За жал, македонската страна како да не успева да се снајде во вревата на „глумење жртви“ што ја прават соседите на сцената пред европските институции. Македонија не успева ефективно да ја брани својата позиција на држава во која почитувањето на правата на малцинствата е дури и над европските стандарди. Немаме соодветна реакција на парадите на бугарските политичари во Брисел, како бугарскиот претседател Радев, кој агитира од бриселските микрофони и кулоари пред европските лидери дека Македонија е „лошиот лик“ во бугарската инсценација на билатералните
македонско-бугарски односи
Секогаш се изненадувате и останувате затечени кога ќе западнете во ситуација во која постигнуваат успех некои одамна прочитани финти, за кои сте мислеле дека се депласирани. Постојано зачудува редовното демантирање од реалноста на онаа мудрост дека оној што прави повеќе врева, не значи дека е и во право! Вревата се покажала како корисна „тактичка вежба“ во многу битки низ времето, од оние вистинските – воените, до модерниве – маркетиншките. Затоа, никако не треба вревата да се потцени како „потрошена стратегија“ во докажувањето на правдата и на вистината.
Денешниов ден, 16 февруари, е уште еден ден Д во македонската политичка реалност, ден најавуван барем три месеци, како краен рок за преименување на бугарските здруженија во земјава, насловени со провокаторски имиња на историски докажаните фашистички соработници Ванчо Михајлов и цар Борис Трети. Денот се очекува од изгласувањето во Собранието на измените на Законот за формирање здруженија и фондации, со кој им беше оставен рок од три месеци на овие здруженија да се усогласат со новите законски одредби, т.е. да си ги сменат имињата. Во тоа меѓувреме од три месеци, бугарската политика успеа да инсценира цела серија инциденти во Македонија, со нескриени шовинистичко-фашизоидни провокации, агресивно настојувајќи да создаде перцепција пред ЕУ за „загрозени човекови права“ во земјава, насочени исклучиво кон оние со „бугарска самосвест“, притоа секогаш внимавајќи да не бидат именувани како „малцинство“. Дури пред распуштањето на бугарското собрание беше изгласана уште една декларација за Македонија, за одржување на нивната клеветничко-условувачка практика на дејствување во ЕУ, со намера да остане под уцена македонскиот евроинтегративен пат. И да, додека во Македонија се чека истекување на законскиот рок за активирање на Законот за здруженија и фондации, т.е. укинување на регистрацијата во Централниот регистар на здруженијата со спорни имиња, во Бугарија, со експресна постапка на соодветната институција, не е дозволена регистрација на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на кој претходно му беа искршени стаклата во „одмаздничка акција“ на бугарски граѓани. Така создадената бугарска врева пред ЕУ, за „репресираните Бугари“ во Македонија, треба да придонесе за заборав и потиснување на 17-те пресуди од Европскиот суд за човекови права, за прекршување на правото на слобода на изразување и правото на здружување на оние што се декларираат како Македонци во Бугарија. Условувајќи со европска поддршка за измени на македонскиот устав и внесување на Бугарите во него (како конститутивен народ, а не како малцинство), Бугарија не ги спроведува пресудите на ЕСЧП во корист на македонските здруженија, правдајќи се со непроменливоста на својот устав.
Бугарските амбиции и национални соништа за „заедничка бугарска историја“ на Македонија, преформатирани и усогласени со ЕУ-наративите во човекови права, преку преговарачката рамка наменета за македонското интегрирање во Унијата, се насочени кон притисокот за менување на македонската историја, а следствено на тоа и на именување на македонскиот национален идентитет, култура, јазик. Како појдовен механизам за таквата операција се користат договорите за добрососедство што ги потпиша Македонија со Бугарија, но и со Грција, преку заедничките историски комисии, формирани токму како резултат на овие договори. Во македонската јавност веќе циркулираат и ограничени информации за обиди за внатрешно интервенирање во историската наука во Македонија за креирање научна област под името „историја на Северна Македонија“. Европски маскиран, или дрско агресивен како бугарскиот, силен и константен е притисокот од надворешни фактори врз Македонија за коренито идентитетско менување, почнувајќи од историјата, манипулирајќи и со правата на малцинствата. Притоа еклатантно лицемерно е што таквата манипулација се прави од две држави-членки на ЕУ, како Бугарија и Грција, кои кај себе не ги почитуваат правата на малцинствата, а таквата дискриминација на основните човекови права уште им е декларирана и во уставите.
За жал, македонската страна, како да не успева да се снајде во вревата на „глумење жртви“ што ја прават соседите на сцената пред европските институции. Македонија не успева ефективно да ја брани својата позиција на држава во која почитувањето на правата на малцинствата е дури и над европските стандарди. Немаме соодветна реакција на парадите на бугарските политичари во Брисел, како бугарскиот претседател Радев, кој агитира од бриселските микрофони и кулоари пред европските лидери дека Македонија е „лошиот лик“ во бугарската инсценација на билатералните македонско-бугарски односи. Очигледен е фактот дека ЕУ нема доволно иформации од македонска страна дека државата посветено работи и ги почитува сите европски вредности во поглед на човековите права, односно правата на малцинствата. На сите бугарски декларации и меморандуми за Македонија до ЕУ, како идеја за соодветен одговор на клеветничките наводи и уцени изнесени во нив, можеби македонската влада треба да одржи барем специјална седница , на која ќе бидат донесени соодветни заклучоци што би биле испратени до ЕУ и ООН, со кои ќе се укаже на почитувањето на правата на малцинствата во Македонија и на непочитувањето на правата на македонското малцинство во соседството, кај ЕУ-земјите што прават голема врева за нарушените права на нивно дискутабилно малцинство во Македонија. Најсоодветен одговор за вревата со лаги е вистината!