Според универзитетските професори по право, принципот на општествено-политичка поставеност на институциите во Македонија функционира според идејата за некаква „балансирана правична етничка застапеност“(!?). Но тој принцип не е регулиран според закон, како ни принципот, ако воопшто може да се детерминира како таков, за формирање влада – победник со победник (!?). Ниту Уставот ниту некој закон не предвидуваат такви услови и правила за состав на влада. Тоа се политички договори, кои би требало на функционираат на џентлменски принципи, пред сѐ раководени од интересите на граѓаните што дале мандат да се реализираат програми и политики на кандидатите, партиите или коалициите, кои ефективно ќе ги реализираат истите тие во насока на раст и развој на државата и нацијата
За процесот на назначувања во високата државна администрација и колку тие се според системот на вредности и заслуги
Во нашата држава кај партиите сѐ уште провејува т.н. феудален менталитет. Политичката партија или поточно лидерот на партијата се потпира на партиските фигури за кои тој лично смета дека ќе му бидат лојални и беспоговорно ќе ги извршуваат лидерските инструкции. Токму таквите човечки ресурси во партиите се вгнездуваат, очекувајќи за возврат да бидат наградени со раководни позиции. И наместо тие со нивниот професионален капацитет да ја извршуваат должноста што ја носи функцијата, тоа го прават со потези што повеќе личат на полтронски, заради задоволување на личната лидерска или теснопартиската амбиција. Се разбира дека е очекувано раководните позиции да се доделат според партиската припадност, но сепак мора да има јасни критериуми за кандидатските квалификации, а и за конкурентскиот изборен процес!
Полтронството проѕрено, етничкиот клуч анахрон и неефикасен
Според нашите соговорници, професори и интелектуалци со долго искуство во опсервација и анализа на државната власт, државната управа и администрација во сите сегменти, „токму принципот на професионализација на структурата би значело дека ќе ги имаме најдобрите кадри што можат да имплементираат поуспешни и поефикасни политики за граѓаните“!
Назначувањето носители на јавни функции треба веќе да оди по модел што се заснова на начелата на рационалност, демократичност и транспарентност, не по етнички клуч или блискост и клиентелизам.
Исто така, гореспоменатите принципи конкурентност, мериторност, демократичност и транспарентност се основа и за градење професионална и политички неутрална администрација.
Имено, не со т.н. феудален, султански менталитет или етнички паритет, туку „процесот на именувања и назначувања на – професионални високи раководители, избрани преку отворена и меритократска постапка врз основа на нивните професионални компетенции“! И второ, не помалку важно, според соговорниците, е „воспоставување односи на доверба и одговорност помеѓу политички избраните и именуваните лица и високите раководители“!
Нашето секојдневие на партиски комбинаторики и политикантски принципи
Преговарачкиот процес за проширување на владината коалиција со влегување на партијата Алијанса за Албанците се одвива дивергентно, во повеќе партиски централи на досегашните коалициски партнери. Сите коалициски партнери ги преиспитуваат опциите што би оделе да ги загрозат нивните партиски интереси и позиции во коалицијата, со придружувањето на Алијанса за Албанците, како придонес за зацврстување на парламентарното мнозинство.
Во тенденцијата на актуелниот владин состав да се манифестира мнозинство што би значело приближување до бројката од 80 пратеници, потребна за изгласување на уставните измени што се бараат од меѓународната заедница како услов за ефективно продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ, се препознава мотивот за оваа реконструкција на Владата, но и шансата за новиот придружен член да добие и повеќе од придонесот што ќе го даде за постигнување на целта.
На сите учесници во процесот јасно им е дека и со влезот на Алијанса за Албанците во Владата нема да се постигне бараното мнозинство во парламентот, но извесно е дека ќе биде променета етничката застапеност на членовите на владиниот кабинет, со придобивка за албанскиот етнички блок. Со тоа, иако неефикасен и анахрон, секако би бил нарушен принципот на балансирана и соодветна етничка застапеност (!?) во општествено-политичкото функционирање на државните институции.
За издвојување е да се спомене дека поради нарушувањето на овој баланс-принцип на етничка застапеност била изразена загриженост и на состанок на Извршниот одбор на СДСМ, партија што е всушност носечки фактор во коалицијата, застапена со најмногу пратеници (од владината коалиција) во Собранието. Според информации лиферувани во јавноста, на состанокот меѓу сопартијците од СДСМ и претседателот Димитар Ковачевски биле изнесени стравувања од „албанизација на Владата“ (!?).
На средбата се зборувало околу бројките и процените и биле изнесени стравувања дека не може коалицискиот партнер Алтернатива со тројца пратеници да има три силни министерски места во ситуација кога се бара и Алијанса за Албанците да го зголеми владејачкото мнозинство во Собранието.
И претходно ова прашање, односно „можноста за етнички дисбаланс во Владата, непропорционален во однос на политичкиот размер на застапеност во Собранието“, се актуализираше од страна на пратеникот и лидер на партијата Демократски сојуз, Павле Трајанов. Од Демократскиот сојуз изјавија дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со амандманот 6 од Уставот.
– Се залагам за принципот на соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. Доколку така се компонира новата или реконструирана влада, ќе ја поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Бидејќи така сме поделени, така е конципирано во Уставот за соодветна застапеност на етничките заедници и така треба тоа да се спроведува во пракса – изјави Трајанов, кога започнаа поинтензивно разговорите за влегување на нов коалициски партнер во Владата од албанскиот блок на партии.
Отфрлање на непринципите и што побрзо воспоставување релевантен мерит-систем на вредности и заслуги
Според сегашниот етнички состав на македонската влада, забележливо доминира застапеноста на министрите етнички Албанци, во однос на оние од другите етнички заедници, па и на министрите Македонци. Актуелната застапеност од 50 отсто на министрите Албанци во македонската влада веќе претставува отстапување од принципот на балансирана етничка застапеност во државните институции, со оглед дека во другите 50 отсто влегуваат и припадници на други етнички заедници, а не само министри Македонци.
– Во секој случај ќе биде нарушен етничкиот баланс во составот на Владата со влезот на нов коалициски партнер од албанскиот блок партии. Всушност тој дисбаланс веќе постои, зашто освен што има повеќе министри Албанци од процентот со кој партиципираат како пратеници во Собранието од албанскиот политички блок, туку и во таа половина од Владата, што условно се смета за етнички македонска, влегуваат и припадници од другите етнички заедници во Македонија. Да беше обратна ситуацијата, албанските партии да имаа мнозинство, не верувам дека на македонските партии ќе им беше дозволено да учествуваат во власта со поголем процент од кој реално би биле застапени. Навистина, принципот на општествено-политичка поставеност на институциите во Македонија функционира според идејата за балансирана правична етничка застапеност. Но тој принцип не е регулиран според закон, како ни принципот за формирање влада – победник со победник. Ниту Уставот ниту некој закон не предвидуваат такви услови и правила за состав на влада. Тоа се политички договори, кои би требало на функционираат на џентлменски принципи. А познато е дека во политиката преовладуваат интересите пред принципите. Во случајов станува збор за коалициска влада, па и овој пат реконструкцијата се прави со одредена политичка цел и интерес. Целта и интересот, јавноста ги препознава во намерата за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието за изгласување на уставните измени, што сепак нема да биде постигнато и со новиот коалициски партнер – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски, кој оценува дека, за жал, продолжува практиката во Македонија, граѓаните да се оставаат на маргините на сите политички случувања и при носењето одлуки.