Книгата „Историја на Југославија“, објавена во 1933 година, од проф. д-р Владимир Ќоровиќ, истакнат историчар и член на тогашната Српска кралска академија, е интересна од неколку аспекти. Таа е објавена во Кралството Југославија, држава што не ги признаваше македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., а во тогашната српска историографија доминираше и ставот дека Македонците се составен дел од српскиот народ и српската историја. Сепак, проф. д-р Владимир Ќоровиќ не се водел од тогашните политички или општествени актуелности, туку од историските факти, при што недвосмислено и научноистражувачки фундаментирано Самоиловото Царство го именува како – македонска држава!
ОД ИСТОРИСКИТЕ АРХИВИ: ПРИЛОГ КОН ИСТОРИОГРАФИЈАТА ЗА САМОИЛОВОТО ЦАРСТВО
Во светската историска наука постои принцип дека минатото се истражува врз основа на проверени факти и дека во историјата нема место за политиката. Ваков пример е и книгата „Историја на Југославија“ од истакнатиот историчар Владимир Ќоровиќ, кој на многу јасен начин го опишува македонското минато, независно од тогашните политички услови. Имено, споменатиот автор го именува Самоиловото Царство како македонска држава и јасно ги разграничува македонската и бугарската историја.
Во историската наука нема место за влијание на надворешните фактори
Секој историски труд, доколку е професионален и етички, се базира на истражување на историските извори, нивна проверка и споредба, утврдување прецизни факти, како и нивна анализа и синтеза. Оттука, професионалните историчари секогаш настојуваат да го претстават минатото онака како што било, а не како што налага актуелната општествено-политичка средина. Во овие научни трудови нема влијание на надворешни политички и идеолошки фактори, туку заклучоци и видувања што се засновани врз историски проверени факти.
Ваков историски труд, дело што е ослободено од моментални политички и општествени сфаќања, е книгата „Историја на Југославија“, објавена во 1933 година, од проф. д-р Владимир Ќоровиќ, истакнат историчар и член на тогашната Српска кралска академија. Спомената книга е интересна од неколку аспекти, најпрво таа е објавена во Кралството Југославија, држава што не ги признаваше македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., а во тогашната српска историографија доминираше и ставот дека Македонците се составен дел од српскиот народ и српската историја. Но Владимир Ќоровиќ не се водел од тогашните политички или општествени актуелности, туку од историските факти.
Ова е особено забележливо во неговото пишување за македонската историја во споменатата книга, дело во која државата на средновековниот владетел Самоил се именува како македонска држава или царство, како и во именувањето на Охридската архиепископија како Македонска црква или патријаршија. Ќоровиќ прави јасно разграничување помеѓу Првото Бугарско Царство и државата на Самоил, односно прави разграничување помеѓу македонската и бугарската историја.
Јасно научно фундирано и без политички притисоци разграничување помеѓу Првото Бугарско Царство и Самоиловата држава
Во уводот на книгата „Историја на Југославија“, Ќоровиќ истакнува дека „единствената должност на историјата е да ги утврди фактите и да ја претстави целосната вистина“, како и дека би било многу лесно да се утврди дали и со најмала принуда е направен обид „да се создадат врски таму каде што ги нема“ или на настаните да им се дава изглед и толкување што тие ги немале, а таквата работа, сепак, „не ѝ припаѓа на областа на историјата“. Врз основа на овие принципи, авторот го презентира македонското минато во споменатата книга, конкретно во главата „Државата на македонските Словени“, каде што ги опишува настанокот и развојот на Самоиловата држава.
Според Ќоровиќ, искажување што се темели врз историските извори, во Македонија Словените не биле задоволни од бугарската власт. „Групирани во својата силна етничка заедница, тие чувствуваа одреден антагонизам кон Бугарија, каде што етничкото мешање сè уште беше видливо и каде што Бугарите заземаа сè поважни позиции; чувствуваа дека работите таму не се управуваат добро и дека можат подобро“, пишува проф. д-р Ќоровиќ. Тој исто така нагласува дека по смртта на бугарскиот цар Петар, во Македонија избувнало востание, кое било предводено од синовите на брсјачкиот кнез Никола, со старозаветни имиња Давид, Мојсеј, Арон и Самоил. Српскиот историчар исто така ја разгледува и тезата за богомилскиот карактер на востаничкото движење, но ја отфрла истакнувајќи дека има недостиг од јасни извори, нагласувајќи дека е поверојатно дека Самоил имал ерменско потекло.
