Вештите криминалци користеле реклами на социјалните мрежи за да ги намамат жртвите да влезат на веб-страниците што биле тајно управувани од криминалците, при што се нуделе навидум исклучително добри можности за инвестирање во криптовалути. Според процените на истражните органи, ако се земат предвид сите досега достапни податоци и процените на состојбата, тоа би значело дека нелегалната добивка што ја имаат остварено криминалните групи по гореспоменатиот основ, со вклучување најмалку четири повикувачки центри во Источна Европа, може да изнесува повеќе стотици милиони евра
Криминална организација од четири европски земји оперирала низ целиот свет
Сѐ поголем е бројот на интернет-измамници, а истовремено и на интернет измамени во светот, на Балканот и во Македонија. Криминалните шеми се развиени до тој степен, раширени со варијанти и подваријанти, што веќе е многу тешко надлежните за откривање на ваков криминал навремено да предупредат или да превенираат вакви форми од криминал. Сепак, речиси насекаде, во сите земји се појавуваат апели од надлежните, со предупредување до граѓаните дека од сите страни ги демнат измамнички шеми и добро да анализираат пред да се впуштат на „непознат, а привлечен терен“. Таков беше неодамнешниот случај во соседна Србија, каде што група криминалци испраќаа пораки до поединци со тврдење дека се наследници на огромни богатства.
Во полн ек насекаде, па и кај нас, се и инвестициските измами, кои на граѓаните им нудат брза и лесна заработка од удобноста на нивните домови, на кои, за жал, наседнуваат сѐ поголем број поединци.
Голема онлајн инвестициска измама откриена од надлежните во Бугарија, Кипар, Германија и Србија
Токму деновиве една таква нова голема онлајн инвестициска измама беше откриена од страна на полициските и правосудните органи на Бугарија, Кипар, Германија и Србија. Со поддршка и координација на Европол и Европравда, безбедносните и правосудните органи во овие држави заеднички се здружија против организирани криминални групи вклучени во онлајн инвестициската измама.
Криминалната мрежа се состоела од голем број различни криминални актери што работеле преку повикувачки центри, од каде што успешно ги мамеле жртвите да инвестираат големи суми пари во лажни шеми за криптовалути.
Според она што е официјално соопштено, досега во соседна Србија биле уапсени 14 лица, а во Германија едно, додека пак на разговор во полиција биле повикани 261 лице. За 42 лица од Бугарија, две во Кипар, три во Германија и 214 лица во Србија се подготвуваат кривични пријави.
Полициите извршиле претрес на 22 локации и откриле четири повикувачки центри и 11 објекти во кои се реализирале криминалните планови и шеми во Србија. Во Бугарија биле откриени три објекти што ги користеле припадниците на групата, а тие имале формирано и две легални фирми што се користеле за извлекување на парите.
Биле запленети три хардверски паричници по принципот на познатите паричници каде што се чуваат биткоините, со околу 1.000.000 американски долари во криптовалути и околу 50.000 евра во готовина, три возила, електронска опрема и резервни копии на податоци и документи.
Како функционирал мамката?
Осомничените користеле реклами на социјалните мрежи за да ги намамат жртвите да влезат на веб-страниците што биле тајно управувани од криминалците. Тие нуделе навидум исклучителни можности за инвестирање во криптовалути. Жртвите, главно од Германија, прво инвестирале ниски, трицифрени суми, за потоа да наседнат на атрактивните понуди и да вложуваат цело богатство.
Искористувајќи го покачувањето на цените на глобално ниво, измамниците им ветувале на инвеститорите одлични шанси за големи профити, за да ги убедат да влезат во шемата, а потоа постепено да инвестираат уште повисоки средства.
Според досегашните податоци, се проценува дека финансиската штета на измамените германските граѓани е над два милиони евра, додека измамени има и во други земји, како Швајцарија, Австралија и Канада, каде што дополнително ќе се утврдува обемот на штетата што им е нанесена на наивните инвеститори.
Истрагата сугерира дека бројот на непријавени случаи најверојатно ќе биде многу поголем, бидејќи, како што е вообичаено во вакви случаи, нема сите измамени да пријават дека биле жртва на измамничка шема. Според процените на водачите на целата истрага, ако се земат предвид сите достапни податоци и процените на состојбата, ова би значело дека нелегалната добивка што ја имаат остварено криминалните групи, со најмалку четири повикувачки центри во Источна Европа, може да изнесува стотици милиони евра.
Оттаму уште еднаш апелираат на постојана будност и внимателност при користењето на социјалните мрежи, затоа што криминалците постојано наоѓаат нови начини за измама на корисниците на мрежата.