Растечкиот технолошки капацитет на Кина стана една од главните проблематики во билатералните односи на Вашингтон со Пекинг
Технолошките иновации го обликуваат глобалниот натпревар за моќ
Во денешното оптоварено меѓународно опкружување, технолошките иновации како вештачката интелигенција, автоматизацијата, роботиката, квантната и вселенската технологија во глобала им обезбедуваат исклучителни предности на државите и го обликуваат глобалниот натпревар во моќ. Кина, која привлече внимание со своите инвестиции и политики на овие полиња, почна да се појавува како важен конкурент на САД.
Целта на Кина е да ги искористи политичките, економските, воените и комерцијалните можности на иновативните технологии за да стане светски технолошки лидер. Нејзината стратегија, во која сите кинески државни механизми дејствуваат заедно, има тенденција да ја зголеми поддршката за државните претпријатија, да им даде приоритет на истражувачките и развојните активности, да обезбеди високотехнолошка индустријализација и да ги зајакне иновациските програми. Но што всушност значи ваквиот пристап, кој неодамна ги загрижи западните земји?
Кинескиот технолошки прагматизам
На почетокот на 2006 година, кинескиот кабинет излезе со најава дека иновативната технологија ја гледа како стратегиски избор во рамките на Националниот среднорочен и долгорочен план за развој на науката и технологијата (2006-2020 г.). Во тој контекст и во согласност со своите петгодишни планови за развој, Кина, која се фокусира на зајакнувањето на своите способности во областите како беспилотни летала или вселена, почна да го популаризира користењето дигитални технологии и автоматизација.
Во рамките на Програмата 973, која започна во 2009 година под координација на Министерството за наука и технологија, Кина ја зајакна својата поддршка за голем број научни програми, вклучувајќи и за квантната технологија, вселенските и сателитските технологии, сајбер-капацитетите, вештачката интелигенција, системите за автоматизација и роботиката.
Пекинг, кој ги кодифицира своите технолошки цели во 2015 година, кога ги објави своите планови „Направено во Кина“ и „Интернет плус“, особено се фокусира на вложување во вештачка интелигенција, квантни технологии и големи бази на податоци. Технолошкиот развој обезбедува и големи економски можности за Кина. Наспроти актерите со големи технолошки компании, како што се САД, кинеските креатори на политики се обидуваат да го зголемат капацитетот на државата, за таа да стане актер што може да се натпреварува на глобалниот пазар со компании како што се „Алибаба“, „Тенсент“, „Баиду“, „Хуавеј“ и „Шаоми“.
Примена на технологијата во воениот сектор
Втора цел на кинеските инвестиции во иновативната технологија е да се интегрираат овие способности и другите технологии за двојна намена во воената област. Во 2015 година, под водство на претседателот Си Џинпинг и како дел од својата политика на цивилно-воена интеграција, Кина започна со реформи во Народноослободителната армија (ПЛА), подобрувајќи ги оттогаш досега капацитетите на силите за стратегиска поддршка на ПЛА во разни области, вклучувајќи ги и вселената, сајбер-војувањето и електронското војување. На овој начин, додека ја модернизира својата војска, Кина наедно има за цел имплементација на новата воена доктрина, која се заснова на вселенската конкуренција и идните војни.
Во согласност со оваа доктрина и целта за реорганизација на вооружените сили, приватните технолошки компании, универзитетите и истражувачките центри се во партнерство со кинеската војска. Од оваа перспектива, квантната технологија, кибернетичките способности, вселенските програми, автоматизацијата, роботите и вештачката интелигенција се истакнуваат како основни компоненти на кинеската стратегија за цивилно-воена интеграција.
Кина, која во 2016 година испрати свој квантен сателит во вселената, со цел да ги подигне своите воени капацитети, бара можности за подобрување на своите разузнавачки, надзорни и извиднички капацитети, стекнувајќи на тој начин предност во однос на глобалните ривали.
Глобалната конкуренција во сенка на иновативната технологија
За Вашингтон, растечкиот технолошки капацитет на Кина стана една од главните проблематики во билатералните односи со Пекинг. Имајќи ја предвид желбата на американските властодршци за задржување на глобалното водство на Вашингтон во економскиот, воениот и технолошкиот простор, цивилно-воената интеграција на Пекинг и развојот на технологијата за двојна намена станаа клучни предизвици за САД. Затоа, уште во 2010 година, под водство на администрацијата на Обама, Вашингтон усвои стратегија за ограничување на брзиот економски раст на Кина. Откако дојде во Белата куќа, Доналд Трамп усвои уште поагресивна политика, која вклучува економски и технолошки санкции. Политиката заснована на санкции им нанесе големи загуби на кинеските компании како „Хуавеј“. Борбената политика на Вашингтон против Кина продолжува и со претседателот Џо Бајден, иако методите се различни од претходните.
И покрај ова, може да се каже дека политиката на Вашингтон кон Кина сè уште не е јасна. Сепак, може да се воочат четири клучни параметри: одржување на американското технолошко, економско и воено лидерство; ограничување на кинеското влијание врз технолошкиот пазар преку продлабочена соработка со сојузниците; производство на алтернативни технологии; и изградба на технополитичка структура против соперниците.
Во секој случај, условите и областите на конкуренција во денешниов свет не се темелат само на безбедносната парадигма. Институциите и актерите во актуелниот глобален поредок се во блиска поврзаност со Кина. Со други зборови, во денешното конкурентско опкружување не постои биполарна структура. Имено, многу актери – вклучувајќи ги и САД и нивните сојузници – мора да соработуваат со Пекинг на различни полиња. Ваквата ситуација ги комплицира опсегот и иднината на кампањата против Кина.
Згора на тоа, технолошката конкуренција не е ограничена само на физички и геополитички простори. Конкурентското опкружување ги надминува границите на државите, институциите, компаниите и другите актери, вклучувајќи подрачја што се темелат на информации и податоци. Овој натпревар во дигиталната сфера не е област во која државите, владите или другите актери – дури и оние хегемонистичките – можат да остварат директна доминација. Ваквата ситуација ја зголемува важноста на расправите околу иднината на денешното конкурентско опкружување.