Деновиве, особено по смртта на малата Јана и новороденчето во Битола, како и непримерното однесување на анестезиологот во Одделението за гинекологија во тетовската болница, лекарите и другите здравствени работници, не само во Битола и Тетово туку и во цела Македонија, „ги јаде туѓиот срам, срамот на неодговорност на некои колеги“.
Покрај најблиските на покојните, кои по загубата што ја доживеаја одлучија јавно да проговорат за грешките на лекарите што беа вклучени во лекувањето на нивните најблиски, со вербални јавни напади врз лекарите и лекарската професија, поттикнати од нечија лекарска неодговорност, се вклучија и голем број граѓани. Покрај протестите, лекарите и здравствените работници се изложени не само на критика туку и на вистински своевиден линч од граѓаните и на социјалните мрежи, каде што не се избираат зборови за да се оцрнат луѓето во бели мантили. И тоа се генерализира?! Обвинувањата на лекарите и нивната професија отидоа дотаму што тие дури се етикетираат и како убијци?!
Последните денови Битола живее во една таква „атмосфера на линч“. Жестоко се бара одговорност од лекарите и од сите други медицински и здравствени работници што беа вклучени во лекувањето на Јана и на малото новороденче. Родителите на починатите дечиња со право бараат одговорност од лекарите, кои учествуваа во лекувањето на нивните најмили. Во ситуација кога за кратко време починаа две мали дечиња, разбирливи се револтот и гневот на нивните најблиски и граѓаните на Битола, кои на протестите бараат одговорност од лекарите. Но дискутабилна е нивната генерализација на вината! Од индивидуална, тие ја перципираат како „колективна вина и бараат линч за белите мантили?!“
Притоа се апострофираат и други случаи од минатото, каде што, според незадоволните граѓани, биле направени лекарски грешки, но кои не ја видоа светлината на денот. Лекарите и другите здравствени работници се под жесток притисок на јавноста. Тоа е и сосема разбирливо бидејќи двата настана во Битола се случија во краток период и се со смртни последици.
И наместо здравствените работници да се свестат за состојбата во која се наоѓа македонското здравство и да ја сфатат сериозноста во која се наоѓа нивната професија, во Тетово се случи скандал каде што лекар анестезиолог на Гинеколошкото одделение ги снимал со телефонот пациентите. Таквиот потег од министерот Фатмир Меџити беше оценет, најблаго речено, како непримерен и срамен за сите лекари, од кој црвенеат сите здравствени работници.
Дека состојбата во македонското здравство е повеќе од сериозна и тешка се согласи деновиве и новиот министер за здравство, спомнатиот Фатмир Меџити, при посетата на Битола.
Но македонското здравство, кое е во терминална фаза, тешко ќе се излекува со брзи и ад хок лекарски интервенции и несоодветни терапии. Напротив, потребно е, како што рече министерот Меџити, решавањето да биде чекор по чекор. Македонското здравство се соочува со голем број проблеми. За многу од нив лекарите можеби се најмалку виновни. Но по сето ова што ни се случува во здравството се наметнува потребата ако не сите, тогаш голем број од лекарите да се потсетат на Хипократовата заклетва.
Да ги потсетиме лекарите што пишува во Хипократовата заклетва: „Во часот кога стапувам меѓу членовите на лекарската професија, свечено се обврзувам дека својот живот го ставам во служба на хуманоста. Својата професија ќе ја извршувам совесно и достоинствено. Најголема грижа ќе ми биде здравјето на болниот. Ќе ги почитувам тајните на секој кој ќе ми се довери. Со сите свои сили ќе ја одржувам честа и племенитите традиции на лекарската професија. Во извршување на својата должност нема да имам никакви верски, национални, расни, политички или класни предрасуди. Апсолутно ќе го почитувам човековиот живот, од неговиот почеток до крајот. И под закана нема да допуштам моето медицинско знаење да се искористи спротивно на законите на хуманоста. На ова се обврзувам свечено, слободно повикувајќи се на својата чест“.
Иако најголемиот број од нив уште кога се определиле да студираат медицина и да лекуваат луѓе професионално и етички ја извршуваат својата хумана и благородна професија, и благодарение на нивната укажана помош спасиле голем број животи, сепак, за жал, има лекари што не само несериозно туку и непрофесионално ја извршуваат својата професија, за која, за македонски услови, се добро платени.
Кога се зборува за состојбите во здравството треба да се потсетиме и дека голем број лекари, кои се школуваа во Македонија, поради желбата за повисоки плати во изминатите години ја напуштија државата и заминаа во странство. Оттаму, јавна тајна е дека во Македонија има огромен недостиг од медицински персонал. Покрај лекари недостига и опрема за дијагностицирање и лекување на болните. Лекарите од кои пациентите бараат спас некогаш просто не знаат како да се однесуваат и како да им помогнат на болните. Тоа е факт, но исто така е факт дека никој не им дал право непрофесионално и неетички да се однесуваат за време на извршувањето на работните обврски.
Сепак, треба да бидеме доследни и да потенцираме дека не се сите лекари исти и не заслужуваат сите да се најдат на столбот на срамот. Напротив, има лекари што во разни ситуации ја покажале својата висока професионална и морална свест и лекарска етика. Да се потсетиме само како лекарите и медицинските сестри се справија со пандемијата на ковид-19, која не само за нас туку и за нив беше непозната болест од која и најголемиот број од нив боледуваа. Тогаш голем број граѓани со аплаузи од балконите и прозорците низ македонските градови им се заблагодаруваа за нивната пожртвуваност.
Диференцијацијата меѓу лекарите, како и во другите професии е неминовна и нужна. Мора секој лекар најсериозно да си ја извршува професијата, а доколку згреши и тоа го утврдат надлежните институции да ја признае вината и да ја сноси одговорноста. Помина времето кога важеше правилото дека грешките на лекарите ги покрива земјата. Со дигитализацијата и интернетот сега на граѓаните речиси сѐ им е достапно и се споделуваат секакви информации и видеа. Буквално се мерат и се „снимаат“ секој збор и потег.
Со секоја почит и разбирање за болката на родителите што ги изгубија своите најблиски и барање одговорност од тие што згрешија, сепак во овој момент атмосферата што се креира во јавноста навистина ги надминува сите граници.
Докторите се изложени на огромен притисок. Некои веќе се плашат да одат на работа. Стравот од грешка им влезе во коските на многу медицински работници и им ги врзува рацете. Оттаму е потребно разбирање и за лекарите и со сета сериозност да се прифати апелот на Лекарската комора, во кој се вели дека секојдневно во медиумите се истакнуваат имиња на доктори што биле вклучени во лекување пациенти, наведувајќи на тоа дека сториле некаква лекарска грешка, без притоа да постои одлука на надлежна институција.
Сите овие настани предизвикуваат сериозно вознемирување, згрозување и нарушување на достоинството, угледот и интегритетот на лекарската професија. Најголем дел од лекарите својот професионален и приватен живот го посветиле на својата професија и одговорно, стручно и посветено секојдневно даваат здравствена заштита и се грижат за здравјето на голем број пациенти во условите што постојат во здравствениот систем. Загубата на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине.
Токму затоа, за креирање на јавното мислење и вистинско насочување на расплетот на случаите што се од интерес на јавноста, особено е важно поединците што не се компетентни или немаат релевантни информации да се воздржат од давање јавни коментари бидејќи така само се засилуваат нападите и говорот на омраза без притоа да се постигне ефект на конкретно утврдување на одговорност и превенција на нови случаи.