Пораките што ги испраќаат првите луѓе на владејачката ДУИ во себе кријат една опасна тенденција, која оди во иста линија со пораките што пристигнуваат од Софија, да се оспори државотворниот карактер на македонскиот народ, тој да се маргинализира и државотворноста да се префрли врз Албанците во земјава. Не случајно и целата политичка операција наречена „попис“ имаше цел драстично да го покачи процентот на Албанци во земјава, така што со месеци се попишуваше дијаспората, нешто што е статистички преседан од светски размери
Пораките што ги испраќа Ахмети од партиските трибини отидоа предалеку од зелената агенда
Македонскиот народ отсекогаш бил и ќе продолжи да биде носител на државотворноста на Македонија, иако во последно време има обиди да му се одземе ваквиот примат и тој да се изедначи и претстави како дел од преостанатите групи на граѓани, небаре е малцинство во сопствената земја.
Вакви суптилни обиди можат да се забележат во нарацијата на првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, кој видно загрижен поради внатрепартиските превирања, не само што одново почна да игра на националистичката карта туку почна и да го маргинализира мнозинскиот државотворен народ во оваа земја и сите заслуги за постигнувањата на земјата да им ги припишува на Албанците, претставувајќи ги како главен државотворен фактор пред сите други.
– Албанците и нивните сограѓани (?!) ја испратија државата во НАТО, па сега треба да ја испратиме и во ЕУ, но само со мудра и обединувачка политика. И покрај ризиците, ќе стигнеме до целта, бидејќи никогаш не сме го изгубиле патот до некоја дестинација ако сме со добра намера – изјави Ахмети, обраќајќи се на трибина пред партиското членство во Брвеница.
Истиот наратив го презеде и првиот вицепремиер Артан Груби, како и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Приоритетите се веќе променети, еднаш Албанците во ОБСЕ го презентираа насилството што беше вршено врз нив, а денес јас го водам ОБСЕ. Ова се моменти каде што е потребна решителност, бидејќи ние веќе не сме маргинализиран народ туку носители на важни одлуки – истакна Османи, јасно посочувајќи дека со ОБСЕ претседава Албанец, а не државата Македонија.
Од Мала Речица истите пораки како од Софија
Пораките што ги испраќаат првите луѓе на владејачката ДУИ во себе кријат една опасна тенденција, која оди во иста линија на пораките што пристигнуваат од Софија, да се оспори државотворниот карактер на македонскиот народ, тој да се маргинализира и државотворноста да се префрли врз Албанците во земјава. Не случајно и целата политичка операција наречена „попис“ имаше цел драстично да го зголеми процентот на Албанци во земјава, така што со месеци се попишуваше дијаспората, нешто што е статистички преседан од светски размери. На тој начин вештачки се билдаше државотворниот карактер на етничката заедница што повеќе од 20 години не дозволуваше да се спроведе обична статистичка операција само затоа што реалните бројки не ѝ одат во прилог.
Со сета почит кон нашите сограѓани Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други за нивниот придонес во градењето на државата, сепак никој не смее да го доведува под знак прашалник приматот на мнозинскиот македонски народ како носител на најголемиот товар при создавањето на македонската држава, како онаа асномската од 1945 година, така и онаа во 1991 година. Тој македонски народ (па, дури и да е лапсус на Ахмети) не може да биде во групата на „преостанатите граѓани“, бидејќи нема друга држава во која може да биде народ освен во оваа Македонија. Истиот тој македонски народ го постави курсот по кој се движеше државата во изминатите речиси 80 години, за разлика од „државотворците“ за кои говори Ахмети, кои ниту гласаа за Уставот на независна Македонија, ниту ги почитуваат државните симболи, уште помалку законите, а пред нешто повеќе од 20 години се дрзнаа и да го загрозат територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
Македонскиот народ нема резервна држава, а институциите треба да ги спречат ваквите испади
Затоа кога некој говори дека Албанците ја испратиле државата во НАТО, а сега се на пат да го направат тоа и за ЕУ, не треба да заборави дека македонскиот народ е тој што ги направи и уште ги прави најголемите жртви, затоа што нема друга резервна држава.
– Мислам дека тоа се провокативни изјави на Ахмети, тоа се пробни балони што се пуштаат да се види колку македонската јавност ќе ги проголта, но факт е дека Албанците имаат многу поголема моќ од онаа што реално е пресликана на теренот. Поради уценетата Влада, тие заземаат сè поголем простор. Ова не ме изненадува воопшто, бидејќи силата на уцени им е голема. ДУИ да не си го припишува тој атрибут дека тие нè вовеле во НАТО. Ако не гласаа Македонците, тие самите ништо не можеа да направат. Практично, Македонците нè однесоа во НАТО, иако жалам за жртвата што мораше да ја поднесеме. Ние сме тој државотворен народ и таков ќе останеме, без оглед што власта, тргајќи го АСНОМ од Уставот, сакаше да ја промени таквата перцепција. Тоа е неуспешен обид и се покажа дека е така – вели професорката Солза Грчева.
Според неа, сè почесто ќе слушаме ваква реторика на оспорување на државотворниот карактер на македонскиот народ само затоа што Владата е слаба и заради нејзиното опстојување на власт се дозволува буквално сè, па дури и маргинализирање на мнозинскиот народ.
– Ние треба да ги кажуваме работите такви какви што се. Премногу молчиме, премногу трпиме. Тука е крив македонскиот народ, не се Албанците. Тие пробуваат колку што можат да заземат поголем простор, а ние дозволуваме. Албанските политички партии навистина тераат националистичка агенда, тие одамна го прават тоа, а ние молчиме – констатира Грчева.
Сите обиди да се негира државотворната улога на македонскиот народ се во спротивност со Уставот
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, е категоричен дека носител на државноста во Македонија е македонскиот народ и затоа на целата територија во државата и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, не заради асимилација на националните малцинства, туку заради интеграција на сите.
– Македонија е држава на македонскиот народ, исто како што Албанија е држава на албанскиот народ, Србија е држава на српскиот народ, Бугарија е држава на бугарскиот народ, Грција е држава на грчкиот народ… Се разбира, во државата Македонија сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус и општествената положба – појаснува Петров
Тој, држејќи се до уставноправната регулатива, јасно посочува дека сите обиди да се негира државотворната улога на македонскиот народ се во спротивност со Уставот.
– Се разбира, амбициите за преуредување на уставноправниот поредок се различни, ги имало и ќе ги има, но не се релевантни, бидејќи се спротивни на Уставот. Државата Македонија е унитарна држава и таква ќе остане! На крајот од краиштата, и за државата Македонија важи меѓународното право, чиј основен принцип е „суверената еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. Меѓу Македонија и Албанија е потребен билатерален договор за Македонците во Албанија и Албанците во Македонија, со нотификација на основните човекови и граѓански права, во согласност со меѓународното право, поради реципроцитет во меѓусебните односи – заклучува Петров.