Во понатамошниот дел, кој е посветен на Самоиловата држава, можеме да прочитаме дека првото востание не било успешно, но по смртта на византискиот цар Јован Цимискиј се појавиле неколку движења меѓу балканските Словени, меѓу кое и она во Македонија. Според Владимир Ќоровиќ: „Главна област на брсјачките кнезови била Пелагонија, а местото на нивното потекло било околу Преспа. Таму во селото Герман, во близината на една мала црква, пронајдена е надгробна плоча, која Самоил им ја подигнал на татко си Никола, мајка си и брата си Давид, неколку години по нивната смрт.“ Српскиот историчар го опишува и издигнувањето на Самоил. Власта, според словенските обичаи, ја имале сите четворица браќа, меѓутоа двајца од постарите браќа набргу загинале, Давид бил убиен од македонските Власи во планините меѓу Преспа и Костур, а Мојсеј бил убиен при нападот на градот Сер. Додека четворицата браќа ја делеле власта, не постоел раздор, но Самоил, најмладиот од браќата, но и најагресивниот, го убил Арон, со што ја презел власта, истакнува Ќоровиќ. По веста за востанието во Македонија, синовите на бугарскиот цар Петар – Борис и Роман, кои биле во Константинопол, отишле во Бугарија да се обидат да ја ослободат својата земја од Византијците. Но не успеале, Борис починал на пат, а Роман наишол на слаба поддршка и му пришол на Самоил.
Според Владимир Ќоровиќ: „Самоил, кој не сакал да ја дели власта со својот брат, не сакал да ја подели ниту со Роман, туку го испратил во Скопје… Самоил, според тоа, не ја признава власта на поранешната бугарска династија над неговата земја; тој создава нова државна организација и своја нова династија. Иако подоцна ги освоил Бугарија и нејзиниот царски главен град Преслав, тој не го префрлил своето седиште таму, туку ѝ останал верен на својата македонска околина, Преспа и Охрид. Таму, во Охрид, го префрлил и седиштето на патријаршијата. Така, областа на македонските Словени, за прв и последен пат во нашата историја, стана центар на големо ослободително дејство и голема држава“. Но авторот ја продолжува својата анализа истакнувајќи: „Единственото нешто што Самоил го добил од старата бугарска држава, на која некогаш ѝ припаѓал, е царската титула, како гордост и законско наследство, а во црковниот аспект институцијата патријаршија. Со ова Самоил сакал да го нагласи континуитетот на бугарското создавање на империјата како нова државна организација создадена во борбата против Константинопол. Како што денешна Југославија е нова творба, која имала корист од политичките успеси и постапки на Србија, така и Самоиловата држава на македонските Словени била нова творба, која го експлоатирала царското наследство на Бугарија. Затоа, неговата држава во одредени странски кругови се сметала за продолжение на старата Симеонова, односно бугарската држава“.
За Охридската архиепископија во овој период, српскиот историчар вели дека црквата во Зета и Рашка природно потпадна под надлежност на Охридската патријаршија. Сето тоа направи врските меѓу Македонија и другите региони, а особено меѓу Македонија и Зета, да станат многу поживи и понепосредни. Владимир Ќоровиќ исто така го нагласува и влијанието на „словенската Охридска патријаршија со нејзината словенска книжевност, пишувана во традицијата на Св. Климент“ во балканските земји. Д. Ст.
Кој е Владимир Ќоровиќ?
Владимир Ќоровиќ е роден во Мостар, во познато српско трговско семејство. Брат му бил Светозар Ќоровиќ, еден од најпознатите српски раскажувачи од регионот на Херцеговина. Основно училиште и гимназија завршил во родниот град. Во 1904 година се запишал на Универзитетот во Виена, каде што студирал словенска филологија, археологија и историја. Негови професори биле познатите слависти Ватрослав Јагиќ и Константин Јириќек. Со својата теза за Лукијан Мушицки докторирал во Виена во 1908 година. Своите специјалистички студии ги продолжил во Минхен (1908-1909), кај познатиот германски византолог Карл Крумбахер. Извесно време поминал во Париз и Болоња, каде што истражувал стари словенски ракописи. Од 1919 година, кога бил избран за вонреден професор на Филозофскиот факултет, Ќоровиќ непрекинато живеел во Белград. Со својата голема лична работа, извонредни научни резултати, тој создал ретка репутација и влијание и исклучителна кариера: во 1921 година станал редовен професор на Филозофскиот факултет, бил избран за дописен член на Српската кралска академија во 1922 година, а за редовен член во 1934 година. Две години бил и ректор на Универзитетот во Белград. Креативниот опус на Ќоровиќ е многу голем, составен од голем број книги и поединечни текстови расфрлани во разни списанија и трудови. Иако биле направени значајни обиди, сè уште не е составена целосна библиографија за неговите дела и статии за него.