И од левицата и од десницата еднакво го обвинуваат Макрон за „уништување на Франција“. Во француската престолнина сега има блокирани булевари, транспортни и енергетски штрајкови и планини
од несобрано ѓубре, бидејќи Макрон ја искористи својата специјална уставна моќ за да наметне пензиска реформа што ја мразат 70 отсто од возрасните Французи. Макрон се обидува да ја реформира Франција против нејзината волја!
Во 2017 година, Емануел Макрон вети нов, консензуален вид политика. Според него, тој се сметаше за револуционер во костум, кој ќе ги уриваше туѓите интереси и бариерите што ги ограничуваа можностите и го задушуваа францускиот просперитет.
Лани во јуни, Макрон зборуваше за „нов метод на управување“. За француските весници тој изјави дека францускиот народ бил „уморен од реформите што се спроведуваат хиерархиски“. Девет месеци подоцна, тој доби немири во неколку француски градови. Во француската престолнина сега има блокирани булевари, транспортни и енергетски штрајкови и планини од несобрано ѓубре, бидејќи Макрон ја искористи својата специјална уставна моќ за да наметне пензиска реформа што ја мразат 70 отсто од возрасните Французи.
Далеку од тоа дека стана „револуционер во костум“, Макрон всушност стана традиционален француски лидер што се соочува со „имобилизацијата на францускиот народ“.
Како Никола Саркози и Франсоа Оланд пред него, тој се обидува да ја реформира Франција против нејзината волја!
Има нешто хистерично за сегашното политичко расположение во Франција што ги надминува протестите со кои се соочија претходниците на Макрон. Ова е делумно вина на Макрон. Тој вети „консензуален пристап на обратна хиерархија“, укинување на личните интереси и ограничено размислување на политичките партии и синдикатите. Меѓутоа, Макрон на крајот воведува, речиси со указ, мошне скромна пензиска реформа што е отфрлена од огромното мнозинство гласачи (и грешно, но успешно претставена од синдикатите и опозициските партии, кои Макрон се надеваше дека ќе ги маргинализира).
Макрон им го препушти речиси целокупното спроведување на пензиските реформи на премиерката Елизабет Борн и на остатокот од неговата влада. Тие направија збрка за да ја спроведат збунетата (но сепак разумна) реформа на системот, кој постојано е во дефицит и кој ќе се бори да опстане доколку постепено не се зголеми официјалната возраст за пензионирање.
Но дали е тоа „брутална“ и „насилна“ реформа, како што тврдат дури и умерените синдикални лидери? Не е баш така. Официјалната возраст за пензионирање во Франција постепено ќе се зголемува од 62 на 64 години до 2030 година. Со други зборови, Французите и понатаму ќе се пензионираат за седум години порано отколку повеќето Европејци сега.
Хистеријата во дебатата за пензиите одразува длабоко поделен политички пејзаж. Откако стариот лево-десничарски систем се распадна пред една деценија (нешто што самиот Макрон го охрабруваше и имаше корист од тоа), политиката во Франција стана побескрупулозна и пополаризирана. Левицата е покатегорично лева. Десната тежнее кон крајната десница. Од друга страна, Макрон никогаш не го институционализираше или канализираше правилно својот „нов центар“.
И од левицата и од десницата еднакво го обвинуваат Макрон за „уништување“ на Франција. Во рок од 15 месеци од неговата прва изборна победа во 2017 година, тој се соочи со невиден бунт од народот поради даноците за бензинот и дизелот во руралните средини и провинциите на Франција од страна на движењето на „Жолтите елеци“. Во рок од 11 месеци од неговиот реизбор во април минатата година, тој сега се соочува со најголемите синдикални протести во последните две децении, кои се закануваат да се прелеат во целосен бунт.
Но дали Макрон ја „уништи“ Франција? Невработеноста под негова власт падна од 9,4 отсто на 7,2 отсто. Невработеноста кај младите се намали уште подраматично. Тоа може да се должи на промените што Макрон ги воведе во Законот за работни односи и намалувањето на даноците на плати, кои беа спорни во тоа време.
Трошоците за државната здравствена услуга за првпат овој век значително се зголемија (но болниците се мачат со трошоците, а лекарите се жалат на нивната мала плата). Французите добро ја пребродија пандемијата на ковид-19, како и минатогодишниот пораст на цените на енергијата, благодарение на огромните програми за државни трошоци (поддршка).
Неуспехот на Макрон и неговите луѓе да ги пренесат своите идеи често збунува и остава впечаток на „ароганција и резигнација“. Спорот за пензиите е добар пример. Повеќето од поборбените работници, од железницата, париското метро и електричните централи бараат специјални пензиски режими (бенефициран стаж) што ќе им дозволуваат да се пензионираат во нивните 50-ти години. Овие режими постојано се во минус, што значи три милијарди евра годишно само за работниците во железницата. Дефицитот го покрива државата, со други зборови од даноците на луѓето што многу подоцна одат во пензија од железничарите. Поради тоа, поголемиот дел од специјалните договори ќе бидат укинати како дел од реформите на Макрон и на премиерката Борн.
Чудно, но Владата не сакаше да користи финансиски аргументи од ваков вид. Како резултат на тоа, реформата беше успешно прикажана од левицата и од крајната десница како реформа на „банкарите“, небаре земја со акумулиран јавен долг од три илјади милијарди евра (114 отсто од БДП) не требаше да се грижи за своите доверители.
Што ќе се случува понатаму? Немирите ќе стивнат. Владата на Борн речиси сигурно ќе ги преживее иницијативите против неа во националното собрание. Но нејзината „награда“, речиси сигурно, ќе биде отпуштање од страна на Макрон во рок од еден месец.
Новиот премиер ќе се обиде да направи нов почеток, но остатокот од вториот мандат на Макрон ќе биде во сенка на конфронтацијата околу пензиите. Тој вети дека ќе ја намали невработеноста на 5,5 отсто до крајот на неговиот втор мандат, но неговата малцинска, центристичка влада ќе се соочи со тешкотии да ги усвои измените во Законот за работни односи што тој ги сака.
А Макрон нема очигледен наследник. Неколку центристички политичари се стремат да го следат, но „брендот“ и пристапот на Макрон нема да бидат голем победник на изборите во 2027 година. Тој не успеа да воспостави директна врска со францускиот народ, ограничувајќи ги политичките партии и синдикатите. Тој не успеа да ги убеди Французите дека страдаат од нечии лични интереси, како и од тесните интереси на посебни групи.
Макрон, во некои аспекти, успеа, но не успеа и „макронизмот“, како што првично беше дефиниран. Со поделбите и радикализацијата на левицата, а и тоа што десниот центар е осакатен од себични внатрешни кавги, сега крајната десница и Марин Ле Пен трпеливо ја чекаат во својата шанса.
Автор: Џон Личфилд
(Џон Личфилд e поранешен уредник за надворешна политика во „Индипендент“ и 20 години беше дописник за весникот од Париз)