Вкупно 10 постапки се водат во грчкиот суд против Центарот за македонски јазик во Грција. Станува збор за барања или поплаки поднесени до судот од трети страни, во кои се бара регистрацијата на граѓанското здружение да биде укината. Освен овие барања поднесени од трети страни, и обвинителот на Лерин поведе постапка за укинување на регистрацијата во која се повикува на Преспанскиот договор и на толкувањето дека „македонскиот јазик постои само во границите на Република С. Македонија“?!
ВО ВРЕМЕ КОГА НИЗ СВЕТОТ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК
Во време кога светот го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Грција, која себеси се декларира како лулка на демократијата, продолжува да го задушува правото на македонското малцинство да го негува сопствениот мајчин јазик.
Имено, откако во јули минатата година грчки суд одобри регистрација на невладината организација Центар за македонски јазик во Грција, а одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации во ноември, се роди искра надеж меѓу македонското население во Грција дека можеби со Преспанската спогодба конечно ќе престане притисокот од грчката држава кон нив и дека ќе можат слободно да ги негуваат сопствениот јазик и културните традиции.
Но очигледно грчкото општество воопшто не е созреано за такво нешто, така што за нецели два месеца вкупно 10 постапки се водат во грчкиот суд против Центарот за македонски јазик во Грција. Станува збор за барања или поплаки поднесени до судот од трети страни, во кои се бара регистрацијата на граѓанското здружение да биде укината. Освен овие барања поднесени од трети страни, и обвинителот на Лерин поведе постапка за укинување на регистрацијата, во која се повикува на Преспанскиот договор и на толкувањето дека македонскиот јазик постои само во границите на Република С. Македонија.
Мајчиниот јазик не познава граници
Парадоксално е постоењето на еден јазик да се ограничува во државни граници што ги исцртале големите империјалистички сили, не водејќи сметка за автохтоното македонско население во Егејска Македонија, а потоа некој системски да му забранува на истото тоа население да го зборува и негува мајчиниот јазик.
Уште поголем парадокс е што Грција е членка на Обединетите нации и се обврзала да ги почитува културните различности, вклучувајќи ги и другите јазици, но очигледно тоа не го прави и продолжува со дискриминаторската и асимилаторската политика преку забрани за употреба на живиот македонски јазик меѓу македонското малцинство, кое ѝ е крајно лојално на грчката држава. Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност меѓу другото е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчиниот јазик.
– Кога се потпиша Преспанската спогодба, се понадевавме дека конечно ќе можеме слободно да го зборуваме македонскиот јазик, ама не е така. Повторно има провокатори и кодоши што ни ги пушта грчката полиција и ако слушнат дека се зборува на македонски, веднаш им кажуваат на полицајците и потоа се соочуваме со притисоци и казни. Младите веќе и не го зборуваат македонскиот јазик, така што отворањето на Центарот за македонски јазик беше добра работа да почнат и помладите генерации да го учат мајчиниот јазик. Искрено не верувам дека грчката држава ќе дозволи да опстои овој центар – вели постар Македонец од Лерин во видео што кружи на социјалните мрежи.
Противниците на постоењето на Центарот за македонски јазик причините за поведените постапки ги образложуваат со Преспанскиот договор, занемарувајќи го фактот дека Грција нема спроведено ниту една запирка од истиот тој договор и нема намера ниту да го спроведе во иднина.
И додека Грците се правдаат на „чувствителноста на грчкото општество“ за да преземат каква било обврска од спогодбата од Нивици, Македонија продолжува со забрзано спроведувањето на спогодбата, и покрај тоа што нема потреба за такво нешто.
Имено, неодамна македонското МВР ги информира граѓаните дека заклучно со февруари 2024 година мора да ги заменат регистарските таблички на возилата и сообраќајната книшка на кои стои меѓународната ознака МК со нови, на кои ќе пишува НМК, се разбира на свој трошок, кој во овие кризни времиња воопшто не е мал. Сите овие рокови ќе важеа доколку земјава ги почнеше преговорите со ЕУ и ако ги отвореше соодветните поглавја, во спротивно роковите не важат.
