Владата донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез-музика“, чија основна дејност ќе биде подготвување и јавно изведување висококвалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови што гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Новата национална музичка институција се формира по иницијатива на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура.
– Преку оваа установа ќе се негуваат талентираните џез-музичари што работат и што се школуваат во земјава и ќе им се овозможува траен и одржлив ангажман што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез-културата, како и да ја популаризираат македонската џез-музика. Со оглед на празнината што државата ја има со непостоењето ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани што ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации што ја негуваат истата дејност – велат од Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Оркестарот веќе се има докажано како врвен ансамбл што е на ниво на светските стандарди, така што како национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство, а ќе продолжи со вмрежување со европските и светски сродни институции, по практиката што веќе ја востанови. Националната установа просторно ќе се смести во објектот на Националната филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на Националната опера и балет.
Владата донесе и одлука за формирање на националната установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, чија основна дејност ќе биде музејска дејност, односно истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и презентирање на музејските материјали. Оваа установа ќе ја афирмира современата ликовна уметност, како одговор на потребата ликовната сцена во Полошкиот Регион да биде збогатена со стручна институција од областа на музејската дејност. В.Д.