Личната суета и его „го туркаат“ ракометот во ранг со одбојката

Иако е неблагодарно по војна да изигруваме генерали, во ситуација кога знаеме дека нивните пивоти и дузина разигрувачи на бековските позиции се најквалитетниот дел од играта на противникот, требаше да се проба малку повисока и строго плитка 5-1 зона, оставајќи им простор на нашите голмани да бранат изнудени шутеви од „лоши“ позиции на бековите, а затворајќи ги пивотите, па и крилата. Во таа ситуација, Џонов би играл на позиција лево крило (што не му е непознато), а Младеновиќ, по рецептот на Митко Стоилов од пред петнаесетина години да биде лев бек со строго одбранбени задачи и „да испрати“ во напад. Состав на играчи што на моменти можеше да се трансформира и во класична 6-0 зона, како фактор на изненадување на противникот

Ќе треба да се навикнеме… или ќе преземеме нешто. ВЕДНАШ.
Статистички гледано, а и според тоа како или на кој начин завршувале претходните натпревари против нашиот вчерашен противник, Македонија беше или требаше да биде благ фаворит на синоќешниот натпревар. Можеби, во некое друго време, во некои други околности… Она што вчера го видовме во СЦ „Борис Трајковски“, „подмладениот“ тим дополнително „подмладен“ со отсуството на неколку стандардни репрезентативци, поради откази под сомнителни околности, повредени, навредени, спречени од своите работодавачи, немотивирани…, е моменталната реалност, далеку од северот на Европа според капацитетот, квалитетот, но и според начинот и филозофијата на поставеност на играта, реалност со која ќе мора да се соочиме и да почнеме да се навикнуваме. Соочување со реалноста, како предуслов за поставување на работите на вистинското место. Во спротивно…

ВИСОКА И ПЛИТКА 5-1 ЗОНА ЌЕ БЕШЕ ПОДОБРО РЕШЕНИЕ ЗА ИНТЕЛИГЕНТНАТА ЗАДНА ЛИНИЈА И ОДЛИЧНИТЕ ПИВОТИ НА ПОРТУГАЛИЈА

Што се однесува до самиот натпревар, во фаза на одбрана, поставена беше, веројатно, единствената можна варијанта, во ситуација кога Талески не е на терен и немаме уште еден играч на позиција 3 и 4. Зоната 5-1, проверена (на клупски план) со Маркоски и Џонов на заден и преден, беше очекувана, имајќи го предвид начинот на игра на задната линија на противникот, малку преагресивна и длабока, особено на позициите два и пет. Но и таква функционираше добро, со сигурноста што ја даваше Митревски на голот во почетниот период. Томислав Јагуриновски го одигра, веројатно, најнеквалитетниот натпревар во дресот со националниот грб, особено во оној дел на теренот каде што е секогаш на завидно ниво, одбраната. Џонов покажа интелигенција на позиција преден, но и неконстантност и недостиг од фокус и трпение кога противникот ја „држеше“ топката подолго во нападот, „отворајќи“ ја средината на нашата зона, недозволиво, имајќи предвид дека тоа е спротивно (затворена средина) на една од главните функции на позицијата на која беше поставен. Марковски, а подоцна и Стојковиќ имаа (пре)тешка задача, како задни играчи, и очекувано не успеаја да ги добијат дуелите со пивотите на Португалија. Ако тие не успеаја, на моменти успех имаа Митревски и особено Томовски, кој му одбрани доста „зицери“ на противникот. Сепак, онака поставени нашите двојки, длабоко, тешко добиваа дуел со брзите (релативно ниски) бекови на противникот, а нашиот заден играч на широк простор практично беше невозможно да „ги реши“ Фраде или Интуриза. За пофалба е поставеноста на нашите крајни играчи во одбрана, концентрирани и агресивни. Лазаров систематски не промени многу во овој дел на играта, во текот на целиот натпревар, менувајќи ги само актерите. Иако е неблагодарно по војна да изигруваме генерали, во ситуација кога знаеме дека нивните пивоти и дузина разигрувачи на бековските позиции се најквалитетниот дел од играта на противникот, требаше да се проба малку повисока и строго плитка 5-1 зона, оставајќи им простор на нашите голмани да бранат изнудени шутеви од „лоши“ позиции на бековите, а затворајќи ги пивотите, па и крилата. Во таа ситуација, Џонов би играл на позиција лево крило (што не му е непознато), а Младеновиќ, по рецептот на Митко Стоилов од пред петнаесетина години да биде лев бек со строго одбранбени задачи и „да испрати“ во напад. Состав на играчи што на моменти можеше да се трансформира и во класична 6-0 зона, како фактор на изненадување на противникот.

