Група научници, користејќи најсовремени техничко-технолошки методи испитувајќи го платното, утврдиле дека „во моментот на ерупција на енергетското зрачење што ја создало фигурата на платното, телото поминало низ ленената ткаенина без да ја наруши неговата структура“?!

ЗА ЛЕНЕНОТО ПАРЧЕ МАТЕРИЈАЛ ЗА КОЕ РИМОКАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ВЕРУВА ДЕКА ВО НЕГО БИЛО ЗАМОТАНО ТЕЛОТО НА ИСУС ХРИСТОС

Западните научници посветиле огромно внимание на анализирање на Торинското платно, односно лененото парче материјал за кое Римокатоличката црква верува дека во него било замотано телото на Исус Христос по неговата смрт. Тоа се чува во кралската капела на катедралата „Св. Јован Крстител“ во Торино, Италија.
Реализирани се низа истражувања на платното, познато како Торинско платно, а последното направено пред некаде околу шест години говори дека тридимензионалниот одраз на човечката фигура на платното е создаден како резултат на мистериозна експлозија на енергија во внатрешноста на платното. Токму таа енергетска ерупција предизвикала нешто слично на „горење“ на површината на влакната на таков начин што овие траги е невозможно да се отстранат или на кој било начин да се измијат од крпата.
Врз основа на анализата на дамките од крвта на ткаенината и сознанијата за процесот на згрутчување на крвта, хематолозите дошле до заклучок дека телото на починатиот било завиткано во ткаенина два часа по смртта, но во него не било подолго од 36 часа, бидејќи зад себе не оставило никакви траги од посмртно распаѓање. Научниците, испитувајќи го платното, утврдиле дека во моментот на ерупција на енергетското зрачење што ја создало фигурата на платното, телото поминало низ ленената ткаенина без да ја наруши неговата структура.
Дека немало тело во гробот говорат Матеј, Марко и Лука во нивните евангелија, додека Јован известува за споменатата сцена дека облеката била „свиткана“, односно оставена како телото да исчезнало од неа. Во празната гробница прв влегол Петар, кој го видел „платното на едно место“. Се разбира, науката сè уште не може да каже каква сила ја создала оваа неверојатна ерупција на енергија.
Преку микроскопски испитувања на платното, научниците открија дека фигурата „отсликана“ на платното е создадена како резултат на оксидација и дехидрација на влакната во површинските нишки на платното, кои имаат просечен дијаметар од 10 до 20 микрони и максимална длабочина од 125 микрометри. Во исто време, тие не успеале да ја откријат самата причина зошто влакната пожолтеле и на тој начин ја формирале фигурата. Најраспространета теорија, според „Витнесес оф мистери“ (Witnesses of the Mystery), е онаа според која отпечатокот настанал како резултат на контакт на телото со ткаенината, при што „дошло до емисија на гасови или некоја форма на енергија од телото“.

Д-р Џон Џексон, кој го истражува Торинското платно од 1977 година, посвети посебно внимание на необичните карактеристики на платното, а Американката Џенис Бенет ја сумираше неговата теорија дека „на прво место отпечатокот од телото и дамките од крв дошле од директниот контакт на ткаенината со човечкото тело што било завиткано во ткаенината“.
Овој заклучок доаѓа од фактот дека дамките се создадени исклучиво од крв, додека испечатената фигура одговара на положбата на човечко тело што лежи на грб. Второ, гравитацијата одиграла важна улога во создавањето на фигурата на платното во смисла дека што и да е тоа што ја создава фигурата може да го направи тоа само со држење на телото на човекот на платното во вертикална положба. На крајот, треба да се додаде дека платното, додека на него се формирале крвавите дамки и отпечатокот на ликот, било во две различни позиции. Некои отпечатени делови од телото се поместуваат во однос на крвавите дамки.
– Така, заклучуваме дека дамките мора да настанале на почетокот, кога телото било само завиткано во ткаенина. Меѓутоа, додека се создавал отпечатокот на фигурата, ткаенината најверојатно паднала така што отпечатокот на страничните делови на лицето бил поместен за неколку сантиметри во однос на претходно формираните крвави дамки – тврди Бенет, што го потврдува мислењето на Џексон дека крпата некое време била обвиткана околу човечкото тело и потоа наеднаш, од засега непознати причини, телото престанало да ја држи крпата и таа паднала надолу. И во тој момент се создал отпечатокот на платното.
Иако потеклото на отпечатокот на платното сè уште останува загатка за науката, научниците што го истражувале заклучиле дека едно од можните објаснувања, кое наедно е и најубедливо, е дека отпечатокот е создаден од некоја форма на енергија. Некои од нив пресметале дека отпечатокот на ткаенината можел да биде предизвикан од зрачење од 1.016 електрони на квадратен сантиметар.
Таквото зрачење треба да се емитува вертикално во однос на телото, да се шири рамномерно и потоа да остане апсорбирано во воздухот. Иако се направени многу вакви тестови, никој не успеал да направи копија од платното со сите негови карактеристики. „Современата наука едноставно не ги знае технолошките средства со кои би можела да создаде репродукција на овој извонреден и уникатен објект“, заклучува „ Витнесес оф мистери“.
Сепак, според македонските теолози, оваа теорија не треба да се земе здраво за готово, бидејќи нема никаква гаранција дека токму тоа платно е платното во кое бил завиткан Христос по смртта. Д.Т.З.