„Мајка Македонија многу е ослабнета. Откако го породи великого Александра, откако ги породи светите Кирила и Методија, оттога мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнеможена, совршено примрена Мајка што родила великого сина надали ќе може да роди и другего? Затоа толку ретки се на светот великите мажи.
Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж“ – Григор Прличев

ПОВОД: 130-ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА ВЕЛИКИОТ ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

Деновиве со низа свечености и културни манифестации се одбележува 130-годишнината од смртта на македонскиот поет Григор Прличев. Останува запаметен како автор на делата „Сердарот“ и „Скендербег“, но Прличев е многу повеќе од поет, всушност, тој е еден од најкрупните македонски национални фигури во втората половина на 19 век. И покрај тоа што творел на грчки и на бугарски јазик, нему Македонија му била љубов и судба. Ова е особено видливо во неговото писмо до жена си во кое запишал: „Солун е срцето, а ние вените на Македонија!“ Неговата љубов кон Македонија е очигледна и во неговиот говор пред учениците на Солунската гимназија во кој истакнал: „Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила светите Кирил и Методија.“ Во дејствувањето на Прличев постојат два значајни моменти. Тој ја продолжува борбата на својот учител Димитрија Миладинов против грчкото културно влијание, како и стремежите за возобновување на Охридската архиепископија, но и афирмација на јазичните и културните особености на Македонците. Вториот значаен момент е при крајот на неговиот живот кога е учител во Солунската гимназија. Тука, Прличев станал воспитувач на новата генерација, која беше главен двигател на македонското национално ослободително движење кон крајот на 19 век.

Борба за возобновување на Охридската архиепископија

Прличев му бил ученик на Димитрија Миладинов, а по смртта на браќата Миладинови ја продолжува нивната борба против грчкото културно влијание во Македонија, како и нивните заложби за возобновување на Охридската архиепископија и воведување на македонскиот јазик во училиштата. Оваа борба со текот на годините сè повеќе се разгорувала. Во летото 1866 година, Прличев успеал да ги убеди ќурчиските трговци и занаетчии да создадат финансиска каса за поддршка на борбата против грчките фанариоти. Прличев јавно го повикувал народот против Цариградската патријаршија, а пред нив го користел македонскиот народен говор. Ова е очигледно во следното негово искажување: „А ние бедни, само името го слушаме оти викает светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, а ние не разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик, јазик свој си имавме и го погазивме, сите народи си учат свој јазик, а само ние учиме јазик чужди најм’чен. Децата пеет на училиште и не разбирает, затова учет без севда и слепи останвет.“
Поради овие активности, Прличев бил наклеветен од страна на грчкиот митрополитот Мелетиј пред османлиските власти. Бил затворен во дебарската зандана, а потоа и кај дебарскиот владика. Во април 1869 година се вратил во Охрид и ја создал „Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето“, во која се нагласени судбината на последниот охридски архиепископ Арсениј и укинувањето на Охридската архиепископија. Во песната, тој говори за грчките духовници, кои сакале преку клевети и лаги да уништат еден свој црковен противник. Целта и последиците од таквата политика, Прличев ги опеал во следните стихови: „Ќе пратит владици Грци, лицем светци, срцем в’лци. Ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе млзат до крв. Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори. Да се мрази син со татка и со брата брат.“

Учител на новата македонска генерација

Во последните години од својот живот, Прличев станал учител на македонската младина во Солун, односно воспитувач на новата македонска генерација, која целосно раскинала со туѓите идеи и влијанија. Додека Прличев учителствувал во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, низ клупите на оваа гимназија минале голем број македонски револуционери и дејци: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Петар Поп Арсов и многу други.
На прославата на 1.000-годишнината од смртта на Св. Методиј во Солунската гимназија, Прличев пред присутните го искажал следното: „Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила светите Кирил и Методија. Не сте ли уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот? Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението.“
Блаже Ристовски (македонски книжевен историчар и филолог) истакнува дека во овој период Прличев бил близок со раководителот на Македонската лига, Васил Дијамандиев, како и со еден од основачите на Тајниот македонски комитет, Коста Групче, а најверојатно и со третиот охриѓанец Темко Попов и стружанецот Наум Евро. Од друга страна, Прличев бил во роднински врски со Димитар Македонски и со организаторот на културно-просветното друштво „Св. Климент“ од Охрид, Димитар Христо Узунов. Д.Ст.


„Сердарот“

„Сердарот“ е најпознатото дело на Прличев. Тоа е напишано во 1860 година, а на 25 март истата година тоа учествува во натпреварот за најдобра поема на грчки јазик (што секоја година се одржувал во Атина) и ја добива наградата лаворов венец, како и парична награда. Поради силниот впечаток што ја оставила оваа поема, Прличев бил наречен „втор Хомер“. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк и да ја прифати стипендијата за студии во Берлин или во Оксфорд. За успехот што го направил со „Сердарот“, Прличев во својата „Автобиографија“, ќе каже: „… тогаш усетив во мене неописиво волнение, какво што никогаш не сум осетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев надвор од себеси. Очигледно, мој беше венецот.“
Поемата е оригинално напишана на грчки јазик, под насловот „О Арматалос“ (Ο Αρματωλος), но при крајот на животот Прличев ќе направи обид да ја преведе на македонски јазик. „Сердарот“ ја раскажува смртта на македонскиот јунак Кузман, кој ги заштитувал селаните од бандите на Гегите. Дејството во оваа поема се случува кон средината на 19 век, во Западна Македонија, поточно во регионот помеѓу Галичник, Река (област) и селото Стан.
Писателот Борис Вишински во својот предговор кон второто издание на „Арматолос“ истакнува: „Тоа е поезија на еден народ што се бори против угнетувањето и против силите на злото. Поемата е проткаена со љубов кон татковината и со дух на самопожртвување. Живо ги одразува страдањата на своите сонародници, кои се борат против бандите на ограбувачите во услови на отоманскиот гнет.“