Еден од главните предизвици е наоѓање решенија и практики чија цел е да ја намалат потрошувачката на ресурси и други негативни еколошки влијанија од филмската продукција, велат од „Балкан синема ситис“
Здружението за поддршка и производство на долгометражни и краткометражни филмови и поддршка на развојот на филмската дејност „Балкан синема ситис“ (БСС) е основано во 2015 година, како регионална филмска платформа што ја поттикнува меѓурегионалната и прекуграничната соработка. Освен стимулација во уметничката и креативната размена низ цела Европа, здружението ги вмрежува домашните и странските професионалци и често отвора дискусии за значајни теми за аудиовизуелниот сектор во целина. Здружението веќе седум години успешно придонесува за развој на филмската дејност како регионален фонд.
– Активностите по формирањето на овој фонд беа проактивни и препознаени како значајни. Имаше поддршка и на локално и на централно ниво, не само во нашата земја туку и во земјите на нашите партнери од балканските земји. Нашите тела, кои се сочинети од домашни и меѓународни експерти, говорат за нашата сериозност кон оваа дејност – велат од „Балкан синема ситис“.
Тие неодамна одржаа прв форум за локални практики во филмската дејност.
– Филмскиот сектор е динамичен. За да биде конкурентен и да придонесе за поголеми можности и придобивки на државата во целина, потребно е да ги следи трендовите, потребите на секторот, како и да ги решава прашањата што се наметнуваат и се важни. Добро е што овие теми побудија интерес кај сите чинители, односно учесници на форумот. По подолг временски период, на иста маса проактивно дискутираа учесници што се дел од локално, централно и секторско ниво. Вмрежувањето, давањето информации и поттикнувањето акции се најдобар начин да се придвижат сите – велат од здружението.
Една од аспирациите на здружението е зелен аудиовизуелен сектор.
– Темата „Зелен аудиовизуелен сектор“ на европско и светско ниво е многу актуелна во последниве години и многу филмски продукции ги истражуваат еколошките прашања или повикуваат на поодржлив начин на живот. Сметаме дека е од огромно значење и голема придобивка што прашањата за зелен аудиовизуелен сектор ги отворивме и во Македонија. Еден од главните предизвици е наоѓање решенија и практики чија цел е да ја намалат потрошувачката на ресурси и други негативни еколошки влијанија од филмската продукција. Со овој форум првпат кај нас беше отворена темата за екопрактики во филмската дејност во согласност со меѓународните искуства, особено европските трендови, и се направи нов исчекор при примена на екопрактиките, кој иако е нов има позитивни примери дека може да биде применлив во практика. Во согласност со дискусиите, на форумот беа детектирани одредени предизвици, но и проблеми што можат да поттикнат идни процедури, практики и поддршки на централно, но и на локално ниво – посочуваат од „Балкан синема ситис“.
Дигитализација на кината и поддршка на дистрибутивната инфраструктура исто така беше тема на разговор.
– Во еден дел од овој форум се говореше и за дигитализацијата на филмското наследство, пред сѐ како можност за полесен пристап до колекциите и развој на филмската култура. Дистрибутивната инфраструктура и киноприкажувањето се многу значајни од аспект дека кината имаат силна социjална функциjа како место за социjализациjа, естетско доживување и култура на живеење. Токму затоа беше отворено и прашањето за дистрибутивната инфраструктура како поттикнување на вмрежувањето на кината и соработка помеѓу нив како на локално така и на централно ниво. Дистрибуцијата и киноприкажувањето секогаш треба да бидат дел од актуелните теми и дискусии доколку сакаме да ги промениме состојбите во овој сектор – истакнуваат од здружението.
„Балкан синема ситис“ во соработка со експерти од оваа област и во иднина ќе продолжи да дејствува со иницирање настани на овие теми и во периодот што следува ќе даде идеи за заедничко дејствување и ангажман во овие области.
– Проактивно продолжуваме да дејствуваме, да пренесуваме знаење, да предлагаме и иницираме значајни проекти за развој на овој сектор. Сето ова е продолжување на делото и визиите за овој сектор, кој започна да го создава продуцентот Димитар Николов-Таки, клучниот двигател и иницијатор на сите процеси и идеи во работењето и функционирањето на БСС. Претходниот период без него за сите нас беше малку тежок, но желбата и визијата да придонесеме во аудиовизуелниот сектор е поголема и продолжуваме понатаму по планираниот пат и кон реализирање на целите, со акцент на општото подобрување на состојбите во филмскиот сектор – велат од „Балкан синема ситис“.