Во светот се случува уште една помалку забележана промена, која има барем еднаква моќ како украинско-рускиот воен судир да ја промени историјата: враќањето на Јапонија како главен геополитички актер. Тоа што го практикува Јапонија радикално ќе го промени безбедносниот поредок

ТЕКТОНСКО ПОМЕСТУВАЊЕ НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК

Во геополитиката ретко сфаќаме дека тектонско поместување се случува во моментот кога тоа се случува. Има неколку исклучоци: советското лансирање на првиот вселенски сателит, падот на Берлинскиот ѕид, нападите на 11 септември итн. Овие моменти беа историски пресвртници што беа видливи за сите.
Војната во Украина сигурно е уште една таква пресвртница. Но се случува уште една помалку забележана промена, која има барем еднаква моќ да ја промени историјата: враќањето на Јапонија како главен геополитички актер.

Плимата на Јапонија

Во низа интересни западни анализи, а особено во последната деновиве во „Форин полиси“, се регистрира дека во период од само еден месец, од средината на декември 2022 година до средината на јануари оваа година, Јапонија реновира големи делови од својата безбедносна положба по 1945 година и ја замени со нова стратегија која – доколку се спроведе – ќе создаде посилна и воено подинамична Јапонија.
Промените во политиката на Токио ја сигнализираат „плимата на Јапонија“, која не само што е поподготвена и способна да се вклучи во геополитички прашања надвор од нејзините тесни одбранбени интереси туку има и поголема веројатност да дејствува на начини пропорционални со нејзината стратегиска позиција, регионалните интереси и економската моќ.
На крајот на 2022 година, администрацијата на јапонскиот премиер Фуми Кишида објави три нови стратегиски документи: новата стратегија за национална безбедност, Националната стратегија за одбрана и Планот за изградба на одбраната. Потоа, во јануари, тој и неговите министри за надворешни работи и за одбрана отпатуваа во Вашингтон за да се сретнат со своите американски колеги. Таму, новото стратегиско размислување на Јапонија беше целосно прикажано во заедничките изјави со американскиот претседател Џо Бајден, како и со министерот за одбрана Лојд Остин.
Помеѓу другите промени, Токио ги објави плановите за зголемување на трошоците за одбрана за речиси 60 отсто во текот на пет години, напуштајќи го неформалниот буџетски плафон од 1 отсто од БДП што беше воведен за политички цели уште во 1970-тите. Само ова претставува речиси револуционерно отстапување од долгогодишната одбранбена практика.

Сеопфатно проширување на безбедносните интереси на Јапонија, САД мудро молчат

Покрај низата софистицирана воена опрема, Јапонија исто така се обидува да набави ракети за контраудар: муниција со прецизно наведување со долг дострел, дизајнирани да го одвратат противничкиот напад, нешто што Токио историски го избегнува. Другите клучни промени вклучуваат создавање постојан заеднички оперативен штаб, пренесување на овластувањата над јапонската крајбрежна стража на Министерството за одбрана за време на каков било конфликт, воспоставување силна сајбер-одбрана и нова посветеност на разузнавачките способности.
Сепак, уште позначајно од горенаведеното е сеопфатното проширување на безбедносните интереси на Јапонија надвор од одбраната на сопствените острови. Патоказот е слободен и отворен Индо-Пацифик – од кој суштински зависи оваа островска држава – но Јапонија сега слободно зборува и за интересите во Јужно и Источно Кинеско Море, пацифичките острови, Тајванскиот Теснец, Европа итн.
Додека Јапонија некогаш се фокусираше само на непосредна самоодбрана, сега има поширок, поглобален поглед на својата безбедност низ повеќе региони. Резултатот ќе биде Јапонија што ќе биде подлабоко вклучена во глобалните безбедносни работи, а потенцијално и сам обезбедувач на безбедност.
Уште позабележителен е фактот што овие промени предизвикаа толку малку противење, било во Јапонија или во регионот. Кога САД и Јапонија го ревидираа договорот за безбедност во 1959 и 1960 година, имаше стотици илјади демонстранти на улиците на Јапонија. Дури и кога администрацијата на Шинзо Абе донесе пакет закони за безбедност во 2015 година што го проширија опсегот на ситуации во кои Токио може да одобри употреба на сила и го реинтерпретираа правото на Јапонија да се вклучи во колективна самоодбрана, имаше значителни протести низ политичката област на Токио. Овој пат не само што нема големи протести туку и дебатата се префрли од тоа дали Јапонија треба да ги преземе овие активности до тоа како земјата ќе плати за нив.
Така е и во регионот. Дури и во Јужна Кореја, која беше критична кон милитаристичките напори на Јапонија во минатото, претседателот Јун Сук-Јол призна дека потезите на Јапонија – вклучувајќи ја и набавката на противвоздушни ракети – се разбирливи, со оглед на заканите на Северна Кореја. Пекинг, од друга страна, разбирливо е несреќен. Тие силно се противат на новите одбранбени документи на Токио и ја обвинуваат владата на премиерот Кишида за предизвикување регионални тензии и конфликти.

Како изгледа во практика промената во јапонската одбранбена политика?

Односите на Јапонија со Јужна Кореја се чини дека конечно се подобруваат. Сè додека двете земји ја спречуваат историјата на Втората светска војна да доминира со нивната агенда, заедничките безбедносни грижи би можеле да си дозволат една на друга тесна и интензивна соработка.
Меѓу другото, треба да се истакне дека првиот голем јапонски воен извозен пакет отиде на Филипините. Јапонија неодамна ја спроведе својата прва заедничка воена вежба со Филипините. Со оглед на ставот на Јапонија дека европската и индопацифичката безбедност се поврзани, веројатно е дека Јапонија ќе продолжи да бара поблиски врски со клучните европски сојузници. Веќе има важни случувања, вклучувајќи и договор Јапонија редовно да учествува на состаноците на НАТО, како и јапонско-британски договори за реципрочен пристап и заеднички развој на напреден борбен авион.
Некои клучни прашања, сепак, сè уште остануваат неодговорени. На пример, дали Јапонија ќе се заложи за поголеми лидерски позиции во меѓународните тела? Разбирливо е дека Јапонија ја поддржува Украина, но до каде ќе оди јапонската поддршка за Европа? Во Југоисточна Азија, каде што Јапонија историски обезбедуваше развојна помош и безбедносна соработка, новата стратегија на Јапонија сугерира дека може да преземе повеќе лидерски позиции. Но како ќе се спроведе тоа во практика? Слично на тоа, како експлицитно наведените интереси на Јапонија во Тајванскиот Теснец се преведуваат во она што Јапонија всушност е подготвена да го направи?

Подготвил: Mарјан Велевски