Сведоци сме дека во вжештена атмосфера почнаа и ќе се одвиваат активностите за промена на Уставот. Пратениците ќе бидат пред огромна дилема како да постапат во амандманската расправа, како и при гласањето. Како да се задоволат грчките барања, кои над нас висат како Дамоклов меч, а сепак да не се направи некоја груба повреда и на чувствата на македонскиот народ. Без оглед на моето мислење за уставните промени, сакам да укажам дека тие треба да се прават внимателно, затоа што, како што донесените решенија од Првото заседание на АСНОМ влегоа во историјата како позитивен и препознатлив национален настан, треба да се внимава некој да не биде осуден од историјата за она што го направил или не го направил подоцна.
Во асномските решенија нема иредентизам
Веќе првиот судир во Собранието на РМ ќе се случи со преамбулата на која, од грчка страна, се инсистира да се прецизира, или да се промени, или да се исфрли. Во преамбулата на актуелниот Устав на Р Македонија, како и пред да се промени, решенијата на АСНОМ имаат свое место. Тоа не било случајно, затоа што на ова заседание и со тие решенија се поставени темелите на оваа држава на македонскиот народ. Се разбира дека на преговарачите од грчката страна не им било доволно познато, ниту пак од македонска страна им било објаснето, дека во решенијата на АСНОМ, ама баш ниту во едно, нема иредентизам. Во ниту еден од овие документи не се повикува на обединување ниту, пак, на грижа за македонското малцинство надвор од Македонија. Такво нешто има во некои други документи, ама тие се или реферати или извештаи, или прогласи и слично, кои во политичка и историска смисла, а и во научна, се третирани како прокламирачки и перспективно акциски документи.
Во некои од нив се говори за обединувањето на македонскиот народ во историска перспектива, се зборува за македонско малцинство, но во државноправна смисла, каков што е случајот со преамбулата, тоа никого не го обврзувало. За тоа се говорело и во годините пред одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Видливо е дека на преговарачите од РМ не им било јасно дека документите на АСНОМ, чии оригинали се чуваат во Државниот архив на Р Македонија, се толку обемни, што само еден нивни дел е објавен во седум книги, односно на околу 4.000 страници, и од тие историски документи никако не би било можно да се избрише терминот Македонија, ниту идејата за обединување на македонскиот народ, ниту идејата за грижата за неговите делови надвор од нејзините граници, бидејќи тоа би значело бришење на документите, на историјата, а и на државата.
За што станува збор
Првото заседание на АСНОМ донело вкупно девет документи со државно-конститутивен карактер, иако сите тие не се рангирани и немаат исто државотворно значење. Државно-конститутивен карактер, во уставната смисла на зборот, имаат само Решението за одобрување на решенијата, наредбите и другите активности на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, Решението за утврдувањето на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на Македонија, Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во Македонија, Решението за прогласување на 2 Август за државен празник (национален празник) на Македонија и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија. Другите четири решенија се Решението за основање законодавна комисија, Решението за основање државна комисија за утврдување на престапите на окупаторот, Правилникот за работата на АСНОМ и Решението за искажување благодарност кон Народноослободителната војска на Македонија, и тие имаат поинаков карактер отколку првоспоменатите. Тие имаат таков карактер да помогнат во реализацијата на основните документи или, пак, имаат протоколарен или деловнички карактер или, пак, се во функција на извршувањето на клучните документи.
Главен автор на овие документи бил д-р Владимир Полежиноски, роден во Кичево, кој бил доктор по право од француската „Сорбона“, упатен правник и државник, чии познавања дошле до израз особено при подготвувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните, кое го направил по примерот на француското право. Полежиноски и групата околу него и тогаш биле свесни дека македонскиот народ, кому му се негирала неговата самобитност, не треба да создава држава на сметка на своите соседи и поради тоа не допуштил во нив да се демонстрира иредентизам.
Создавање на државата
За да биде појасно за читателот, ќе се обидеме да ги искоментираме овие клучни документи што го сочинуваат т.н. асномски устав, за да се види зошто во преамбулата на Уставот на РМ свое место добија решенијата (одлуките) на АСНОМ.
Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, извршувајќи ги своите функции, ГШ како највисок воено-раководен орган, а ИО како привремен претставнички и законодавен орган и највисок орган на власта, презедоа повеќе активности во воени услови, кои беше нужно да се постават пред избраните делегати за Првото заседание на АСНОМ на одобрување. Станувало збор за судбински прашања. Треба да се спомне дека Иницијативниот одбор ги направи разговорите со Националниот комитет за ослободување на Југославија судбински за иднината на Македонија, а Главниот штаб го издаде Манифестот на Главниот штаб со кој, исто така, беше проектирана иднината на Македонија по ослободувањето, тогаш во рамките на југословенската заедница. Потврдувањето на она што беше направено од ГШ и ИО со решението беше неопходно за да се заокружи првата фаза на борбата на македонскиот народ, односно периодот пред АСНОМ. Ова решение е со длабок државотворен континуитет на борбата и затоа ги содржи елементите на државотворен акт.
Решението за утврдување на АСНОМ за највисоко претставничко тело и за највисок законодавен и извршен орган на македонската држава има повеќестрано значење. Со него се прогласи создавањето на македонската држава. Со него е искажано правото на самоопределување на македонскиот народ. Се утврдија државните органи што треба да продолжат со работа од законодавниот, извршните, па до локалните. Ова решение всушност ја означи втората етапа, бидејќи определи како да функционираат органите на власта, државните органи. Затоа ова решение може да се смета за основен државотворен акт во целата таа група од документи. Постоењето на државата не беше можно без да се утврдат нејзините органи, па затоа тие две прашања одат едно покрај друго. Ова решение го означи и фактичкото и правното признавање на државната индивидуалност, но тоа истовремено беше и гаранција за остварувањето на „суверената волја“ на народот, промовирана уште во првиот член на тоа решение. Тоа за Македонија, за разлика од некои други држави во федерацијата, имаше изворно и многу поголемо и многу поинакво значење.
Иако подготвувана во воени услови, Декларацијата на АСНОМ за основните права на Демократска Македонија понудува широки права и слободи за човекот и граѓанинот. Тоа имаше длабоко суштествено значење, бидејќи Декларацијата претставуваше своевиден „мал устав“ во доменот на човековите права. Таа прокламира целосна рамноправност пред законите без оглед на националноста, расата, полот и вероисповедта на граѓанинот. Високо достигнување на Декларацијата претставуваше правото на слободен национален живот, што значеше признавање на сите малцински права на сите национални заедници. Токму составот на населението во Македонија го обврзувал АСНОМ сериозно да се однесува кон ова прашање на македонските граѓани и него да го реши, како што би можело да се каже, на европски начин. Освен тоа, македонскиот народ, кој во своето историско минато не бил признаен за посебна нација, за посебен ентитет, им ги признал правата на другите граѓани припадници на другите национални и етнички заедници, со што покажал мошне висока доблест.
Јазикот и празникот
Државотворен акт со политичко и историско значење за оформување на македонската држава и системот на нејзината државна власт има Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во државата. Во Македонија, македонскиот јазик бил во употреба и до АСНОМ, но како народен говорен јазик. Неговото воведување како официјален, без сомнение, значеше негова употреба на државно ниво, затоа што секоја земја мора да има свој службен јазик, нешто по кое таа е препознатлива во светот. Но, освен тоа, со ова решение се создадоа законодавни претпоставки за неговиот натамошен развој, односно за неговото натамошно кодифицирање и оформување во современ јазик. Сличен карактер има Решението за прогласувањето на Илинден, 2 Август, за народен државен празник во македонската држава. Со тоа илинденската традиција присутна во антифашистичка војна и пред неа ја доби својата трајна верификација.
Понапред спомнавме дека треба да се прави разлика меѓу документиве што ги наведовме и кои се со правни и државотворни одредби и другите документи што биле разгледувани, дискутирани, прокламирани или со нив е прокламирано одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Таквите документи се многубројни, но не и конкретно обврзувачки. Во една поширока проспекција да, но кога станува за уставната преамбула – споменувањето на АСНОМ во неа не може да се однесува на нив и најдиректно не се однесува. Според тоа, може слободно да се заклучи дека не само што не е неопходно туку и не е потребно, да не кажеме и штетно, доколку во преамбулата на Уставот на НРМ би се интервенирало во насока на она што е кажано понапред.
проф. д-р Новица Велјановски