Фото: Маја Јаневска-Илиева

Верувам дека сите репрезентативци се свесни дека само со голема мотивираност, верба во себе, борбеност и огромна дисциплина во спроведување на тактиката во целост, ќе имаме сили и знаење да направиме поволен резултат против репрезентациите на Холандија и на Аргентина за влез во втората фаза, вели Магдинчев

РИСТО МАГДИНЧЕВ, ПОРАНЕШЕН РАКОМЕТЕН ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР

Сигурно е дека на Светското првенство ќе гледаме брз и динамичен ракомет, со голема ефикасност и тактичко надмудрување, вели поранешниот истакнат македонски ракометен тренер и селектор Ристо Магдинчев, кој го анализира актуелното Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска, за тоа каков ракомет ќе доминира, шансите на Македонија, фаворити за златниот медал, изненадувања…
– Ракометот сѐ повеќе ја усовршува брзата игра, особено транзицијата, која, пак, станува сѐ позначаен сегмент во делот на тактиката. Пасивниот напад повеќе не дозволува подолг посед на топката, па нападите се пократки, со брза завршница. Затоа и ќе гледаме што побрз гол од транзиција на неорганизирана одбрана. Но сигурно нема да се запостави одбраната, оти таа е столбот на победата. Верувам дека репрезентацијата што ќе ја синхронизира добрата одбрана со транзицијата ќе биде поуспешна од другите. Да не ја заборавиме и индивидуалната тактика, која многупати го решила натпреварот, а на ова СП има многу квалитетни индивидуалци – вели Магдинчев.
Според Магдинчев, и Македонија веќе почна да ги применува брзата игра и транзиција.
– Македонската репрезентација не е повеќе премлада и неискусна. Се направи добар микс на поискусни и млади играчи, и тоа треба да функционира. Ако условно земеме дека седморката Никола Митревски, Дејан Манасков, Филип Талески, Филип Кузмановски, Мартин Серафимов, Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски, е искусна постава, просек на години 28-29, и се додаде остатокот од селекцијата, 20-22-годишници, кои поминале квалификации, Европско првенство, ќе видиме дека имаме квалитетен микс на репрезентација, која ќе го докаже тоа на теренот. Македонија почна да ги применува брзата игра и транзиција, на која инсистира селекторот Кирил Лазаров, и тоа е многу, многу добро.

Верувам дека имаме играчи за брза игра, но никако не смееме на сметка на транзицијата да ја запоставиме одбраната, затоа што ќе ги „изгубиме“ голманите. Тоа се виде на последните два контролни дуела. Ќе правиме грешки, но мора да истраеме. Верувам дека сите репрезентативци се свесни дека само со голема мотивираност, верба во себе, борбеност и огромна дисциплина во спроведување на тактиката во целост, ќе имаме сили и знаење да направиме поволен резултат против репрезентациите на Холандија и на Аргентина за влез во втората фаза. Тактичките задачи на Лазаров мора да бидат спроведени во целост, оти без тоа нема успех – вели Магдинчев.
Магдинчев вели дека Македонија, која осми пат ќе настапи на СП, може да го помине првиот круг, односно да биде меѓу првите три селекции во групата Ф.
– Шансите на Македонија да го помине првиот круг не се неостварливи. Имаме две репрезентации во групата против кои треба да го бараме влезот во втората рунда. Холандија и Аргентина се во предност, но исклучиво поради тоа што речиси сите нивни репрезентативци играат во најсилните европски лиги. Многумина од Холандија се во Бундес-лигата во квалитетни клубови, како што се Кај Смитс, Магдебург, Евет Којман, Вестфален, Том Јансен, Гумерсбах, Боби Шаген, Нико Блаув и Нилс Верстејнен, Лемго и првата ѕвезда на тимот Лук Стеинс, ПСЖ. Речиси сите репрезентативци на Аргентина се во шпанската Асобал-лига, со исклучок на нивниот најдобар играч Диего Симонет, кој е еден од главните ракометари на француски Монпелје – рече Магдинчев. Г.И.


Шведска е прв фаворит, типувам на Исланд

Фаворити во претходниве години се речиси исти репрезентации. За мене, Шведска е прв фаворит поради вицешампионската титула од последното Светско првенство, златото и МВП-играчот од Европското првенство, а згора и игра дома. Потоа Данска, како светски првак со плејада врвни ракометари, како Микел Хансен, Никлас Ландин…, Франција, која од заминувањето на голманот Тиери Омејер, мака мачи да дојде до стандардната форма и да освои медал, а има фантастични играчи, и секогаш непредвидливата Шпанија, која секогаш е во борба за медал. Типувам на Исланд, кој ќе биде освежување на ова СП, оти има најдобра бековска линија, Палмерсон, Гисли и Магнусон, поддржани од голманот Халгримсон, кои можат секого да победат, а со тоа да се вмешаат во борбата за медал. Како изненадување за медал би ги издвоил Норвешка, Германија и Хрватска, вели Ристо Магдинчев.


СП 2023 – ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Чиле – Иран 18 ч.
С. Арабија – Словенија 18 ч.
Зелено`ртски О. – Уругвај 18 ч.
Унгарија – Ј. Кореја 18 ч.
Шпанија – Ц. Гора 20.30 ч.
Шведска – Бразил 20.30 ч.
Исланд – Португалија 20.30 ч.