Да, за европската интеграција и не, за преговарачката рамка – контрадикторност или конзистентност на Македонците

Има ли контрадикторност во македонското јавно мислење, посебно околу прашањето на европската интеграција? Редовната анкета на „Евротинк“, наречена „Еврометар“, само ги потврдува долгогодишните перцепции на граѓаните на Македонија околу Европската Унија. Кажано во една реченица, Македонците сметаат дека влезот на Македонија во Европската Унија е стратегиска цел на земјата, но истовремено се многу критични кон европската надворешна политика кон нивната држава.
Како по обичај, еден добар дел од дипломатите и „регионалните експерти“, посебно оние што не го зборуваат македонскиот јазик и што не прават никаков напор изворно да го запознаат македонското општество, гледаат контрадикторност, па дури и елементи на шизофреност, во ставовите што Македонците ги искажуваат и преку оваа анкета. Како е можно, велат тие, Македонците да ја поддржуваат европската интеграција, а притоа да се против предлогот Ковачевски – Петков, неправедно наречен „француски предлог“ кога тоа е сега услов за почеток на преговорите со Македонија? Потоа ќе додадат „зарем по сè што стори ЕУ за Македонија над две третини од македонските граѓани велат дека односот на Европската Унија е нефер, надмен и уценувачки“?
Меѓутоа секој вистински проследувач на околностите во Македонија не само што нема да види никакви контрадикции во прикажаните резултати туку ќе се изначуди зошто бројките не се и далеку полоши. Притоа, сигурно е дека ставовите на Македонците, во моментов, се далеку понегативни, а посебно по јануарскиот спектакл на бугарските власти околу тепачката во Охрид и циркусот во кој се претвори одбележувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот национален херој Гоце Делчев.
При анализата на надворешната политика честопати се случува проследувачите да запрат на првата лекција од секој учебник по меѓународни односи. Во таа прва лекција се спомнуваат атинскиот историчар Тукидид и неговиот најверојатно измислен дијалог помеѓу Древните Атињани и Древните Мелијанци (жители на островот Мелос). Во познатата Пелопонешка војна помеѓу Атина и Спарта, островјаните од Мелос посакале да останат неутрални иако имале крвно сродство со Спартанците. За нивна несреќа, Атињаните сметале дека ова островче има преголема стратегиска важност за одржување на нивната поморска надмоќ, па јасно им укажале на Мелијанците дека изборот им се сведува на влез во Делскиот сојуз, кажано во денешни термини стратегиски сојуз со Атина, или нивно целосно истребување, а дека неутралноста не постои како опција. Жителите на Мелос избрале да останат неутрални, па Атињаните ги поробиле, ги потепале мажите, а жените и децата ги продале во ропство. До ден–денес, оваа прекрасна драматизација на Тукидид служи како прва лекција по меѓународни односи и како најсликовит пример дека државите се себични и во надворешната политика се водат исклучиво од свои интереси.

