Фото: Архива на „Нова Македонија“

Ќе сака ли некој да ја согледа вистината за риболовот на Охридско Езеро

Заштитата на Охридско Езеро, како и заштитата на рибниот фонд и концесионирањето, секогаш била тема од највисок приоритет за државата. Но, за жал, наедно темата Охридско Езеро со децении била отсекогаш и – болна! Онака како што се одвиваат работите со Охридско Езеро низ годините, таа тема е болна за гледање и за слушање, а ефикасни реакции за заштита и чување – изостануваат. Зошто? Истражувачки тим на „Нова Македонија“ веќе подолго време опсервира, собира податоци, анкетира, интервјуира, вкрстува и потврдува информации од повеќе упатени извори, пишува и го анализира општествениот феномен Охридско Езеро. Овој пат го правиме тоа анализирајќи за неговото (не)стопанисување, (не)менаџирање со езерските ресурси, кои државата ги дава како концесии. Долги години нашиот охридски бисер е предмет на безмилосно девастирање на рибниот фонд. Изминативе години слободно може да се рече дека езерото е жртва на рибен геноцид, но ретко кој ги согледува вистината и реалноста.

Кога Охридско Езеро е без концесионер

Секогаш кога немало концесионер на Охридско Езеро, рибокрадството било најжестоко и безмилосно! Изловувањето на рибниот фонд било најголемо како во време на ловостојот, кога е во сила забраната за ловење на рибата (кога таа се мрести), така и во преостанатиот период. На локалните жители, охриѓани и стружани, многу добро им се познати идентитетите на лицата што се занимаваат со рибокрадство. Па, дури тие лица ѝ се познати и на пошироката јавност. Соговорниците посочуваат дека „трагично е што тие луѓе веќе и не се кријат, за време на мрест објавуваат фотографии на социјалните мрежи со трпеза полна со риба – охридска пастрмка и белвица полни со икра“?! Нашите соговорници коментираат дека „вносниот црн бизнис со рибокрадството им овозможува да возат луксузни автомобили ’аудија’, БМВ, нови ’пасати’, ’голфови’, да купуваат станови“… Апелирајќи којзнае по кој пат до надлежните, многу соговорници од локалното население сведочат дека истите тие лица ги гледаат „тие исти рибокрадци како уживаат и трошат на ноќен живот и казина итн., а немаат ниту еден ден работен стаж или каков било работен ангажман освен рибокрадство и уништување на рибниот фонд“?! А надлежните служби, велат, никако ефикасно да реагираат?!

Математиките на рибокрадците

Сите наши соговорници истакнуваат дека сега риболовниот алат, односно мрежите се толку евтини, што и покрај нивното одземање (запленување) од страна на полицијата, многу лесно повторно можат да се набават. Тие велат дека сега не е како порано, кога риболовната опрема се набавувала од странство, била поскапа, а и била под контрола на надлежните служби.
Понатаму, соговорниците го истакнуваат фактот дека „модерната и пристапна софистицирана опрема за комуникација си го прави своето: се следи и се набљудува полицијата на секој чекор, се набљудува каде се движи таа, каде патролира, каде поставува заседи“, при што преку средствата за комуникација, членовите на риболовните банди се известуваат меѓу себе за потенцијалните контроли, заседи или други опасности за нив што се преземаат од страна на полицијата.
Во тој контекст, соговорниците презентираат исклучително интересна информација дека во синџирот на рибокрадството постојат и специјализирани лица т.н. „чекачи“, кои ја набљудуваат и следат езерската полиција – кога и каде се движи, кога излегуваат глисерите, и таквите информации му ги доставуваат на еден од групата рибокрадци, при што за тоа добива соодветна награда. „Чекачот“ може и да не е активен член на „рибокрадната банда“, па дури и да не ги знае другите членови на групата, а да е поврзан само со еден од нив до кого ги доставува информациите за полицијата…
Уште поинтересна е приказната на соговорниците, како што тврдат, дека „полициските успеси од областа на рибокрадството во езерото се плод на анонимни пријави на ривалските групи рибокрадци“. Имено, полициските заплени на мрежи и друга опрема од рибокрадците се должи, како што велат соговорниците, на „шпионажа помеѓу рибокрадците, за едни на други групи рибокрадци да си наштетат, а полицијата се користи како алатка за реализација и елиминација на ривалската група“!
Јасно е, како што тврдат соговорниците, дека полицијата има сосема друг законски приоритет. Нејзината примарна задача не е борба против рибокрадството туку обезбедување на водниот граничен појас со Р Албанија и негова контрола, задача што си ја врши многу добро, како што велат локалните жители.
Уште еден интересен момент издвојуваат соговорниците. Имено, тоа се едноставните калкулации на еден рибокрадец во Охридско Езеро. Реалната математика на еден рибокрадец е следна: на еден ден уловени 15 кг белвица х 500 ден = 7.500 денари дневно! Или, пак, 10 кг пастрмка летница х 850 денари = 8.500 денари дневно. Импресивни цифри, нели?
А сведоците за рибокрадството не треба да се бараат под „дрво и камен“, како што велат нашите соговорници. Едноставно, тоа се рестораните каде што секој ден осамнуваат слики од богатите софри и убавата гозба со охридска пастрмка, белвица, јагула, крап… таму каде што нема прекин во набавката на риба и без концесионер. За снабдувањето со риба по рестораните, соговорниците издвојуваат дека тоа го прават рибокрадците, а најинтересно е тоа што тие тврдат дека постојат основи на сомневање дека и некои од рестораните се дел од синџирот. За покритие имаат набавено и понекој килограм мавровска пастрмка, заради фискална ако треба… а и таа е реткост, како што велат тие.
– Се лажеме ако мислиме дека јадеме мавровска пастрмка. Мавровската треба да се плати 300 денари за килограм, а пак охридската пастрмка повеќето газди на рибни ресторани сами си ја црпат и им е поевтина. И каде е точната контрола за уловот на рибата од Охридско Езеро – гласно се прашуваат соговорниците.

