Како што слабеат врските на избирачите со политичките партии и опции, поради редица „извесни и неизвесни“ причини, зајакнуваат личностите на поединци што стануваат важни во политичкиот живот, практика што според искуствата во развиените демократии битно влијае за т.н. персонализација на политиката. На некои работи ќе се потсетиме, а некои ќе ги повториме, за да не се подзаборави во виорот и молскавичниот од пеш по светот… Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата се многу често изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати, непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Она нешто што е видливо и со голо око е дека – нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како Земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно и тоа е секогаш нашето мислење и уверување. Во другите сфери, особено оние политичките, други поинакви мислења или авторитети не постојат. Тоа во сиот транзициски период е темна зона во која се проектираат манипулации, задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри.
Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои политиката ја сфатија и ја практикуваа како „конјуктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, грабеж, корупција, егоистично и неморално однесување. Тоа е дел во низата од причини што набрзина ги урна нивото и онаа малку доверба во оваа сфера, за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи.
Тоа од една страна го стесни просторот и го ограничи дејствувањето на вистинските авторитети и ја верифицира тезата дека секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во конјуктурната и недоволно созреана сфера на политиката.
Ситуацијата е безмалку апсурдна. Процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата триесетгодишна плурална пракса се трасираше со методите на политичкиот „шорт кат“ и се гради и надградува најчесто врз нереална подлога. Многу од кадровските решенија во нашата политичка практика претставуваат импровизација и, се разбира, се предмет на внимание и сомнеж кај електоратот.
Опстојува и преовладува мислењето за авторитет како за ниво и човечки формат создадено најчесто од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес.
Препознавањето и почитувањето на вистинските вредности е силно отежнато и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност вешто ја избегнуваат проверката на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.
Можеби и затоа малку имаме политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира, во една рационална и поднослива мера.
Авторитетот, пред сѐ, треба да ја претставува силата на нечие име изградено низ макотрпна пракса како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и без поговор би го следеле до степен на морална и културна подносливост, некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и едноставно – човечки референции да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина.
Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена допрва се наѕира и се профилира во ликот на чесни, вредни поединци, со резултати, визија и искуство и, пред сѐ, со висока одговорност и етика. Тоа ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Но ако праксата е критериум на вистината, а резултатите на политичкото дејствување се огледаат, проверуваат и верифицираат во реалниот живот, појава на автентични политички авторитети се насетува во генерација млади образовани и надарени политичари (од позицијата и од опозицијата), кои токму во вителот на историските премрежиња се појавуваат, зреат и трпеливо, но сигурно се исцртуваат и верифицираат како наредни политички авторитети, државници со визија за идните поколенија на кои ќе им веруваме и ќе ги славиме.
За крај и она што исто така загрижува. Тоа е сложениот и трнлив пат на создавање и негување и на авторитетни новинарски пера и брендови, партиципиенти, толкувачи, столбови на македонското медиумско битие. Такви има сѐ помалку, нови тешко се создаваат. Сето тоа заедно ја создава грдата слика на дејноста и еснафот, кој е најпрвин силно поларизиран, а потоа и во голем дел депрофесионализиран.
Аљоша Симјановски