Македонските врвни интелектуалци и академици нагласуваат дека градењето на институциите, пред сѐ, е политички одговорен и патриотски чин. Сега е потребно обединување на сите македонски политички чинители околу длабоките реформи што системски и методолошки ќе доведат до почиста и поспособна форма на владеење, која ќе биде заснована врз меритократскиот принцип
На Македонија ѝ треба форма на владеење заснована врз меритократскиот принцип
Голем број светски политиколози, универзитетски професори и експерти го посочуваат фактот дека сите модерни општества започнале како патримонијални држави, односно се соочиле со негативните последици на патримонијализмот. Тој е познат и како „систем на целосно грабнување на пленот“ затоа што се води од принципот „на победникот севкупно му припаѓа пленот“. Овој систем на владеење не кореспондира со принципот на одржлив општествен развој за сите граѓани и стопанството, туку фаворизира одредена каста луѓе (партија или коалиција што ја „грабнала“ власта). Во таквиот случај, клучните владини тела и државните функционери не можат ефикасно да им одговорат на предизвиците со кои се соочува општеството. Имено, со патримонијализмот, државните работни места им се доделуваат на поддржувачите, пријателите и роднините како награда, без разлика на нивната (не)способност да одговорат на обврските. На овој начин патримонијализмот е во корелација со политичката корупција, кронизмот и непотизмот. Патримонијализмот може да биде многу отпорен бидејќи се потпира врз биолошката склоност на луѓето да ги фаворизираат семејството и пријателите, а долгорочно ја намалува ефикасноста на институциите и стабилноста на општеството. Негативните последици од патримонијализмот може да се отстранат само доколку сите чинители на политичко-општествениот систем се стремат кон изградба на држава, односно на силни и функционални институции. Затоа македонските интелектуалци и академици нагласуваат дека градењето на институциите, пред сѐ, е политички одговорен и патриотски чин. Сега е потребно обединување на сите македонски политички чинители околу реформите што ќе доведат до почиста и поспособна форма на владеење, која ќе биде заснована врз меритократскиот принцип.
Што е патримонијализам?
Патримонијализмот е познат и како систем на „грабање на пленот“ затоа што се води од принципот „на победникот целосно му припаѓа пленот“! Поедноставно кажано, политичката партија што ќе победи на изборите, државните работни места им ги доделува на своите членови, симпатизери, поддржувачи, пријатели и роднини како награда, па оттука политичкото покровителство е во корелација со кронизмот и непотизмот. Ова е спротивно од меритократскиот принцип, кога кадарот во институциите се пополнува врз основа на одредени покажани квалитети, знаење и вештини, независно од политичката активност. Патримонијализмот е во корелација и со клиентелизмот, но се разликуваат по обемот бидејќи клиентелистичкиот систем се одликува со размена на услуги помеѓу патроните и клиентите, честопати барајќи хиерархија на посредници.
Патримонијализмот има тешки негативни последици и „опашки“ затоа што во модерните општества граѓаните гласаат за политичарите врз основа на нивните ветувања и програмските агенди, но во патримонијализмот политичките чинители обезбедуваат индивидуални придобивки само за политичките поддржувачи во замена за нивните гласови. Овие придобивки вклучуваат и работни места во јавниот сектор, во образованието, во здравството итн., со што се доведува во прашање нормалното и ефикасно функционирање на институциите. Оттука патримонијализмот и клиентелизмот влијаат врз квалитетот на доброто владеење. Современите институции и администрацијата се засноваат врз заслуги и компетентност, а кога тие се пополнуваат од политички поддржувачи без да се земат предвид нивните способности доаѓа до слабеење на институциите и на државата во целина. Ова е толку добро познато во теоријата, но е уште попознато во нашето секојдневие во државава.
Примери за патримонијализам од најблиското соседство
Универзитетскиот професор Јоргос Маврогордатос од Атина компаративно анализирајќи го овој општествен феномен ќе направи паралела за истиот тој во грчкото општество.
– Патримонијализмот и клиентелизмот доминираат во грчкото општество, особено во образованието и банкарскиот сектор. До 80-тите години на 20 век постоеше ограничена меритократија во грчкиот образовен систем, но сето тоа се смени по доаѓањето на ПАСОК на власт во 1993 година. Што клучно општествено деградирачки се случи тогаш? Како и таквиот постоен мерит-систем се растури?
