Секогаш е малку поинаку од Светскиот куп. Има многу работи околу него што го прават светскиот шампионат навистина посебен, рече Норвежанецот Себастијан Фос-Солеваг, додека се подготвува да ја одбрани титулата од светскиот шампионат во слалом среде разочарувачката сезона, пишува ФИС. Можноста да се влезе со шанса на натпреварите во Куршевел и во Мерибел годинава ќе им даде поттик на многумина што не ја покажаа својата најдобра форма досега сезонава, но од поголема важност може да биде динамиката што актуелните фаворити ја носат од Светскиот куп на главниот настан во 2023 година, пишува ФИС.

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 47-ОТ СВЕТСКИ ШАМПИОНАТ ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Настапувајќи на Светското првенство (СП) во алпско скијање во 2021 година во Кортина д’Ампецо, 35-годишниот Ромед Бауман шест години беше без подиум во трки од Светскиот куп скијајќи за Германија, откако повеќе не можеше да си го гарантира своето место во моќната австриска репрезентација, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС), во пресрет на денешниот почеток на 47-то Светско првенство во алпско скијање, во француските скијачки центри Куршевел и Мерибел.
– Со малку среќа, можеби можеме да направиме изненадување – рече тој во пресрет на СП 2021, но таа најава се чинеше дека е малку повеќе од надежен оптимизам од скијач чии најдобри денови изгледаа зад него.
Бауман, се разбира, освои неверојатен сребрен медал во првата дисциплина, супервелеслалом, за да докаже уште еднаш дека на големите првенства сѐ може да се случи.
Две години подоцна, додека најдобрите светски алпски скијачи се подготвуваат за настап во Куршевел и во Мерибел за годинашното Светско првенство, некој како Ромед Бауман ќе се обиде да ги изненади водечките според формата во Светскиот куп и да стапне на подиумот.
– Секогаш е малку поинаку од Светскиот куп. Има многу работи околу него што го прават светскиот шампионат навистина посебен – рече Норвежанецот Себастијан Фос-Солеваг, додека се подготвува да ја одбрани титулата од светскиот шампионат во слалом среде разочарувачката сезона, пишува ФИС.

Можноста да се влезе со шанса на натпреварите во Куршевел и во Мерибел годинава ќе им даде поттик на многумина што не ја покажаа својата најдобра форма досега сезонава, но од поголема важност може да биде динамиката што актуелните фаворити ја носат од Светскиот куп на главниот настан во 2023 година, пишува ФИС.
Водечка е американската ѕвезда Микаела Шифрин, која ја носи својата рекордна форма од Светскиот куп на светските првенства, каде што освои шест златни медали и 11 места на подиумот од нејзиниот прв триумф во 2013 година, на 17 години. Ако успее да ги израмни своите четири пласмани на подиумот од Кортина во 2021 година, Шифрин би го израмнила рекордот за која било алпска скијачка од 15 медали на светските првенства, поставен од Германката Кристел Кранц во 1941 година.
Освен Шифрин, други скијачки што сакаат да ја претворат својата ѕвездена форма од Светскиот куп на светски шампионат се Италијанката Софија Гоџа и Швајцарката Лара Гут-Бехрами, пишува ФИС. Гоџа го пропушти минатото светско првенство на домашен снег поради повреда, но олимписката шампионка во спуст од 2018 година победи на четири од шесте спуста во Светскиот куп сезонава и е подготвена да оди на својот прв медал на светските првенства во оваа дисциплина. Гут-Бехрами замина на СП 2021 без голема шампионска титула, но ќе пристигне во Мерибел како бранителка на титулата во супервелеслалом и во велеслалом и олимписка првенка во супервелеслалом од Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, пишува ФИС.
Кај скијачите, епските трки сезонава помеѓу Швајцарецот Марко Одермат и Норвежанецот Александар Амод Килде сега ќе се одржат со уште поголеми цели, бидејќи и двајцата ги бараат своите први медали на светските првенства.
Одермат е фаворизиран да го повтори својот олимписки триумф во велеслалом, а Килде има предност во спуст, во кој победи на пет трки од Светскиот куп сезонава. Супервелеслаломот е местото каде што ривалството помеѓу двајцата го достигнува своето крешендо, што ја прави една од најочекуваните трки на овие светски првенства, пишува ФИС.