„Моќните го прават тоа што можат да го сторат, а слабите го трпат тоа што мораат да го поднесат“ бил, наводно, суровиот одговор на Атињаните на елоквентните дипломатски обиди на Мелијанците културно да им објаснат дека, сепак, сакаат да останат неутрални. Кај оваа реченица, во Македонија започнуваат и завршуваат сите анализи на едно премало, но пребучно малцинство општественици што сметаат дека нашата земја нема никаков избор во политиката, освен секогаш да попушти пред појакиот. Еден од главните корифеи на „мелијанскиот дијалог“ во нашата јавност е и првиот македонски министер за надворешни работи, Денко Малевски.
Меѓутоа, ако добро ме служи помнењето, учебникот на мојот некогашен професор по меѓународни односи имаше околу триста страници и добри педесетина други лекции, а учебникот, пак, на американските автори Каупи и Виоти, кој истиот тој Денко Малевски ми го беше препорачал за проширување на знаењето и за повисока оцена имаше околу седумстотини страници со сите придружни референци и околу сто и педесет лекции, па целокупното потребно знаење за правење анализи на надворешната политика никако не запираше на „мелијанскиот дијалог“ туку беше далеку пошироко.
Дури и најтврдокорните реалисти во теоријата на меѓународните односи не ја игнорираат културата како фактор во надворешната политика. Културата се манифестира преку идентитетите, културните белези (јазик, религија, етникум), споделената историја (вистинска или замислена), идеите на општество за суштината на заедничкиот проект што го врзува во даден момент, политичките поделби и судири, а и многу други фактори. Еден од појавните облици на културата во едно општество е и јавното мислење. Не постои анализа на меѓународната политика без сериозно проучување на културата на една држава. Доколку сè се сведе на гола анализа на територија, население, ресурси, воена и економска моќ, тогаш најголемиот дел од состојбите и од судирите во надворешната политика нема да може никако да се објаснат.
Оттука, една заедница секогаш тежнее да се зачува себеси и да го одржи во живот сопственото сврзувачко ткиво или, со други зборови, секоја нација го негува сопствениот патриотизам. Содржината на патриотизмот не е никогаш конечна и неменлива. Земете ги само Соединетите Американски Држави чии граѓани прво себеси се замислуваа како британска испостава на еден друг континент, дури и како поголеми Британци и ројалисти од роднините во Европа, за потоа преку неколку темелни преобразби да стигнат до актуелниот американски патриотизам, втемелен на американскиот устав, Повелбата за правата и идејата за една мултиетничка, мултирасна и мултирелигиска американска заедница, обединета во демократска и федеративна заедница. Исто така, и нашите претстави за современиот македонски патриотизам денес се многу поразлични од идеите на преродбениците, илинденците или партизаните. Но заеднички и за Американците, како голема нација, и за Македонците, како далеку помала нација, е тоа што и двете заедници својата идеја за патриотизмот ја градат автономно, врз основа на сопствените внатрешни дебати, но и со поука од суровите лекции и премрежиња низ кои поминале низ премрежињата на историјата.

Распадот на сврзувачкото ткиво, губењето верба во клучната национална приказна што е основа на патриотизмот води кон распад на една заедница, а тоа знае да доведе и до крвави војни и судири. Македонците препознаваат во актуелната бугарска политика кон Македонија токму еден обид за бришење на македонската национална посебност, идентитет и државност. Оттаму е и отпорот кон промената на Уставот и кон предлогот Ковачевски – Петков.
Во изминатите три децении македонска независност, македонската нација преживеа неколку сурови лекции, но мора да се признае дека Македонците продолжија најрационално да ја анализираат својата положба, опции и алтернативни. Македонија се гледа себеси како дел од Европската Унија, и тоа не само „декларативно“, како што ќе каже Бојан Маричиќ, туку најполнокрвно. Македонците веруваат во европските вредности и сакаат да учествуваат во процесот на европската интеграција, но како народ со сопствен идентитет, историја и јазик.
Предложената преговарачка рамка на Европската Унија не овозможува заштита на македонската посебност, идентитет и државност. Ова несреќно решение ја претвора македонската европска интеграција во бесконечен билатерален спор со Бугарија за теми што македонското општество одамна ги апсолвирало. Исто така, со предлогот се рушат демократските текови и се задира во прашања поврзани со човековите права.
Имајќи го сето тоа предвид јасно е зошто Македонците конзистентно избираат и натаму да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но и да посочат на контрадикторноста на европската политика помеѓу прокламираните вредности и начела и конкретните предлози во случајот на нашата земја. Најлошо би било сега повторно да се создаваат вештачки поделби, етикетирања и слогани, а власта веќе влегува во такви игри. Далеку подобро ќе биде да се седне повторно и конечно да се посвети доволно време за изработка на нова преговарачка рамка. Знам дека тоа сега изгледа како научна фантастика, но не се може против културата на еден народ, а не постои ни опцијата од „мелијанскиот дијалог“ сите мажи од Македонија да се потепаат, а сите жени и деца да се продадат во ропство. Македонците се тука и Македонија ќе опстои, па редно време е да ги добие и онаа минимална почит и пристојност што им следуваат на една европска земја и на еден европски народ.

Ивица Боцевски