Професорот Маврогордатос посочува дека „споменатата партија ја презела контролата врз наименувањето (вработување) наставници и ги обликувала огласите за работа за да ги награди своите партиски следбеници со вработувања“. Исто така, Владата на ПАСОК го укинала системот на генерални инспектори, а директорите на постојните училишта ефективно биле деградирани со што бил отворен пат за автоматско напредување без меритократско оценување на работата на наставниците.
Проф. д-р Јоргос Маврогордатос анализира дека слична состојба се случила и во Државната банка на Грција.
– Во почетокот на 80-тите години на 20 век, грчката влада го почитуваше принципот на меритократијата во оваа институција, при што околу 90 отсто од нејзиниот персонал беше регрутиран преку испитувања и проверки. Меѓутоа ова се промени со подемот на ПАСОК во 1981 година, кога партијата го прошири севкупниот платен список на банката за дури 50 отсто, на околу шеснаесет илјади вработени, и ги ослободи новите вработувања од конкурсни испитувања и проверки, вработувајќи свои луѓе – нагласува Маврогордатос. Токму ова е формулата за општествена деградација: игнорирање на мерит- системот и фаворизирање на патримонијализмот, клиентелизмот и создавање партокративен систем.
Други подрастични примери каде што патримонијализмот од безбедносните сили создава „политичка алатка“
Како негативен пример на патримонијализмот, со уште пожестоки последици, би било интересно да се посочи Тајланд. Без разлика што е многу далеку географски од нас, овој драстичен пример покажува колку далеку може да достигне патримонијализмот како општествено деградирачки феномен.
Имено, според политичкиот аналитичар и експерт Кај Шинг Вонг, патримонијализмот и клиентелизмот носат крупна одговорност за негативните состојби во полицијата и безбедносните структури во Тајланд. Според него, проблемите се појавиле кога „политичките елити се поврзале со полициските структури и се создале патримонијални врски, односно дошло до влијание на неформалните институции врз формалните институции, со што полицијата и безбедносните структури се оформиле во политички алатки“. Преку овие односи, полициските службеници ги злоупотребувале своите овластувања за да им помогнат на политичарите и политичките партии да ги потиснат политичките противници и несогласувањата преку селективно спроведување на законот и криминални истраги, нагласува Вонг. Овој експерт и познавач на состојбите во тајландското општество исто така нагласува дека политичкото покровителство влијаело и на полициските реформи, кои требало да ја зголемат одговорноста на полицијата и да ја спречат злоупотребата на полициските овластувања. Меѓутоа политичката елита ги зајакнала врските помеѓу полициската организација и администрација со политичкото покровителство, вели д-р Кај Шинг Вонг.
Развој на институциите како одговор на патримонијализмот
Истакнатиот политиколог Френсис Фукујама истакнува дека само развојот на политичките институции може да доведе до модерна држава, држава во која луѓето почнуваат да се организираат и учат да соработуваат на начин што ги надминува „пријателите и семејството“. Тој како позитивен пример ја посочува германската администрација, која е „целосно одговорна пред демократски избраните партии претставени во Бундестагот“. Според овој политиколог, во германската историја никогаш не се оформил патримонијализмот, односно никогаш германските институции не биле подложни на политичко покровителство какво што може да се сретне во Грција или во Италија. Германската администрација и институции се позитивен пример како да се отстранат негативните последици од патримонијализмот и клиентелизмот, односно со прекинување на назначувањата преку покровителство или фингирани испити за државната служба како порта во институциите и администрацијата. Експертите и познавачите исто така посочуваат дека автономијата на институциите и администрацијата може да доведат до висококвалитетна влада и државни функционери што се грижат за јавното добро.
Меѓутоа реформите што треба да доведат до подобрување на институциите и администрацијата, односно нивно ослободување од стегите на политичкото покровителство, пред сѐ, се политичко-патриотски чин. Затоа е потребно обединување на политичките чинители за реформите што ќе доведат до почиста и поспособна форма на владеење, која ќе биде заснована врз меритократскиот принцип.
Не случајно, од највисоката академска институција и научна фела неколкупати досега се нагласуваше дека на Македонија ѝ е потребен нов фундаментален документ – платформа или широк, национален и државен консензус за развој, при што документот треба да биде поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција.
– Но зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се консултира туку и да се вклучи академската и интелектуалната јавност – изјави академик Љупчо Коцарев.