Обвинителство, полиција, Инспекторат – ова се трите институции кои од се влезени на контрола во Клиничката болница – Битола откога завчера почина петгодишно девојче. Потврда за ова даде и директорот Александар Обедниковски за „Макфакс“, кој ќе бара да се направат проверки и од Министерството за здравство преку посебна комисија. Директорот Обедниковски посочува дека не може да ги коментира обвинувањата дека на девојчето му била дадена гликоза иако шеќерот му бил покачен на 9, како што тврди семејството.
-Тоа не можам да го кажам тоа. Тоа го проверуваат. Дојдоа и од Обвинителството и од полиција. Штом постапува Обвинителството – не можам да коментирам – вели тој.
Прашан дали тој се сомнева во лекарска грешка, посочи дека за тоа ќе одлучат институциите.
-Не можам тоа да го кажам. Тоа го одлучуваат Министерството за здравство и инспекторатот. Затоа и ќе барам да дојде комисија од Скопје да не излезе потоа дека ние криеме некакви докази итн. Нека си дојдат од Скопје – вели Обединковски.
За случајот, директорот ќе има средба и со новиот министер за здравство.
-Јас одам кон Скопје на состанок во Министерство за здравство за да се договориме како да постапиме понатаму. Ќе побарам од министерот за здравство да направи комисија да дојде и да ја испитаат состојбата – додава директорот за „Макфакс“.
Девојчето починало по примањето инфузија.
-Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството – рече вчера директорот Обедниковски.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
Со став излезе и битолското Обвинителство, од каде што посочија дека издале наредби за да се утврди фактичката состојба.