Седум земји-членки на ЕУ во моментов остануваат надвор од валутниот евроблок (еврозоната). Иако Шведска и Данска имаат добро приспособени економии, не постои моментален „апетит“ меѓу домашната јавност или политичарите да ја прифатат употребата на еврото. Затоа, најверојатните потенцијални членки за идно пристапување во еврозоната „се кријат“ во Централна и Јужна Европа
Бугарија засега не го заслужува еврото, други кандидати повеќе ги исполнуваат условите
Еврото, кое некогаш се сметаше за голем чекор во европскиот проект, мина низ бурно и напорно постоење од неговото основање во 1999 година. По должничката валутна криза во 2009 година, економиите на Грција, Шпанија и на Португалија беа разнишани до темел. И опстанокот на еврото беше под закана, но валутата опстана.
Сепак, неговиот опстанок имаше цена. Омаловажување и скептицизам за еврото се прошири низ целиот Стар Континент, меѓу јавноста, бизнисите и политичарите. Но сега, во последно време, почнаа да бледнеат критиките и грижите што толку долго го следеа еврото. Неговиот опстанок веќе не е доведен во прашање. Неговите финансиски механизми продолжуваат да се подобруваат, а на глобалната сцена еврото стои покрај доларот и јенот. Со оглед на тоа што Хрватска му се приклучи на клубот за заедничка валута од Нова година, 10 години откако стана најновата членка на ЕУ, а Бугарија сѐ уште – не, односно таа кога-тогаш ќе се евро-(пе)-изира, сега прашањето е кој е реално следниот кандидат за еврозоната?
Седум ЕУ членки надвор од еврозоната, а пет од нив кандидати за влез
Седум земји-членки на ЕУ во моментов остануваат надвор од валутниот евроблок (еврозоната).
Иако Шведска и Данска имаат добро приспособени економии, не постои моментален „апетит“ меѓу домашната јавност или политичарите да ја прифатат употребата на еврото. Затоа, најверојатните потенцијални членки за идно пристапување во еврозоната „се кријат“ во Централна и Јужна Европа. Во земјите од Централна и Јужна Европа, кои не се членки на еврозоната, сликата сè уште е нејасна, но знаците на промена се препознаваат. Како што бизнисите продолжуваат да се враќаат во (новата) нормала по економскиот шок од пандемијата на коронавирусот и последиците од тековната руско-украинска војна, се чини дека идејата за заедничка валута повторно „влегува во мода“.
– Чешка
Бизнисите низ регионот, вклучувајќи го и чешкиот автомобилски гигант „Шкода“, конечно се нафатија да ги прават своите деловни трансакции во евра наместо локални круни. Зголемената инфлација, исто така, ги погоди поединечните валути повеќе од комбинираната јачина на еврото, нешто што бизнисите внимателно го следеа додека трае кризата со трошоците за живот.
Јавното мислење, исто така, конечно почна сè повеќе да се менува во корист на приклучувањето во еврозоната. Најновиот евробарометар од април 2022 година покажа дека 44 проценти од Чесите, 60 проценти од Полјаците, 70 проценти од Унгарците и неверојатни 77 проценти од Романците се за прифаќање на единствената валута. Пред десет години таквата поддршка, особено од поскептичните централноевропски нации, би ги збунила набљудувачите.
Во кулоарите на моќта низ еврорегионот, дискусијата конечно се враќа на сцената. Идниот претседател на Чешката Република, Петр Павел, е отворен поборник за усвојување на еврото. Иако политички е ограничен поради неговата церемонијална улога, неговиот избор би можел да биде првото домино што ќе падне во секое потенцијално усвојување на еврото од страна на земјата.
– Полска
Промената на Владата по годинашните општи избори во Полска, исто така, би можело да доведе до нови дискусии за пристапување во еврозоната. Ако владејачката ПиС биде поразена од поумерена, проевропска коалиција овој ноември, на еврозоната би можела да ѝ се приклучи една од најголемите европски економии.
– Унгарија
Иако сè уште не сака да ја прифати евровалутата, унгарската влада предводена од Виктор Орбан почна да го омекнува својот често силно критички став кон еврото. Што би можела да значи оваа промена на тонот за потенцијалниот пристап на Унгарија во валутен клуб е тешко да се предвиди. Меѓутоа, она што очигледно тлее е во насока на „поширока промена на мислењето од страна на оние што се на власт кон заедничката валута“.
Со влез во еврозоната не треба да се брза?!
Сепак, според некои аналитичари, со влез во еврозоната не треба да се брза. Во моментов ниту една потенцијална идна членка апсолутно не ги исполнува строгите и прецизни економски критериуми за воведување на еврото. Од друга страна, ниту пак владите се фокусираат на таква тема за влез во еврозоната, за време на криза на трошоците за живот, што покажува малку знаци на намалување.
Неодамнешното влегување на Хрватска во еврозоната ги потсети потенцијалните земји-членки на предностите, но и на ризиците (политички и економски) од приклучувањето кон валутниот евроклуб.
Дали ова значи дека Хрватска згреши што се приклучи?! Имено, за официјален Загреб изгледа се вклопија „деловите од сложувалката“. Хрватска за многу кратко време ќе има корист од заедничката економска и валутна зона (каде што и нејзините соседи членуваат), а со истовремено приклучување кон безграничната шенген-зона, нејзината брзорастечка туристичка индустрија ќе има шанси да ги искористи предностите од промената на валутата преку попрецизни трансакции базирани на еврото.
Не е лесен подвиг да се убедат јавноста, бизнисите и политичарите дека има „вистинско“ време за промена на валутите. Ова не значи дека е невозможно. По долгогодишен внатрешен и надворешен сомнеж за долгорочен опстанок, еврото конечно застана стабилно, подготвено да се натпреварува на глобално ниво.
(Во текстот се користени делови од анализата и ставови на шкотскиот новинар и соработник на Центарот за истражување на постконфликтот во Сараево, Камерон Мекбрајд)
Бугарија се откажува од воведувањето на еврото во јануари 2024 година
Бугарија се откажува од целниот датум за воведување на еврото во јануари 2024 година бидејќи не исполнува некои критериуми, но ќе има цел да се приклучи на заедничката валута на Европската Унија до 2025 година или порано, изјави во петокот министерката за финансии Росица Велкова.
Бугарија, најсиромашната членка на ЕУ, имаше намера да се приклучи на еврозоната на почетокот на 2024 година, бидејќи бара поголеми инвестиции и кредитна сигурност, но се бори со политичка криза. Во април државата излегува на парламентарни избори по петти пат во две години.
Велкова во петокот пред новинарите изјави дека земјата не ги исполнува критериумите поврзани со инфлацијата, ниту ги усвоила потребните законски измени.
– Не ги исполнивме ветувањата што ги дадовме при влезот во ЕРМ-2 и не ги исполнуваме критериумите за инфлација – рече Велкова.
Таа предупреди дека недостигот од јасност во однос на целта за влез во еврозоната во следните шест месеци може негативно да влијае на кредитниот рејтинг на земјата. Таа додаде дека, доколку Бугарија ги исполни критериумите, би можела да ја постигне својата цел за влез во еврозоната најрано кон средината на следната година.