Со неколку клика до најповолна туристичка дестинација

Разработивме софтверска платформа што има цел да го дигитализира туристичкиот сектор што работи со пакет аранжмани. На овој начин, преку користење еден софтвер за менаџирање и продажба на аранжманите, на туроператорите им се овозможува едноставно вмрежување и споделување на нивните аранжмани за продажба преку повеќе канали истовремено, вели Игор Арсовски од компанијата „М-букинг софт“

Домашниот туризам добива силен сојузник во промоцијата на македонските дестинации за клиенти од целиот свет

Компанијата „М-букинг софт“, која работи во дејностите развој на софтвер и туризам, понуди решение за побрз начин на продажба на туристички пакети, кое беше поддржано од акцелераторот УКИМ. Во оваа компанија се вработени шест лица, кои се ангажирани на надградба на постојното решение Меракзи (Merakzy) и на негова имплементација на пазарот, маркетинг-активностите и истражувањата. Дополнително во овој период активно работат и на проширување на српскиот пазар, каде што е лоциран и дел од тимот. За придонесот на оваа млада стартап-компанија во развојот на електронската трговија разговаравме со Игор Арсовски, кој ни ги објасни предностите што ги нуди нивното решение на компаниите во натпреварот со сѐ поголемата конкуренција на туристичкиот интернет-пазар.

Со вашето решение нудите најбрз начин за продажба на пакет аранжмани преку повеќе канали истовремено. Можете ли да ни објасните за што станува збор?
– Изработивме софтверска платформа што има цел да го дигитализира туристичкиот сектор што работи со пакет аранжмани. На овој начин, преку користење еден софтвер за менаџирање и продажба на аранжманите, на туроператорите им се овозможува едноставно вмрежување и споделување на нивните аранжмани за продажба преку повеќе канали истовремено. На овој начин, со користење на Меракзи, се овозможува онлајн продажба кон крајните корисници, офлајн продажба во агенциски услови на корисници што ја посетиле агенцијата или офлајн продажба преку мрежата на субагенти кон корисници што ги посетиле нивните канцеларии. Бидејќи станува збор за централизирано клауд-базирано решение, кое работи нонстоп, информациите за слободни места се синхронизираат во реално време, овозможувајќи 100 отсто точност во секој момент, со што се одбегнува ризикот од двојно резервирање.

Како најлесно може да се пристапи на вашата алатка? Како е примена таа од корисниците (во земјата и странство)?
– Во моментот Меракзи е достапен само за бизнис-корисниците, односно туроператорите и туристичките агенции. Тимот активно работи за лансирање на агрегаторот на туристички понуди „Ајде на одмор“ (www.ajdenaodmor.mk), кој очекуваме да биде достапен за крајните корисници во втората половина на март.

Кои информации можат да ги добијат потенцијалните корисници?
– Само со неколку клика и со користење неколку филтри, според нивните преференции и потреби, корисниците ќе можат да пребараат низ база од илјадници аранжмани што ќе бидат достапни онлајн и лесно и едноставно да го резервираат своето следно патување. Како што веќе напоменавме погоре, сите информации се синхронизирани и 100 отсто точни благодарение на софтверската платформа Меракзи, која ја користат туроператорите.

Е-трговијата доживува експанзија во светот, Како би ја оцениле работата на македонските компании (и од туризмот) и што тие би требало да променат во својот пристап на работење, а веќе се применува во глобалниот електронски пазар?
– Не би можел да ја оценам работата општо на македонските компании, додека за компаниите од туризмот со сигурност тврдам дека дигитализацијата е единствениот начин за успешно да се натпреваруваат со странската конкуренција и да го направат својот производ полесно достапен за корисниците. Така, со успешно дигитализирање на продажните процеси, нивните услуги ќе станат подостапни за крајните клиенти, продажбата ќе се одвива побрзо, а целото заштедено време благодарение на дигитализацијата, ќе можат да го посветат на унапредување на услугите и растење на понудата.

Колку поддршката од акцелераторот УКИМ ви овозможи да ги реализирате своите решенија?
– Поддршката од акцелераторот УКИМ беше клучна за брзо ширење на решението на пазарот, вклучување повеќе македонски туроператори и презентација на решението на српскиот пазар. Изведувањето на овие активности во краток временски период не беше можно без мало проширување на тимот, како и надградување на софтверот според потребите увидени кај новите бизнис-корисници. М.Ј.


Со инвестиции во 10 стартап-компании, акцелераторот УКИМ ја зајакнува својата улога како центар за развој на иновации. Акцелераторот УКИМ на 13 март 2023 година во просториите на центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите три инвестиции во стартап-компании пред повеќе од 100 гости од академската заедница, приватниот сектор и инвеститори… Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РС Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Овие партнерства го прават акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор. Акцелераторот УКИМ, кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност и истите тие обезбедија дополнителни еден милион евра, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме.