Загриженоста во врска со денешното одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев не треба да биде толкава поради бугарскиот шовинизам или бугарските здруженија, туку многу повеќе поради поделеноста на Македонците, кои не можат ниту на вакви големи настани да покажат цврсто единство и сплотеност. Затоа на земјава постојано ѝ се наметнуваат секакви непристојни предлози од страна на меѓународната заедница, која знае дека во едно разединето општество може сè да помине. Тоа го знае и Бугарија, која ја дочека својата шанса да испорачува безброј неразумни барања и да шири непријателска пропаганда кон Македонија, свесна дека македонското неединство е клучот за „бугарскиот успех“
Немирните времиња бараат национално единство во Македонија
Исходите од предизвиците со кои се соочи Македонија покажаа дека секогаш кога општеството е разединето, земјата претрпува само порази, кои полека но сигурно водат кон нејзино рекомпонирање како држава, што, во најмала рака, ќе биде погубно најмногу за македонскиот народ, кој нема резервна татковина.
Таа разединетост, особено во македонското ткиво, се демонстрираше со децении, создавајќи горчлив вкус во устата при секое одбележување на некој важен датум од македонската историја, претворајќи го постојано во настан од висок ризик, исполнет со меѓусебни навреди, физички пресметки, каменувања и разни други опструкции од едната или другата страна.
Оливер Спасовски: Македонија мора да покаже национално единство и ако го покажеме тоа, нема некој што може да нè загрози и нема да може да биде посилна пропагандата!
Така е и овој пат, кога наместо денешниот датум, 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, да биде одбележан со највисок пиетет, настанот се претвори во безбедносна операција од највисока категорија, со единствена цел како да се спречат тензии и инциденти.
Рака на срце, тензиите ги подгреаја најавите на бугарските фондации за масовно присуство на Бугари на овој настан, што само по себе не е никаков проблем, но проблематичен е нивниот негаторски став кон македонскиот народ, јазик и историја, а со тоа и кон делото на Делчев во однос на Македонија.
Сепак, загриженоста не треба да биде толкава поради бугарските граѓани или нивните здруженија, туку многу повеќе поради поделеноста на Македонците, кои не можат ниту на вакви големи настани да покажат цврсто единство и сплотеност. Затоа на земјава постојано ѝ се наметнуваат секакви непристојни предлози од страна на меѓународната заедница, која знае дека во едно разединето општество може сè да помине. Тоа го знае и Бугарија, која ја дочека својата шанса да испорачува неразумни барања и да шири непријателска пропаганда кон Македонија, свесна дека македонското неединство е клучот за бугарскиот успех.
– Во ниту едно време не одело лесно исполнувањето на стратегиските цели, но за овие прашања треба да имаме национално единство. На 4 февруари Македонија мора да покаже национално единство и ако го покажеме тоа, нема некој што може да нè загрози и нема да може да биде посилна пропагандата – апелираше во пресрет на настанот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Меѓутоа, национално единство не ѝ потребно на Македонија само денеска туку и во иднина, оти времињата што дојдоа покажуваат дека немањето внатрешна кохезија води само кон деструкција, која за македонскиот народ на крајот може да биде и погубна.
Социологот Ацевски: Главната одговорност за длабоката поделеност на нашето национално ткиво ја носат двете најголеми политички партии кај Македонците
Социологот Илија Ацевски се обиде низ една социолошка призма да го лоцира проблемот на таа внатрешна поделеност во македонското ткиво, која оди дотаму што дури и за работи како што се идентитетот, јазикот и историјата се кршат копјата и се раѓаат меѓусебни антагонизми.
– Сметам дека главниот проблем што доведе до толку длабока поделеност на нашето национално ткиво се политичките партии, особено двете најголеми политички партии кај Македонците. Тие партии се толку заслепени од власта и привилегиите што ги носи власта, што едноставно се подготвени да жртвуваат сè друго, вклучувајќи го и она што се наши национални интереси, само да дојдат или да останат на власт. Затоа и Бугарите ни го прават ова што ни го прават – вели Ацевски.
Тој смета дека партискиот антагонизам е намерно наметнат, само за да се дефокусира јавноста од реалните проблеми.
– Антагонизмот меѓу партиите има само една намена, да не се занимаваме ние со нивните криминали, корупцијата, нефункционалното судство, образование, здравство, со сите оние сериозни теми на државата. Затоа од ден на ден ни нафрлаат разни прашања само да се одвлече вниманието. Видовме преку примерите и инцидентите меѓу Македонците и на Илинден, но и на други празници, каква е таа партизираност, до кој степен е донесена што практично и најчувствителните, односно болните прашања, се ставени на една партиско-политичка пресметка. Тука тешко се постигнува национално единство – констатира Ацевски.
Според него, единствен начин во оваа земја да се постигне некакво национално единство и сплотеност, барем за најважните прашања, е двете најголеми македонски партии да седнат на заедничка маса и да се договорат за иднината на државата.
– Тоа национално единство, кое сите сакаме да го видиме, може да се постигне единствено така што двете најголеми македонски партии ќе седнат на маса и ќе ги утврдат главните стратегиски цели на државата, од кои никој нема да отстапи, ниту сега, ниту во иднина. Ако не се договорат за тоа, ќе нè снема. Околу 800 народи и етнички групи во светот ги снемало, илјадници други талкаат низ светот и немаат своја држава. Тоа се случува кога нема единство. Ние сме едни од ретките со само два милиони народ да имаме сопствена држава. Кога веќе сме ја имале таа среќа, тогаш не треба да ја прокоцкаме шансата и навистина крајно време е двете големи македонски партии да седнат и да се усогласат дека за некои прашања нема дискусија. Се постигнува еден консензус и сите го почитуваат тоа, без отстапки. Тоа го направи Грција, исто така се однесува и Бугарија – заклучува Ацевски.
Несомнено, дојдена е точката кога во земјава мора да се надминат поделбите врз партиска основа и да се воспостави национална свест за работите околу кои треба да се обедини македонското национално ткиво, оти во спротивно, разединети и раскарани, ќе станеме лесна цел за балканските чакали, кои само ја демнат својата шанса.