Контроверзии со уловот на јагулата

Соговорниците упатени во проблематиката со уловот на риба од Охридско Езеро велат дека сличен е случајот и со прашањето за т.н. Далјан, на Црн Дрим, со ловот на јагулата.
Имено, на излезот од Струга, по текот на реката Црн Дрим, е местото каде што се заловува јагулата. Инсталацијата за заловување на јагулата на Црн Дрим е поставена поради изградбата на хидроцентралата „Глобочица“, односно прекинот на природниот пат на јагулата за одење и враќање до морските води за мрест-размножување. Но по сѐ изгледа таа е „запоседната“ под нејасни околности. Локалните жители на Струга инсистираат до надлежните служби да реагираат, но нагласуваат дека е неопходно најпрво да реагираат „сите оние што не се партизирани или не се корумпирани, за да ги истражат докрај сомнежите за узурпирање на Далјан за јагула“. Соговорниците откриваат дека таму постои некаква доградба на објектот „Далјан“, која била направена без дозвола, но доградбата е веќе легализирана. Но упатените тврдат дека тоа не значи дека со легализирањето на доградбата некој може да се претстави како сопственик, ниту пак како концесионер на „Далјан“ за лов на јагула.
Според исказите на соговорниците во врска со проблемот со „Далјан“, од страна на државата е одземена концесијата поради „незаконско работење“, со што се одзема и правото фирма или, пак, други фирми од истиот основач повторно да може да конкурираат за да земат концесии, бидејќи законот не го дозволува тоа!
Соговорниците тврдат дека Далјан заловува јагула без прекин (кога дува јужен ветер јагулата оди во реката Дрим и, се разбира, во Далјан, при што секој килограм јагула чини 1.200 денари).
Јагула се лови по повеќе тони годишно, па, следствено на тоа, соговорниците легитимно го поставуваат прашањето дали треба да се остави ловот на јагула никој да не го контролира?!

Вистината за начинот на досегашното концесионирање за
Охридско Езеро

Соговорниците издвојуваат и неколку карактеристични информации за професионалните рибари на Охридско Езеро. Имено, тие велат дека рибарите секогаш биле вработени на минимална плата и често „добивале минимум за плата, за што не се ни бунеле, затоа што секој ден од уловот ако фателе 20 кг риба (белвица), тие на концесионерот му предавале пет-шест килограми риба, која концесионерот им ја плаќал по 200 ден за килограм, а другата риба ја криеле, како и секогаш (таква била практиката и јавна тајна дека рибарот си земал риба), и ја продавале сами по 500 ден.“!?
Исто така е и со пастрмката летница, но цената што ја добивале рибарите (во случајов секако рибокрадци) е 500 ден./кг белвица со 850 ден./кг пастрмка, која ја продаваат подрака во ресторан или на лица, а концесионерот добивал „со молење една третина од уловот за рибарот да е „легален рибокрадец“ и скриената, украдена риба да ја продава поскапо… Тоа, според очајните соговорници, е една болна вистина, која некој треба да ја слушне и да преземе мерки…
Значи досегашната практика е „и волкот сит и овците на број“: концесионерот земал една третина од уловот и бил задоволен, „заловувал точно“ по бројките дадени во концесијата, а реалноста е дека имало „трипати повеќе ловокрадствто“, ако не и повеќе од тоа! Но концесионерот давал минимална плата, не се малтретирал за алати – мрежи, за пенти, кајчиња, гориво, сервиси и др., па на крајот се исплатело.
Истото тоа се случувало и за време на заловување за вештачкиот мрест, односно рибарите поставувале мрежи за да заловат риба матици со икра за Хидробиолошкиот завод, а над тие мрежи истите тие „рибари“ навечер поставувале свои мрежи, го блокирале патот на рибата, односно мрежите за ХБЗ често останувале празни, но затоа од таканаречените заштитени рибари мрежите за рибокрадство биле полни.

