ниту, пак, за половично исполнување на обврските кои се јасно и прецизно нотирани.
На затворениот дел од состанокот Грковска најави дека ќе се разговара во детали за најкритичните и најпроблематичните точки.
-Знаете веќе од досегашното искуство од тие што веќе го имале дека јас сум прилично отворена и прилично остра кога станува збор за неисполнување на обврските, на детектирањето на слабостите заради тоа што после 30 години независност сметам дека немаме изговор веќе за какви било импровизации и неисполнување на обврските. Затоа очекувам и се надевам дека сите ќе останеме исто така отворени за сугестии и за предлози, ќе бидеме реални и објективни и ќе се фокусираме на подобрување на антикорупциските перформанси на институциите коишто ги претставуваме – рече Грковска нагласувајќи ја важноста од координација и соработката од сите институции со цел покажување видливи и конкретни резултати што е можно побрзо.