Официјална намена на софтверот Пегасус е за пресретнување на криминалот, тероризмот и трговијата со дроги, но проблемот настанува кога се случува негова злоупотреба

Холандската европратеничка, која е главна истражителка на Европскиот парламент за употребата на шпионски софтвер во Европа, изнесува низа загрижувачки информации до кои дојде одборот наречен Пега, а кои се содржани во најновиот извештај што треба да биде комплетиран годинава. Во интервјуто, за незаконската употреба на шпионски софтвер во Европа таа вели дека е споредлива со скандалот Вотергејт, случајот со прислушувањето што доведе до оставка на американскиот претседател Ричард Никсон во 1974 година, „но е многу, многу полоша“

Холандска европратеничка открива детали за шпионски софтвер во земјите на ЕУ

Електронското шпионирање на граѓаните не е карактеристично само за автократските држави, туку новинарите и политичарите се шпионирани и од неколку европски влади, вклучувајќи ги и Шпанија, Грција, Унгарија и Полска. Ова сериозно обвинување го изнесе европратеничката Софи Инт Велд, известувачка на одборот Пега на Европскиот парламент, во своето интервју за магазинот „ЕУобсервер“.
Како што веќе пишувавме, Европскиот парламент формира посебен одбор Пега, за да истражува што се случува со шпионската опрема за мобилни телефони во земјите низ Европската Унија. Извештајот се подготвуваше седум месеци, а сознанијата се поразителни.
Во интервјуто поттикнато од извештајот, за незаконската употреба на шпионски софтвер во Европа таа вели дека е споредлива со скандалот Вотергејт, случајот со прислушувањето што доведе до оставка на американскиот претседател Ричард Никсон во 1974 година, „но е многу, многу полоша“.

Сите земји имаат шпионски софтвер, но не го злоупотребуваат сите

Никаде, во ниедна држава од Европската Унија, не е дозволено со закон да се хакира компјутер или мобилен телефон со шпионски софтвер, затоа што тоа е најинвазивниот метод за злоупотреба на човековите права. Ова е еден од заклучоците на Пега, во неговиот извештај за правната рамка во Европа за употребата на шпионскиот софтвер Пегасус.
– Не станува збор за неколку изолирани инциденти каде што некои влади ја преминале границата. Треба да се знае дека сите земји-членки имаат шпионски софтвер на располагање, без разлика дали го признаваат тоа или не. Но, исто така, да се знае дека не сите земји-членки користат шпионски софтвер незаконски – предупредува Инт Велд.
Според нејзините зборови, владите соработуваат со „непробоен лавиринт од лица, локации, врски, сопственички структури, компании од поштенски сандачиња, корпоративни имиња што постојано се менуваат“ и купуваат шпионски софтвер, често преку посредници, „од криминалци или квазикриминалци“.
– Израелските компании за шпионски софтвер доминираат во секторот и ги шират своите операции низ Европа, искористувајќи ги слабото спроведување на извозот и поволните даночни аранжмани во Ирска и во други земји – додава таа.
Извештајот, кој беше делумно претставен во ноември и кој треба да биде финализиран годинава, укажува на неколку загрижувачки случаи. Таков е примерот кога компромитирачки материјали биле извлечени од телефони од страна на полската влада, а потоа употребени за кампањи за оцрнување на новинарите.
Унгарската влада употребила шпионски софтвер на најмалку 300 телефони на невладини организации и поединци поврзани со американско-унгарскиот бизнисмен Џорџ Сорос.
Политичарите од највисоко ниво во Грција користеле шпионски софтвер за прикривање на корупцијата, а шпанската влада користела шпионски софтвер за 65 Каталонци, наводно во врска со движењето за независност.

Во користењето на софтверот се вклучени 14 земји-членки

Централен играч во целата оваа операција, според извештајот, била израелската групација „НСО груп“, која им продавала Пегасус и други производи на 22 крајни корисници во 14 земји-членки, вклучувајќи ги Полска, Унгарија, Шпанија, Холандија и Белгија.
Медиумите што ја следат оваа проблематика укажуваат дека САД ја ставиле израелската компанија на црната листа, а истовремено развиваат ново законодавство за третман на шпионски софтвер.
Некои од жртвите третирани со софтверот веќе поднеле први жалби. Технолошките гиганти како „Мајкрософт“ и „Епл“ поведоа правни процедури против компаниите за шпионски софтвер. „Епл“ во своето соопштение ја опиша групата НСО како „аморални платеници од 21 век“, кои „напаѓаат, напаѓаат и наштетуваат… за своја комерцијална корист“.
– Но она што изненадува е дека европскиот одговор засега е придушен. Европскиот совет допрва треба да одговори, а Европската комисија, која и самата беше хакирана, нема „апсолутно никаков интерес“ да го продолжи прашањето – вели Инт Велд.
Европол, агенцијата за спроведување на законот на ЕУ, досега одбиваше да го истражи случајот, тврдејќи дека тоа е исклучиво национална работа.
– Европската комисија е многу строга во однос на заканите за демократијата на други места во светот, но кога станува збор за нејзините членови, таа претпочита да остане тивка – вели холандската европратеничка, која е главна истражителка на парламентот за употребата на шпионски софтвер во Европа.
Таа истакнува дека граѓаните имаат право да знаат што се случува, но укажува на една интересна појава. Инт Велд вели дека од сите 27 влади на ЕУ до кои таа испратила прашања, само Австрија, Кипар и Полска одговориле, притоа го навеле само „неизбежното“.
– Делумно поради ова, недостигаат цврсти докази – додава таа.


За што служи Пегасус

Официјална намена на софтверот Пегасус е за пресретнување на криминалот, тероризмот и трговијата со дроги, но проблемот настанува кога ќе се излезе надвор од овие граници. Тогаш се случува злоупотребата на шпионски софтвер, која не само што го нарушува правото на приватност на индивидуите туку и ги поткопува демократијата и демократските институции, ги замолчува опозицијата и критичарите, ја елиминира контролата и има ефект на „ладење“ за слободното новинарство и граѓанското општество. Таа злоупотреба, меѓу другото, служи и за да се манипулира со изборите.