Неопходно е конечно да се најде концесионер што ќе стави ред!

Дали конечно ќе се најде концесионер што ќе стави ред, кој ќе вработи рибари, кои ќе работаат за плата, ќе добиваат алати, гориво и сѐ друго и ќе ловат за концесионерот, со полна контрола над уловот и целата риба од уловот да ја зема и продава концесионерот, а не рибарите, како многупати досега, „да вршат продажба на црно на уловената риба и неконтролирано да го оштетуваат рибниот фонд од езерото“. Според нашите соговорници, рибарите се декларираат како „заштитници“, а истите тие, односно многумина од нив го пустошат во безредие рибниот фонд за време на мрест, за време на забрана, за време на концесионирање и без концесионирање!
Од информациите до кои дојдовме, заклучок е дека иако цената за концесија што ја понуди новиот потенцијален концесионер е доста висока, сепак ако стопанисува како што треба и со уловената риба располага законски во полн капацитет (односно тој стопанисува и тој ја продава наместо како досегашната практика со претходните концесионери, каде што рибарите земаа повеќе риба за себе отколку концесионерот), а наедно концесионерот да се покаже во полн капацитет и за заштита и чување на Охридско Езеро и биде „ноќна мора за рибокрадците“, а со тоа да стави ред на безредието и начинот на риболовство, на плаќањето на рибарите, на продажбата на рибата односно начинот на нејзиниот пласман, тогаш ќе има и полн погодок за Охридско Езеро за одржлив развој како едно од нашите најголеми природни богатства.
Иновативна мерка плус би било доколку самиот концесионер би можел да врши само увид и контрола над рестораните што не се корисници на риба од Охридско Езеро, кои немаат договор за снабдување со риба од концесионерот, односно немаат договор за снабдување со риба, а концесионерот би ги известувал надлежните државни инспекции, со што би се вовел уште поголем ред на стопанисувањето со Охридско Езеро.
Соговорниците велат дека е солиден и предлогот за брендирање на официјалните ресторани и рибарници за продажба на охридска риба од страна на новиот потенцијален концесионер.
Во меѓувреме, сите со нетрпение чекаат воведување ред и почитување на законите, а со нетрпение се чека и одлуката за доделување на концесијата, во законскиот рок, се разбира!

Без концесионер, Охридското Езеро ќе продолжи да седевастира од страна на несовесните рибари-професионалци / Фото: Емил Јовановиќ

Од досегашните пишувања во врска со проблемот на девастирање на рибниот фонд на Охридско Езеро

Одземена концесијата за риболов во Охридско Езеро

(23.1.2020)

Владата ѝ ја одзеде концесијата за риболов во Охридско Езеро на фирмата „Летница белвица“, откако повеќе рибари посочија дека таа работи незаконски, а увидот извршен од страна на надлежните служби го потврди тоа. Беше најавено дека надлежното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе излезе со конкретни информации за злоупотреби на концесијата, по што оштетените и јавноста очекуваат и санкционирање на сите инволвирани во злоупотребите.
– Правдата победи. Државата веќе еднаш да прекине со ангажирање вакви криминалци – беше првата реакција на рибарите од струшко Радожда по одземањето на концесијата на оваа фирма.
Тие сега очекуваат државата да преземе мерки за заштита на Охридско Езеро.
– Доколку државата се реши повторно да распише тендер за избор на концесионер за Охридско Езеро, планираме да формираме наше здружение на рибари што ќе конкурира. Ако, пак, се оди на варијантата за целосна заштита на езерото, заедно со Албанија, и тоа ќе го почитуваме. Добро е две-три години да се заштити езерото за да се обнови рибниот фонд, но треба да се води сметка таквата заштита да не остане предолго, оти ние како рибари ќе останеме без работа – вели рибар од Радожда.

