„Во нашата Организација, таа не е така обесправена, во борбата за ослободување таа учествува еднакво со нас и дава жртви – како и ние, па според тоа, треба да се користи со еднакви права. Многу наивно и глупаво е да се мисли дека жената не дава жртви“ – Никола Петров Русински
ВО ПРИЛОГ НА 8 МАРТ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЖЕНАТА
Денес е 8 март – Меѓународен ден на жената, денот на кој се одбележуваат достигнувањата на жените во сите аспекти на општественото живеење низ целиот свет. Во глобални рамки, 8 Март е симбол на движењето за политички и социјални права на жената, но во македонската историја ова движење е преплетено со борбата за национална и политичка самостојност на македонскиот народ. Не случајно голем број жени учествуваа во македонското револуционерно движење рамо до рамо со македонските великани како што е Дамјан (Даме) Груев, а меѓу првите жени што влегоа во Македонската револуционерна организација (МРО) беше и Руша Делчева, сестрата на македонскиот национален херој Гоце Делчев. Оваа идеолошка нишка е очигледна и во текот на Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна, кога голем број жени го положија живот во борбата против фашизмот, како што е Невена Георгиева-Дуња, која била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во македонските партизански одреди. На крајот, македонската жена ги оствари сопствените политички и економски права по Првото заседание на АСНОМ и создавањето на современата македонска држава.
Македонката се жртвувала за слободата на Македонија
Уште од самиот зародок на македонското револуционерно движење, Дамјан Груев, Гоце Делчев и Петар Поп Арсов изградија една широка политичка платформа што требаше да ги обедини сите жители на Македонија без разлика на народноста или религиската припадност, со цел извојување политичка слобода преку создавање самостојна македонска држава. Во ова движење, кое претендираше да се оформи како национален фронт, свое место имаше и македонската жена.
Поврзаноста на македонската револуционерна борба и првата на жените е очигледна и од спомените на Никола Петров Русински (македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Им бил близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери). Русински во своите спомени пишува: „Во нашата Организација, таа не е така обесправена, во борбата за ослободување таа учествува еднакво со нас и дава жртви – како и ние, па според тоа, треба да се користи со еднакви права. Многу наивно и глупаво е да се мисли дека жената не дава жртви. А мажот и, брат и, татко и кога настрадаат (се убиени)? Зар жената тоа безболно го прима? Учителката Константина Настева впрочем не на шега го поткрепи моето становиште за денешните и утрешните права на жените по ослободувањето на Македонија.“
Меѓу првите жени што влегоа Македонската револуционерна организација (МРО) беше Руша Делчева, сестрата на македонскиот национален херој Гоце Делчев, како и Анастасија Узунова, мајка на македонскиот раководител и војвода Христо Узунов. Таа беше главниот организатор на жените во Охрид и основач на женски организациски групи. Учествувала во вооружувањето на првиот организациски одред во Охрид под војводството на Тале Горанов. Таа заедно со синот Христо присуствуваше на заклетвата на одредот како претставник на жените што ги организираше.
Но македонската жена беше и промотор на македонското движење, а ова е особено видливо во активностите на македонските женски друштва. Македонките во соработка со Бугарскиот женски сојуз испратиле апел до Светскиот женски сојуз на мирот. Оттука на 27 јуни 1901 година под покровителство на Светскиот женски сојуз била организирана конференција за мирољубиво решение за македонското прашање во Париз. Конференцијата била отворена од принцезата Вишневска, претседател на Светскиот женски сојуз за мир, која во своето обраќање истакнала дека: „Триесет и три бугарски и македонски женски друштва испраќаат апел и молат за посредство на Сојузот за мир, за да знае цивилизирана Европа дека христијанското население во Македонија се заплашува од истите ужаси, на кои жртви беа несреќните Ерменци.“ Во текот на конференцијата се обратила и Ана Саказова, а според весникот „Женски глас“, таа на краток, но јасен начин ја опишала положбата на Македонија и нејзиното население, како и „желбите на вистинските воини за Македонското дело – Македонија за Македонците.“
Македонката како еден од создателите на македонската државност
По завршувањето на Балканските војни, како и Првата светска војна, Македонката и понатаму игра значајна улога во македонското националноослободително движење, а ова е особено видливо во текот на Втората светска војна. Македонките од сите слоеви на општеството беа активни учесници и соработници во антифашистичката борба. За првите партизански одреди, а подоцна жените масовно работеле за обезбедување облека и храна, илегални засолништа, извршувале курирска и разузнавачки акции. Според историската документација, во НОБ учествувале вкупно 5.752 жени. Од нив, околу 300 загинале, седум биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941.
Меѓу првите стотина борци на НОБ биле и 11 жени. Меѓу нив била и Невена Георгиева-Дуња (македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни), која на 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија. Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета во велешкото село Нежилово. Во нејзина чест се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контрачета“.
Учеството и улогата на македонската жена во текот на НОВ може да се согледа и преку активностите на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Најистакнатата фигура во движењето била Веселинка Малинска, одликуван ветеран на НОБ на Македонија и учесник на АСНОМ, чиј татко бил дел од Илинденското востание во 1903 година. Главната цел на АФЖ била да го подобри образованието на жените и зголемување на нивната стапка на писменост, бидејќи мнозинството неписмени во тоа време биле жени.
Првото заседание на АСНОМ, на кое учествувале и шест жени, донесува неколку историски одлуки со кои се поставуваат темелите на македонската државност, а со Декларацијата за основните права на граѓанинот на ДФМ била озаконета и рамноправноста на жените во современата македонска држава. Д.Ст.
Осмомартовски симбол на женските права и слободи
Чинот на создавање на Меѓународниот ден на жената се појави по брзата индустријализација и економската експанзија во втората половина на 19 век, односно со економската борбата за поголеми работнички права и подобри услови за работа на жената во општеството. Меѓутоа во почетокот на 20 век ова движење се трансформира во политичко движење, односно барања за правото на глас и еднаков општествен статус. Во овој период, женското движење е во корелација со левичарските движења, како што е социјализмот, оттука голем број лидери за женските права биле и приврзаници на социјализмот, како што се Клара Цеткин или Роза Луксембург.
Датумот е поврзан со првата масовна демонстрација на жените што се одржала на 8 март 1857 година во Њујорк, а за првпат беше прославен на 23 февруари 1909 година во Соединетите Американски Држави, по иницијатива на Американската социјалистичка партија. Во 1910 година, Меѓународната женска конференција, по предлог на новинарката Клара Цеткин, го прогласува 8 март за Меѓународен ден на жената. По Октомвриската револуција и освојувањето на власта од страна болшевиците, руските жени добија право на глас, а 8 март беше прогласен за државен празник на Советскиот Сојуз. Подоцна беше прославуван од социјалистичкото движење, како и од другите левичарски кругови, но и од комунистичките држави низ светот.
Во 30-тите години на 20 век, во западните европски држави, вклучувајќи и во САД, 8 Март престана да се одбележува, верувајќи во неговата поврзаност со комунистичката идеологија, меѓутоа во 60-тите години на 20 век започнува повторно да се прославува од феминистичкото движење. За Меѓународен ден на жената беше прогласен од Обединетите нации во 1975 година, а национален празник е во малку држави, како што се Русија, Украина или Белорусија.