Расходуваниот носач на авиони „Сао Пауло“ е потопен во Атлантскиот океан, во близина на својот североисточен брег, соопшти бразилската морнарица, и покрај предупредувањата од еколозите дека ‘рѓосаниот француски брод изграден во 1960-тите ќе ги загади морето и морскиот синџир на исхрана.
Бродот тежок 32.000 тони плуташе три месеци откако Турција му забрани влез во нејзините територијални води бидејќи претставувал опасност за животната средина, па бродот беше влечен назад во Бразил.
Носачот вчера беше потопен на „плански и контролиран“ начин, со што се „избегнати логистички, оперативни, еколошки и економски загуби за бразилската држава“, се наведува во соопштението на морнарицата.
Трупот на бродот „Сао Пауло“ е потопен во бразилските води на 350 километри од брегот, каде морето е длабоко 5.000 метри. Местото е избрано за да се ублажи негативното влијание врз риболовот и екосистемите, соопшти морнарицата.
Федералните обвинители и Гринпис побараа од бразилската влада да го запре потопувањето, велејќи дека тоа е отровно поради опасните материјали, вклучувајќи и девет тони вграден азбест.
Носачот на авиони од класата „Клемансо“ француската морнарица го користеше речиси четири децении, а можеше да пренесе 40 авиони.
Воениот експерт Пепе Резенде вели дека носачот на авиони бил купен од бразилската морнарица за само 12 милиони долари во 1998 година, но биле потребни 80 милиони долари за негово реновирање, што никогаш не било направено.
Откако носачот беше расходуван, турска компанија за рециклирање на бродови го купи трупот за 10,5 милиони долари, но мораше да го врати назад преку Атлантикот откако турските власти му забранија на бродот да влегува во пристаништата.
Бразилската морнарица соопшти дека побарала од компанијата да го поправи носачот во бразилско бродоградилиште, но откако инспекцијата покажала дека постои ризик од потонување, морнарицата му забранила на бродот да влезе во бразилските пристаништа. После тоа е одлучено бродот да биде потопен на отворено море.