Европската вселенска агенција ќе користи роботска рака во мисијата за испраќање примероци од почвата од Марс на Земјата, соопшти организацијата.
– Тоа е роботска рака долга 2,5 метри, која ќе ги подигне цевките полни со скапоцена почва од Марс и ќе ги пренесе во ракета за историска меѓупланетарна испорака – се вели во соопштението на ЕСА.
Роботот наречен Семпл трансфер арм, или СТА, всушност е автономен и многу сигурен, што го прави идеален за својата единствена мисија.
– Роботот може да изведе низа движења со седум степени на слобода и со помош на две камери и низа сензори. Има држач сличен на рака, кој може да ги фаќа и ракува „цевките“ за примероци под различни агли – наведуваат од ЕСА.
Роботската рака сè уште не е на Марс, но ЕСА вели дека наскоро ќе „слета“ на Црвената Планета за да земе примероци од почвата што роверот „Персеверенсе“ на НАСА моментално ги собира.
– Раката има способност да гледа, чувствува и да донесува автономни одлуки, како и да ги отстрани цевките од роверот, да ги подигне од земјата и да ги стави во контејнер, а потоа да го затвори капакот пред полетувањето од Марс – се додава во соопштението.
Роверот „Персеверенсе“ ја прослави својата прва годишнина на Црвената Планета минатиот февруари, по лансирањето на 18 февруари 2021 година. Тоа беше највозбудливиот момент за американската вселенска агенција НАСА и многу важен чекор во истражувањето на Марс за да се одговори на прашањето дали некогаш постоел живот на оваа планета.
Дел од мисијата за испраќање примероци на Земјата ќе биде и „Еарт ретрн орбитер“ (EРO), кој ќе се сретне со нов робот и ќе извади контејнери со примероци од почвата на Марс. Потоа следува патување кон Земјата. Заедничката цел на ЕСА и НАСА е примероците да стигнат до Земјата до 2033 година.
Агенциите се надеваат дека ќе најдат фосилизирани организми во примероците, но веројатноста тие да содржат живи организми е многу мала. Исто така, се поставува прашањето дали е безбедно да се доставуваат такви организми на Земјата, бидејќи тоа го зголемува ризикот од потенцијална биоконтаминација, меѓутоа агенциите претходно нагласија дека можноста за тоа е речиси нула.