Во периодот помеѓу 1946-1956 година не се негираа македонските национални особености, а Македонците во Бугарија можеа слободно да ги изразуваат своите национални и патриотски чувства и наедно имаа и автономност и слобода во творештвото. Позитивната бугарска политика кон Македонците е особено видлива и во издавањето на „Пирин дело“, како и во отворањето на издавачката куќа „Македонска книга“. Следствено, Македонците првпат во историјата можеа слободно и непречено да читаат различна печатена публикација во Бугарија што говореше за историската вистина и факти

Сведоштва од историските архиви
на повеќе балкански земји за периодот
од 1946 до 1956 година во Бугарија

Денес бугарската држава, иако тоа е во спротивно со членот 6 од бугарскиот устав, не ги признава малцинските права, ниту етничките заедници. Меѓутоа повеќемина универзитетски професори, историчари и аналитичари посочуваат дека Бугарија, како општество и држава, во минатото ги почитувала човековите права, а ова е особено карактеристично за периодот помеѓу 1946-1956 година. Во овој период не се негираа македонските национални особености, а Македонците во Бугарија можеа слободно да ги изразуваат своите национални и патриотски чувства и наедно имаа и автономност и слобода во творештвото. Позитивната бугарска политика кон Македонците е особено видлива и во издавањето на „Пирин дело“, како и во отворањето на издавачката куќа „Македонска книга“. Следствено, Македонците првпат во историјата можеа слободно и непречено да читаат различна печатена публикација во Бугарија, која ја говореше македонската вистина.
Денес состојбата во бугарското општество се разликува наполно, па затоа Тони Менкиноски, еден од правните застапници на Македонците од Бугарија, вели дека бугарската држава само декларативно се залага за заштита на човековите права, а не и суштински. Во овој контекст, проф. д-р Стојко Стоков посочува дека македонското самоопределување се интерпретира како предавство и непријателство против Бугарија, како нешто што треба да се казнува. Денес Бугарија како членка на Европската Унија треба да се соочи со сопственото минато и периодот помеѓу 1946-1956 година да го разбере како позитивен исчекор во почитување на човековите и малцинските права.

Ветриштата на промените

Бугарската држава по 9 септември 1944 година целосно ја менува својата политика кон Македонија и македонскиот народ. Новата власт предводена од Георги Димитров се обидува целосно да раскине со бугарскиот екстремен национализам и шовинизам, како и со негирањето на македонските национални особености и територијалните претензии кон Македонија. Како резултат на новата бугарска политика кон Македонците беше донесена одлука за отворање училишта во кои ќе се предава на македонски јазик и ќе се изучува македонската историја.
Беше отворен Македонскиот народен театар во Благоевград, македонска патувачка книжарница, а во соработка со НР Македонија започнале да се одржуваат и други македонски манифестации. Во овој период започнува и издавањето на „Пирин дело“ и се отвора издавачката куќа „Македонска книга“.
Бугарската позитивна политика е особено видлива во пописот од 1946 година кога Македонците можеа слободно да ја искажат својата национална припадност. Оттука, од 252.908 жители на пиринската областа, 160.541 лице се идентификувале како етнички Македонци, а уште девет илјади етнички Македонци биле регистрирани во други делови на Бугарија.

Автономност и слобода во творештвото

Новата бугарска политика создаде услови за автономност и слобода во творештвото. Македонците првпат во историјата можеа слободно и непречено да творат и да читаат различна печатена публикација во Бугарија, која ја говореше македонската вистина. Меѓу Македонците што можеа слободно да творат и да ги изразат своите македонски национални и патриотски чувства може да се вброи и Крсто Белев. Иако станува збор за многу плоден автор што напишал голем број раскази, статии, патописи, романи, како и филмски сценарија, во Македонија неговото творештво не е многу познато. Негово најпознато дело е романот „Планино, Пирин Планино“ од 1934 година, дело кое е посветено на смртта на Гоце Делчев, како и „Повест за бегалците од Македонија“ објавена во 1945 година или „Во мојата татковина“ со поднаслов „Македонија, татковината под ропство“ објавена истата година. Творештвото на споменатиот бугарски писател од македонско потекло е потврда за слободата што Македонците ја имале во своето изразување.
Ова е особено видливо во предговорот на делото „Во мојата татковина“. Крсто Белев во предговорот на многу јасен начин посочува дека владата на Борис Трети и на Богдан Филов во сојуз со Хитлерова Германија и фашистичка Италија им нанесе зло на балканските народи, само поради ветувањето за присоединување на Македонија кон Бугарија. Во понатамошниот дел, Белев вели: „Во продолжение на повеќе од половина век бугарската агресивна реакција и бугарскиот двор, респективно царот Фердинанд и царот Борис, агенти на германскиот империјализам, водеа една политика на непомирливост кон соседните балкански држави само заради Македонија. Македонија беше најголемиот залог на завојувачкиот стремеж на бугарската официјална политика.“
Белев ја коментира и бугарската политика кон оние Македонци што се спротивставиле на окупацијата од страна на царска Бугарија. Според него, „полициско-фашистичкиот терор“ се засили и биле исценирани неколку политички судски процеси против цивилното население. Само во Скопје биле „издадени многу смртни пресуди против Македонците. Многу македонски борци лежеа во познатиот скопски затвор заедно со своите браќа Бугари – антифашисти. Убиства без пресуди, се разбира, имаше многу повеќе.“ Стотици револуционерно настроени Македонци само од скопската област беа испратени во концентрациониот логор кај селото Еникој, а десетина жени заедно со децата од Велес беа затворени во женскиот логор „Свети Никола“ во Асеновград, нагласува Крсто Белев.
На крајот од својот предговор, Белев истакнува: „Мојата татковина Македонија и македонскиот народ се јаболко на раздорот на Балканите, како што правеа грабителната реакција и шовинизмот на балканските страни, денес станува јаболко на дружба меѓу народите на словенскиот југ.“ Последната мисла на Белев е резултат на позитивната политика кон Македонците, надевајќи се дека кончено Бугарија раскинува со бугарскиот екстремен национализам и шовинизам. Д.Ст.


Крсто Белев – човекот што ја говореше македонската вистина

Крсто Димитров Белев е бугарски писател (од македонско потекло), автор на мошне популарниот и често издаван роман „Планино, Пирин Планино“ (1934), во кој се коментира смртта на Гоце Делчев. Тој е автор на раскази, романи, патописи и репортажи. Роден е во егејскиот дел на Македонија, а по Балканските војни со семејството се преселува во Бугарија. Како младинец учествува во комунистичкото движење во Бугарија, за што е прогонуван и повеќепати осудуван и долго лежи в затвор како политички деликвент. Бил емигрант во Франција и во Романија, подолго време престојувал и во СССР, а во текот на Втората светска војна е интерниран во логорите за политичките опоненти на фашизмот во Бугарија. Бил мошне плоден како автор. Голем дел од неговиот богат опус е посветен на македонски теми, како што се делата „Планино, Пирин Планино“, „Нова Македонија“, „Родна земја“ и др.