Ќе донесат ли резултат засилените контроли за заштита на рибата во Охридско Езеро

(30.1.2020)

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вчера од Охрид најави засилени контроли на Охридско Езеро за заштита на рибниот фонд. Најавата следува откако Владата на доскорашниот концесионер му ја одзеде дозволата поради, како што пишуваше „Нова Македонија“, незаконитости во стопанисувањето, а во изминатите неколку дена беа фатени сторители на бесправен лов на риба од езерото.
– Во услови кога Охридско Езеро нема концесионер и е без заштита, Министерството за земјоделство преку Државниот инспекторат, заедно со Министерството за внатрешни работи, ќе ги засили контролите на терен, за заштита на ова природно богатство и рибниот фонд, кој дополнително е загрозен – рече Трипуновски.
Тој потсети дека минатата година не е спроведено порибување со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка, а прашање е дали и оваа година ќе биде извршен вештачки мрест, што дополнително го загрозува рибниот фонд.
– Со МВР изминатиот период имавме успешна соработка, но овој апел е за во иднина да се засили контролата не само во Охридскиот туку и во Струшкиот Регион, за заштита на националното богатство до избор на нов концесионер – објасни Трипуновски.

Агресија и сотирање на рибниот фонд во Охридско Езеро

(15.1.2022)

Нашиот извор причините за ваквата состојба ги гледа во недоволната ангажираност на државата да се заземе за зачувување на рибниот фонд и на самото Охридско Езеро. За него е просто несфатливо толкаво езеро да се остави толку долг период без концесионер, а рибокрадството наводно да го спречуваат пет-шест чувари.
– Во моментот не постои контрола над езерото. Лови кој ќе стигне, и оние што се рибари, но и оние што не се. Трката по брз профит едноставно ги намами сите, така што неповратно се уништува рибниот фонд. Ниту надлежните инспекциски служби нешто прават, ниту, пак, полицијата е доволно ефикасна во справувањето со рибокрадците, па се чини дека и таа крена раце – наведува рибарот што реши да проговори за хаосот што владее во Охридско Езеро.
Тој меѓу рибокрадците препознава и дел од оние што до вчера се удирале во гради дека ќе ги заштитуваат езерото и рибите само ако му се одземе концесијата на поранешниот концесионер и управувањето на езерото им се даде ним.
– Истите тие рибари сега заборавија на она што го ветуваа, туку полакомени од заработувачката ѝ се препуштија на стихијата. Во езерото влегуваат и рибари и рибокрадци, нема никаква контрола, се краде на големо, а рибата се продава по рестораните. Ако продолжи вака, ќе се уништи езерото – појаснува нашиот извор.
Негово мислење е дека вината за ваквата состојба е исклучиво во државата и нејзините институции, кои едноставно не функционираат.
– Сега албанскиот дел на езерото е позаштитен од нашиот. Таму има забрана за лов и никој не влегува во вода, а на оние што ќе бидат фатени им се заканува затворска казна. Кај нас ќе фатат некого, ќе го опоменат и завршува со тоа. Затоа и повторно се враќаат на рибокрадството. Некои од инспекторите наместо да направат контрола во рестораните и да испитаат од каде доаѓа рибата на нивното мени, тие се задоволуваат со еден бесплатен ручек и толку. И некои од полицајците замижуваат на рибокрадците, чуварите не се ни обидуваат да ги спречат оти постојано им се закануваат, па затоа не треба да нè изненадува ваквата состојба – посочува изворот.

Охридско Езеро е огледало на целото општество

(16.5.2022)

Истражувањата на Хидробиолошкиот институт во Охрид, на пример, покажале дека популацијата на охридската пастрмка континуирано се намалува од почетокот на 90-тите години на минатиот век, така што податоците за периодот од септември до ноември 2021 година покажувале отсуство на повозрасни единки на пастрмката, што довело да констатацијата дека ситуацијата јасно укажува на прелов на оваа риба. Интересно е што во изминативе неколку години никој нема концесија на излов на рибата, така што прашањето е каде исчезнува рибниот фонд.
Упатените велат дека иако официјално нема дозвола за лов во езерото, неговиот најзагрозен вид, охридската пастрмка, сепак, може да се порача во рестораните низ земјава за над 2.000 денари по килограм. Објаснувањето е дека пастрмката се лови на албанската страна од езерото и потоа се препродава во Македонија, а се поткрепува со податоците според кои на албанската страна од 2012 година наваму се ловат од 55 до 70 тони пастрмка годишно, додека на македонска страна во истиот период ловот изнесувал помалку од еден тон годишно, или барем толку било регистрирано. Зачудувачки податоци, кога се знае дека две третини од езерото се на македонска, а само една третина на албанска територија.