ТАЛЕСКИ, ТАНКОСКИ И КАРАПАЛЕСКИ ЗА МОМЕНТАЛНА ШИРИНА НА НАПАДОТ, ЃОРГОВСКИ И КОМПАНИЈА ЗА КВАЛИТЕТ ВО ПЕРСПЕКТИВА

Нападот. Многу малку може да се каже за нашиот напад синоќа. Повторно стерилен, со многу малку опции во играта, во ситуација кога под притисок на јавноста околу изборот на одредени наши играчи врз основа на клупски бои се почувствува притисок кај истите тие, што комбинирано со искуството што го немаат или е минорно доведе до ситуација да се решава нападот во прва фаза, без трпение. Џонов под принуда на неговите задачи во одбрана почна како организатор на играта во напад, што со селекции од ваков ранг не е баш пријатно, особено што како бекови ги имаше синоќа индиспонираниот Јагуриновски и на моменти нестабилниот Кузмановски, кој покажа дека индивидуално може да решава ситуација, но не може да испрати систем на игра. Во таква ситуација на немоќ да се добие дуел-игра, на површина излезе одличниот Петров, кој покажа дека има габарит и знаење да одигра во еден правец и да биде корисен за тимот. За жал, Македонија вчера при изведувањето седмерци, како и во некои други сегменти изгледаше несигурно, во моменти кога имавме (навидум) изедначен натпревар. Доколку не се „премисли“ Талески од патот накај што тргнал во однос на националниот тим, доколку не вклучиме уште два-три играчи во ротација (Танкоски и Карапалески), па и доколку не воведеме во систем играчи како Емилијан Ѓорговски, како опција на долги патеки, нападот на македонскиот национален тим нема големи изгледи против екипи од прв и втор ешалон.
Очекуван пораз од селекција што е во константен прогрес, имајќи предвид дека нашата селекција (онаа што истрча синоќа на терен) е МОЖЕБИ најнеквалитетната во последните петнаесетина години, но СИГУРНО најнеискусна (со натпревари од меѓународен карактер) што сме ја имале. Португалија, да бидеме реални, рутинирано, па и повеќе од тоа стигна до посакуваната цел, бодови што ја носат во вториот шешир, користејќи ја до перфекција донесената 7-6 формација во многу краток период, покажувајќи ни дека нема што да бараме на овој натпревар.

ЛИЧНИТЕ СУЕТИ ЌЕ НЀ ВРАТАТ ВО СИТУАЦИЈА КАКО НА ПОЧЕТОКОТ НА ВЕКОВ

Во ситуација кога нашиот северен сосед, со селектор странец на чело, конечно излегува од „балканскиот“ начин на функционирање, систем на „мерење на егоа“ секој со секого, со човек што го обедини квалитетот на едно место, за иста цел, обезбедувајќи го „Французинот“ Пешмалбек да ги брани боите на Србија и тим што синоќа домонстрираше желба, глад за успех и потенцијал за големи работи, Македонија влегува во „лош филм“ од почетокот на веков, со приказни од типот, без секого се може, кога поради „приватни причини“ го немавме најдоброто во националниот тим и кога „го плативме“ тоа со голем пост од големите смотри. (Пре)многу е вложено во играчи како Филип Талески, Жарко Пешевски, Дејан Манасков или Марио Танкоски за да се откажеме од нив поради „приватни причини“. Тие играчи „им се должни како Грчка“ на националниот тим и на државата Македонија, која им овозможила лична промоција на меѓународен план, подигање на идентитетот на секој посебно, а како резултат на сето тоа обезбедувајќи си подобри услови и договори.
Од друга страна, со цел респект кон Лазаров за минатиот труд во црвено-жолтиот дрес, не може и не смее, квалитетен менаџер да внесува лични проблеми во националниот тим.
Да не дозволиме антагонизмот создаден на клупски план, на моменти и вештачки и неосновано создаден, да се прелее во националниот тим.
За да не го „однесеме“ ракометот во рангот на кошарката или одбојката!
Тогаш ќе биде предоцна.

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“