И ако некој од скијачите киксне во брзинските трки, Австриецот Винсент Крихмајр ја чека својата шанса. Двојниот светски шампион од 2021 година победи на три трки во спуст во Светскиот куп сезонава и се чини дека е единствениот скијач способен да ги изненади големите двајца, пишува ФИС.
Иако се чини неизбежно овие фаворити да го најдат патот до подиумот, прашањата опкружуваат многу други кандидати за медали додека сезоната го достигнува својот врв на француските Алпи. Може ли Алексис Пинтуро да ги надмине притисокот и неговата форма од освојувањето на титулата во вкупниот поредок за Светскиот куп во 2021 година, за да го освои златото на домашен терен? Дали Австријката Катарина Лиенсбергер ќе може да ја потисне сезоната за заборав зад неа додека ги брани своите титули во слалом и во паралелен слалом? Може ли Италијанката Федерика Брињоне да се врати од три незавршени трки дома во Кортина д’Ампецо пред две години за пак да се качи на подиумот на светските првенства првпат од 2011 година? Дали словачката олимписка шампионка во слалом, Петра Влхова, ќе може да ја искористи дополнителната мотивација на светските првенства за да се врати на своите победнички патеки? Дали е подготвена младата ѕвезда на Норвешка, Лукас Браатен, на 22 години, да се издигне во техничките дисциплини на неговото прво светско првенство? И дали на францускиот ветеран, брзинскиот тркач Јохан Клери, му останува доволно во резервоарот за да оствари победа од бајките на домашен снег на 42 години?
Одговорите на овие и други прашања ќе се откријат во текот на следните две недели, почнувајќи од денеска.


Првото СП со шест земји, во две дисциплини

Првото светско првенство во алпско скијање е одржано во 1931 година, во Мурен (Швајцарија). Шест земји (Швајцарија, Австрија, Австралија, Германија, Велика Британија и Италија) се натпреваруваа во слалом и во спуст, за жени и за мажи. Велика Британија и Швајцарија освоија по две златни и по еден сребрен и бронзен медал, а медали освоија и Австрија (две сребра и една бронза) и Германија (една бронза).
Веќе на следниот шампионат, одржан во 1932 година во Кортина д’Ампецо (Италија), во програмата беа и трки во алпска комбинација. Швајцарија беше најуспешна со вкупно три злата, две сребра и една бронза. Во текот на 30-тите години од минатиот век светските првенства се одржуваа секоја година, во Европа.
Велеслаломот дебитира на првото светско првенство надвор од Европа, во 1950 година во Аспен (САД). Од 1948 до 1980 година трките на зимските олимписки игри беа сметани и како трки на светско првенство, а во тој период посебни мундијали беа одржувани во годините помеѓу зимските олимписки игри.
Од 1985 година светските првенства во алпско скијање почнуваат да се одржуваат секои две години во непарни години. Супервелеслаломот дебитира на Мундијалот во 1987 година, во Кран Монтана (Швајцарија)…
Најмногу златни медали кај скијачите, по седум, досега освоија Австријците Марсел Хиршер и Тони Зајлер, шест освои Французинот Жан-Клод Кили… Кај скијачките води Кристин Кранц од Германија со 12 светски титули, Мариел Гоачел од Франција и Ања Персон од Шведска имаат по седум, Микаела Шифрин од САД и Ерика Хес од Швајцарија по шест…
Австрија досега освои најмногу медали, 299, од тоа 100 злата, 102 сребра и 97 бронзи, а потоа се Швајцарија со 203 (69-70-64), Франција со 134 (46-52-36), САД со 91 (29-26-36)…


СП 2023, РАСПОРЕД НА ТРКИТЕ

6 февруари алпска комбинација, жени
7 февруари алпска комбинација, мажи
8 февруари супервелеслалом, жени
9 февруари супервелеслалом, мажи
11 февруари спуст, жени
12 февруари спуст, мажи
14 февруари паралелен слалом за репрезентации
15 февруари паралелен велеслалом, жени и мажи
16 февруари велеслалом, жени
17 февруари велеслалом, мажи
18 февруари слалом, жени
19 февруари слалом, мажи


НАЈМНОГУ МЕДАЛИ

Австрија 100 102 97
Швајцарија 69 70 64
Франција 46 52 36
САД 29 26 36
Германија 27 29 41
Норвешка 25 20 17
Италија 22 25 26
Шведска 17 10 20

колоните се златни, сребрени и бронзени медали
Извор: ФИС