Во општествената реалност на Македонија, која речиси секојдневно е соочена со
предизвикот на одржување и зачувување на културните атрибути на македонскиот
национален идентитет, се поставува прашањето колку таа има сила да пренесува идеи, да решава конфликти, да биде одговор на проблемите, кога е сосила сведена да коленичи за егзистенција?! Уште повеќе, многу од македонските културни институции во државава беа опфатени со процес на преименување со Преспанскиот договор, при што се разобличи битието на генезата на македонската култура, односно од нашите називи на културните институции атрибутот „македонски“ беше заменет (главно) со придавката „национален“. Во таквата констелација на состојбите се поставува прашањето останаа ли идеи, сила и енергија во културата таа да биде извор на одговорите за проблемите во општеството
Има ли културата сила за решавање конфликти и за одговор на проблемите во општеството?
Еден ден по одбележувањето на Светскиот ден на театарот (27 март), вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, од протест пред Владата побараа (повторно) средба со надлежните од Министерството за финансии. Од протестот беше испратен апел министерот за финансии да го одобри колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти.
Состојбите во културата, кои се чини сѐ повеќе се сведуваат на решавање на егзистенцијалните прашања, според класичните дефиниции на општеството се највидливиот одраз на клучните проблеми и прашања што преокупираат одредена општествена, односно државна заедница. Под поимот „состојби во културата“ најчесто се подразбира менаџирање со процесите и предизвиците при создавањето уметност како општествена вредност. Театарот секако е важен експресивен сегмент на културата, своевиден медиум за директна комуникација со јавноста (т.е. публиката), каде што можат низ уметничка форма да бидат пренесени одредени општествени пораки.
Дали културата во Македонија со умисла е онеспособена да носи идеи, сила и енергија во општеството
Изблиците на реакции на работниците од сферата на културата, поврзани пред сѐ со базичните егзистенцијални прашања, повторно ги наметнуваат прашањата дали културата во Македонија носи идеи, сила и енергија да биде одговор на проблемите во општеството.
– Какви прашања, какви одговори се очекуваат од театарот, уметноста или од културата воопшто? Сѐ повеќе ми се чини дека е депласирано да се зборува за уметност и театар во оваа општествена реалност во Македонија, каде што луѓето (секако, меѓу нив ги вбројувам и уметниците) се зафатени со егзистенцијални проблеми. Театарот одамна не е место каде што се поставуваат прашања и одговори, се даваат решенија, макар и метафорични за нешто што го загрижува општеството. Такво нешто во театарот нема од пред 50 години. Всушност, имам чувство дека театарот како некаква движечка енергија во општеството веќе го нема, не постои. А штом нешто не постои, не може да понуди ни прашање, ни одговор за реалноста. Дури мислам дека ако се стават катанци на театрите, никој нема ни да забележи, секако, освен нас актерите, зашто ќе нема од каде да добиваме плата. Во она што се смета за култура, културен потенцијал во Македонија, нема ниту визија, ниту енергија да биде одговор на општествените предизвици – вели актерот и писател Сашо Тасевски, кој последниве години во јавноста сѐ повеќе се изјаснува како политички аналитичар.
Културата има мисија да пренесува идеи, да решава конфликти
За улога на театарот во контекст на културата говореше режисерот Владимир Милчин, на промоцијата одржана на ФДУ, по повод Светскиот ден на театарот.
– Театарските луѓе имаат одговорност пред времето и местото каде што се случува театарскиот чин. Театарот не е само забава и затоа театарот во Македонија ќе мора да почне да ја игра својата улога во нашето општество – порача Милчин на промоција на книгата „Основните проблеми на режијата“, од Хуго Клајн, кој ја вовел категоријата – функција на улогата на театарот.
– Според него (Клајн), театарот не смее да биде сам за себеси. Туку тој мора да има некоја улога во општеството. Мора да пренесува идеи, да решава конфликти. Значи, театарот не е нешто што се прави во некаква кула од слонова коска. Туку е нешто што е одговор на проблемите – изјави Милчин.
Во општествената реалност на Македонија, која речиси секојдневно е соочена со предизвикот на одржување и зачувување на културните атрибути на македонскиот национален идентитет, поставен од политичкиот контекст на современите соседски и геополитички собитија, се поставува прашањето колку културата во земјава веќе има сила да пренесува идеи, да решава конфликти, да биде одговор на проблемите. Многу од националните културни институции во Македонија беа опфатени со процес на преименување, прифатен со Преспанскиот договор, според кој, од нивните називи атрибутот „македонски“ беше заменет (главно) со придавката „национален“. На тој начин, културата, онаа националната, преку која се препознаваат народот, јазикот, историјата, корените, беше претворена во составен елемент на комплексните општествени и идентитетски дневнополитички предизвици, создадени со менувањето на името на државата преку имплементацијата на Преспанскиот договор. Со тоа е направен обид да се ампутира еден значаен белег преку кој се идентификуваат македонскиот придонес и печат на универзалните вредности на културата, препознатливи во целиот свет. И натаму работите се движат во насока на ослабување и обезличување на нашиот уникатен белег на културата, со доведување на македонската култура и културните работници до ниво на субегзистенцијалност. Државата не смее да го дозволи тоа доколку навистина верува во своите декларирани ставови дека културата е еден од фундаментите на македонскиот идентитет и државност.