Во меѓувреме, грчки инвестиции се навлезени во клучните сектори во земјава, почнувајќи од банкарството, градежништвото, прехранбената индустрија, како и во енергетиката, така што несфатливо е зошто му се оспорува правото на македонското малцинство во Грција да ги негува мајчиниот јазик и сопствената традиција ако на јужниот сосед му се дале сите можни привилегии во Македонија. Тука одамна има центри за изучување на грчкиот јазик, програми на грчки јазик на националното радио, содржини на грчки на електронските медиуми, без оглед што не постои грчко малцинство, додека на северот на Грција, каде што има многубројно македонско население, не смее да постои ниту невладина организација што го негува македонскиот јазик.
За Грција, Преспанскиот договор е обврска само на Македонија
За адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапува Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур и е добро упатен во малцинската проблематика во соседните земји, Преспанскиот договор ништо не решил и всушност со него Македонија капитулирала.
– Грција не ги исполнува обврските, истовремено бара Македонија да ги спроведе обврските. Затоа и си наоѓаат сопствено толкување во тој договор за да ја спречат употребата на македонскиот јазик меѓу македонското малцинство во Грција, без оглед што мајчиниот јазик не може да се омеѓи со граници – вели Менкиноски.
Според него, Преспанскиот договор е билатерален договор, а Грците имаат обврски по мултилатерални договори, како што е Европската конвенција за човекови права, и тука македонското малцинство треба да ги бара своите права, вклучувајќи го и тоа за нега на мајчиниот јазик.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Грција нема да дозволи Центарот за македонски јазик вистински да профункционира, бидејќи добро знае дека македонското малцинство таму никој не го штити и не се бори за неговите малцински права.
– Ние само си креираме лажни надежи дека Грција ќе дозволи да се говори македонскиот јазик на нејзина територија. Угледот на нашата држава во светот не може да се рамни со оној на Грција, така што нема никаква теорија работите да тргнат во позитивна насока. Доволно е да се погледнат обврските што ги има Грција и обврските што ги има Македонија со Преспанскиот договор. Ние секогаш сме подредена странка и затоа имплементиравме повеќе од она што требаше, а Грција ништо. Сите соседи, но и другите земји со нас си ги поткусуруваат работите – вели Пекевски.
Според него, тешко ќе заживее ваков центар за македонски јазик во Грција, бидејќи грчките власти никогаш не дозволиле македонскиот јазик да заживее таму.
– Неодамна бев во Грција. Таму таблите сè уште не се променети. Ние исполнуваме нешто што не е наша обврска. Сега ќе ги менуваме и регистарските таблички, но тоа е само заради други (тендерски) соображенија, а не како да се бориме институционално за правата на нашето малцинство во соседните земји – заклучува Пекевски.
Петров: На Македонците во Грција им следува правото на македонски мајчин јазик
Првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека со Преспанската спогодба, Македонија всушност ѝ дозволила на официјална Атина да го смета македонскиот јазик како старогрчки.
– Договорот Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година е геноциден и ништовен според меѓународното право, според Виенската конвенција за договорно право од 1969 година – вели Петров.
Тој подвлекува дека со договорот Димитров – Коѕијас, владата на Заев/Ковачевски ѝ пренесе ексклузивно право на Атина врз културата и историјата на Македонија, односно дека со споменатиот договор (Димитров – Коѕијас), тогашната македонска влада призна вина за лажно претставување од 1944 година.
– Според овој договор, Атина смета дека македонскиот јазик е старогрчки јазик, а нашиот е северномакедонски јазик што нема врска со старогрчкиот јазик. Затоа е хајката во Елада против Центарот за македонски јазик во Лерин. Се разбира, по сите конвенции за човековите и граѓанските права и слободи, на Македонците во Грција им следува правото на македонски мајчин јазик, но Брисел е ригиден, солидарен е со владата во Атина. Денешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик ја продолжува надежта што никогаш не умира – еден ден македонскиот јазик да се изучува во редовното државно образование и во Хеленската Република. И покрај сè, борбата за победа и слобода на македонскиот народ продолжува – порачува Петров.