Бакарот е метал чија електрична спроводливост го прави незаменлив во производството на зелени технологии. Токму во врска со тој метал аналитичарите тврдат дека побарувачката ќе расте на среден рок, додека зголемувањето на понудата ќе биде многу побавно…
Во текот на изминатите неколку години, многу аналитичари и рударски експерти предвидоа недостиг од бакар на глобалните пазари поради „енергетската транзиција“. Најголемите светски економии се обврзаа да ги намалат емисиите на јаглерод преку намалување на нивната зависност од фосилни горива. Тие градат соларни панели, турбини на ветер и електрични возила за да ги направат обновливите извори на енергија примарен извор на енергија. Сите овие амбиции, сепак, бараат значителни количества бакар, метал чија електрична спроводливост го прави незаменлив во производството на зелени технологии.
Побарувачката за бакар беше под огромен притисок во 2022 година поради политичките тензии и забавувањето на економскиот раст во САД, Европа и во Кина. Металот сега се тргува по околу 8.300 долари за тон и сè уште е поевтин за 20 отсто од минатогодишниот врв во март. Сепак, аналитичарите го тврдат истото тоа: побарувачката ќе расте на среден рок, додека зголемувањето на понудата ќе биде многу побавно. Аналитичарите на Голдман Сакс очекуваат цената на бакарот да достигне дури 11.000 долари за тон до крајот на 2023 година.
Главниот извршен директор на „Гленкор“, еден од најголемите производители на бакар, Гери Нагл, предвидува „голем дефицит“ од бакар, кој би можел да достигне кумулативни 50 милиони тони во периодот до 2030 година.
Акциите на бакар на меѓународните берзи се движат на рекордно ниско ниво. Според Меѓународната група за проучување на бакарот (ICSG), само два големи рудници за бакар биле пуштени во употреба помеѓу 2017 и 2021 година. Изградбата на новите рудници трае многу години. Во моментов само два нови проекта, Камоа Какула на Ајванхо Мајнс во Демократска Република Конго (ДРК) и рудникот Келавеко на Англо Америкен во Перу, моментално го зголемуваат производството.
Во Чиле, најголемиот светски производител на бакар, се очекува производството да падне за 5,8 отсто оваа година, според владините процени. Чилеанскиот државен Коделко, најголемиот рудар за бакар во светот, рече дека производството опаднало во првите девет месеци од 2022 година и дополнително ќе опадне следната година поради послабите сорти на руда. Овој месец панамската влада ѝ нареди на канадската компанија „Фрст квантум минералс“ да ги запре операциите во рудникот за бакар Кобре Панама, откако не успеаја да се договорат за провизиите според новиот договор. Во Перу, протестите на локалната заедница ги нарушуваат производството и испораката на бакар.
Во Русија, гигантскиот проект „Удокан бакар“ треба да започне со производство годинава, со годишен капацитет од 135.000 тони бакар. Со повеќе од 26 милиони тони резерви на бакар, Удокан е едно од најголемите наоѓалишта на бакар во светот. Сместен на далечниот исток на Русија, во близината на кинеската граница, тој е идеално позициониран да го испорача металот во Кина, на која отпаѓа повеќе од половина од светската потрошувачка на бакар. Кина веќе е најголемиот светски производител на електрични возила, соларни панели и електрични батерии. Развојните планови на земјата вклучуваат зајакнување на капацитетот на обновливите извори на енергија и зголемување на уделот на електричните возила во вкупната продажба на автомобили. Овие иницијативи ќе бараат дополнителни количества бакар, а Удокан би можел да ѝ помогне на Кина поради нејзината географска близина.